Прославени 30 години дипломатски односи со Јапонија, а “Билјана платно белеше” и “Македонско девојче” изведени во рамките на Гагаку ексклузивата

11.10.2024

На 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, меѓу Јапонија и С. Македонија, Амбасадата на Јапонија во нашата земја вчера организираше настан со кој прикажа дел од својата горда традиција.

Концертот во Даун Пашиш Амам (Национална галерија) со Гагаку уметност- тип на јапонска класична музика која историски се изведувала во царските дворови и во некои храмови, беше просто воодушевувачки спој на историјата и уметноста, а македонската публика имаше можност во него да ужива со полни гради.

Неговата екселенција, јапонскиот амбасадор Оцука Казуја ја поздрави публиката, а потоа истата имаше можност да слушне изведба од најстарата јапонска изведувачка уметност, Гагаку која е важна културна сопственост на Јапонија и е заштитена како светско културно нематеријално наследство од страна на УНЕСКО.

Концертот беше нешто што за прв пат го слушнаа не само македонските граѓани присутни на настанот ами и самите присутни Јапонци, бидејќи ретко се изведува и кај нив, и тоа само во специјални прилики.

Гагаку се карактеризира со долги, бавни песни и кореографирани движења и претставува најстара јапонска изведувачка уметност.

Воопшто не е променета 1300 години, или сосема малку низ вековите и е една од најуникатните традиционални изведувачки уметности во светот.

Се развила пред околу 1.300 години како изведувачка уметност за Јапонскиот царски двор, комбинирајќи различни стилови на музика и танц од Јапонија и континентална Азија. Оваа уметност беше усовршена во својата форма околу 10-тиот век и оттогаш се пренесува од генерација на генерација под покровителство на царското семејство.

Четворица прекрасни млади уметници од Јапонија, кои ја негуваат оваа уметност, и кои моментно се на светска турнеја, синоќа во Даут пашиниот амам ни изведоа дел од тој чудесен музички ритуал и танц на спори движења и ни ги прикажаа инструментите со кои се изведува таа музика, шо (уснен инструмент), хичирики (обоа), рјутеки и бива (лаута), како и од што се истите составени, но и ни прикажаа дел од својата традиционална облека за изведба на овој ритуал.

За крај со своите инструменти на исклучителен нежен начин ја изведоа и традиционалната македонска песна “Билјана платно белеше”, како и “Македонско девојче”.

Меѓу присутните беа деканот на Музичка Академија проф. Дарија Андовска, професор Љубиша Кировски продекан за концертна дејност, како и професор Драган Даутовски.

На крај, во пријатен амбиент, присутните вкусија и специјалитети од јапонската кујна.

Амбасадата на Јапонија и “Silk Road Japan” (“Патот на свилата” Јапонија) го организираа овој уникатен музички спектакл, со поддршка на „The Tokyo club“, Националната галерија и Министерството за култура и туризам.

А, истиот ден, во рамките на славеничката програма студентите од прва година на ИЕА беа присутни на работилница „Гагаку“ на Факултетот за музичка уметност. И тој настан беше организиран од Јапонската амбасада во Скопје.

Инаку, дипломатските врски со една од најразвиените земји во светот, Јапонија, 30 години се плодни и корисни на повеќе полиња и сфери, иако тивки и медиумски не секогаш експонирани, носат голем бебефит за нашата држава.

На оваа извонредна држава ја користиме приликата денес да ѝ ја честитаме и добиената Нобелова награда мир за организацијата  “Нихон Хиданкио” во борбата против употреба на нуклеарно оружје.

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.