57. по ред Рацинови средби ќе се одржат на 25 и 26 септември, на отворената сцена на амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес, кога ќе им бидат врачени и Рациновите признанија на овогодинешните добитници.
Писателот Томислав Османли е добитник на Рациновото признание за 2020 година, за книгата раскази „Парадоксикон” во издание на „ВиГ Зеница” од Скопје.
Жири комисијата за доделување на Рациновото признание за прозно дело за 2020 година во состав академик Катица Ќулавкова, претседател и членовите Трајче Кацаров и Гордана Јовиќ – Стојковска, одлучи да му припадне на писателот Томислав Османли, за кого несомнено последнава година беше посебно авторски плодна година во која на читателската публика им подари низа авторски дела.
– „Рациновото призанание претставува голема почест, каква што, впрочем, носи едно од највисоките македонски книжевни награди. Таа награда покажува дека Рациновото возвишено книжевно дело – косполитско и воедно силно нацинално во колоритноста на јазикот и на мотивите – продолжува да го инспирира и силно да го означува македонското литературно творештво. Проверката на неговата литература низ децениите и нејзините премини преку меридијаните, ме зацвртува во увереноста дека Коста Солев – Рацин ја има постигнато парадигмата кон која стремат најголемите светски писатели, безграниноста и безвременоста на (неговите) книжевни творби – изјави за нашиот портал авторот Османли.
Од организацискиот одбор во состав Аце Коцевски, претседател и членовите проф. Кристина Николовска, проф. Људмил Спасов. Проф. Гоце Ристовски и проф. Стефани Андреевска донесе одлука почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Република Македонија да се додели на проф. д-р Виктор Фридман од Чикаго- САД и проф. д-р Јоуко Сакари Линдстет од Хелсинки, Финска.
Сите настани кои се дел од 57. Рацинови средби ќе бидат одржани според протоколите и мерките за заштита од ширење на Ковид-19.