Шестиот ден од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” што се одржува во Прилеп, го одбележуваат промоција на театарска литература и уште една претстава во конкуренцијата за наградите.
Промоцијата на театарска литература е во 11 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков”, а од 19.30 часот на сцената на матичниот театар, домаќинот, ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” ќе ја одигра претставата „Пиреј” од Петре М. Андреевски во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Веднаш по претставата се разговорите на тркалезна маса и ќе биде соопштена оценката што ќе ѝ ја даде публиката на претставата.
Синоќа на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков” публиката ја виде претставата на Албански театар од Скопје „Смртта на Дантон” според Георг Бихнер во режија на Дино Мустафиќ.
Во текот на вчерашниот ден беше изведена претставата на Театарот за деца и младинци од Скопје-„Том Соер“ а беа промовирани три нови театарски изданија – „Вероника Самарак“ од Антон Панов и „Децата на Мнемосина“ од Ацо Гогов, во издание на Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица. Промовирана беше и книгата „Во четири очи 2“ на Борче Грозданов. Од 23 часот, во придружната програма на фестивалот се одигра претставата „Ана и Хана“ во режија нас Драгана Гунин, а во продукција на Турски театар од Скопје.