„Се судрив со боговите што владеат со светот и ме распарчија“ е симболичен поднаслов на новиот роман од авторот Михајло Свидерски „Последните денови на Ханс“. Книгата беше вчеравечер промовирана во просторот на „Менада „ во Скопје а ја промовираше Александра Јуруковска
Романот Последните Денови на Ханс претставува внатрешна борба и дијалог, тек на свеста на еден немоќен старец Ханс, неважна историска личност која припаѓа на избришаното минато, а кој во своето време, била една од најмаркантините личности на векот. Живее повлечен, во мало место со десеттина жители, повлечен од сите светски случувања. Со проблематизирање на моќта за комуникација која би го подразбирала отворениот ум, кој умее неслективно да го препознава човечкото во другиот човек, со сите слабости, но и со сите потенцијали за издигнување од дното, оваа книга доминантно го претставува мисловниот процес на човекот, на битието кое неуморно се бори со изборите, со можноста да застапува ставови, но и со немоќта истите да ги одржува.Покрај личните рефлексии кои се основа на новелата, оваа книга имплицира пошироки теми кои во гранични етапи на промена донесуваат вознемиреност, но и преиспитувања на сопствените вредности, но и слабости. Генрализацијата на прашањата за моќта, за партијата, за семејството, за Бога, за општествениот контекст се сведува на релативизација на сите етички или хумани аспекти разграничени во односот меѓу доброто поврзано со чоечката способност за однос кон другитот човек независно од религијата, етничката припадност или нацијата, но и за злото кога станува збор за понижувањата, страдањата, насилството.
Aвторот Михајло Свидерски (1991) е од Битола и зад себе има три збирки поезија. Учествувал на повеќе поетски фестивали и читања, застапен е во домашни и странски книжевни списанија, антологии и зборници.
За романот Бело и Црвено во 2014 година ја добива наградата „Новите“ што се доделува за најдобар прозен дебитантски ракопис. Во 2016 година, романот Бело и Црвено е објавен на бугарски јазик. Неговата поезија е преведена на англиски, руски, грчки, српски, бугарски, албански и унгарски јазик. Основач е на издавачката куќа Восток. Преведува поезија и проза од англиски, бугарски и српски.
Новиот роман „Последните денови на Ханс“ излезе во издание на Издавачката куќа „Или-Или“.