Коле Ангеловски објави автобиографска книга за половина век професионална работа во Драмски театар-Скопје.
Насловена е „Педесет години во Драмски…и клоцата во…“, и дава автобиографски приказ на актерот, сценарист и режисер, кој одбележа половина век на театарските сцени, малите екрани и филмските платна.
Според рецензентскиот опис на Сашо Тасевски и Свето Стаменов, книгата е и искрена приказна за самиот театар, за луѓето во него и со кои работел, за претставите кои ги режирал, за успесите и наградите, но и за разочарувањата што ги доживеал.
Ова е приказна за луѓето во Драмски, за директорите, актерите, техничките директори, сценските работници, инспициентите, електричарите, тонските мајстори, шивачите, шминкерите, реквизитерите, администрацијата, чистачките, портирите…. за ходниците, тајните места во театарот, чигите, рефлекторите, прашината, провевот… за бифето, разговорите, песните, кавгите и тепачките…
Ова е приказна за претставите, пробите, животот во Театарот, за патувањата, турнеите, гостувањата, фестивалите… Сето ова јас го доживеав, но кој знае, можеби и не било баш така?!. Едно е вистина – „Мојот живот во Драмски, пред сè, беше огромната љубов кон театарот и луѓето во него. Ова е многу субјективна и носталгична приказна за работите што мене ми се случувале и, ако во овие мои писанија некој се почувствува навреден или обесправен, да знае дека не е со зла мисла, а може да е со намера“, вели Ангеловски
Книгата содржи и педесетина фотографии од најзначајните претстави што Коле Ангеловски ги режирал на сцената на Драмскиот театар, како и индекс на театарски текстови што ги напишал и на театарски текстови што ги превел.
.