Таа е гордоста на ТВ Алфа! И не случајно го велиме ова- со својата емисија и новинарски труд на телевизијата ѝ даде сосема поинаков имиџ. Социјален, хуман, хуманитарен, народен.
Посветена, сестрана, вредна и амбициозна, чувствителна и упорна.
Окото ѝ сјае од радост кога зборува за своето детство, кога, поминувајќи покрај големата зграда на МТВ со родителите, си замислувала дека ќе стане водителка, а дома и имитирала.
Веднаш потоа окото ѝ засјајува повторно, а ликот ѝ станува сериозен, штом почне да зборува за сегашната своја емисија “Срце на дланка”.
Оливера Петрушевска!
*Почитувана колешке, емисијата “Срце на дланка” која се обидува да ја разбуди националната свест и општествената обврска да се искорени сиромаштијата, е емисија која Вие ја водите успешно веќе неколку сезони. Не верувам дека некој останал рамнодушен и не пуштил солза, гледајќи ве, а Вие знаете да заплачете и пред камера. Ај прво да прашам дали Вашето срце омекна со сите овие снимања или можеби стана похрабро, поборбено и се промени?
-Емисијата „Срце на дланка„ започна да се емитува на Алфа ТВ во октомври 2020 година и во тек е четвртата сезона од овој телевизиски проект. На почетокот не бев свесна во што се впуштив зашто ова не е воопшто лесна тематика, напротив тешка и емотивна. Јас првите години психички се подготвував пред секое снимање за да го издржам денот. Моите, посебно татко ми, постојано ме караше зошто толку емотивно ги доживувам приказните. “Сослушај ги и денес ќе ми рече, ама не ги плачи сите”… Дали ми омекна срцето? Откако многу стории завршија со успешен крај добив стимул уште постраствено да ја работам оваа деликатна проблематика до таа мера додека не ѝм помогнам на сите. Со тоа мислам дека да, станав поборбена и похрабра во тој аспект.
*По речиси 300 обработени срцепарателни приказни за луѓе во неволја кои од емисијата сите виделе голема помош, а на многумина од нив ѝм се промени животот од корен, продолжувате со нов серијал. Но овој пат и со нова емисија која ќе се надоврзе, веќе е во тивка најава и ја очекуваме.
-Да, после повеќе од 130 емисии каде во секоја епизода опфаќаме по две семејства, со продукцијата одлучивме дека време е да направиме нешто ново. Па, полека ја подготвуваме и студиската емисија која наскоро ќе започне да се емитува, но тоа не значи дека веќе нема да снимаме на терен. Месечно ќе продолжиме со стандардниот концепт, само последниот викенд од месецот во студио ќе викнеме стручни лица за решавање на проблемот на луѓето од сториите, па понекогаш дури и самите протагонисти од приказните, ако тоа е потребно, зашто често се напаѓани од јавноста и од лажни хуманитарци.
*Како се јави потребата за студиска емисија? Сметате дека со тоа ќе се вклучат и повеќе стручни фактори кои ќе привлечат поширок интерес, како социолози, психолози, психијатри, лица од безбедносниот систем, новинари и слично?
– Точно така. Потребата за студиска емисија е клучна за детално решавање на проблемот на луѓето. На семејствата ќе се обидеме да ѝм помогнеме одблиску, зашто во студио ќе викнеме адвокати, социјални работници, психолози, доктори, градоначалници кои се врската која недостасува во нивниот животен лавиринт. Не е целта еднократно или моментално решавање на проблемот со носење храна, облека или одредена сума пари. Понекогаш и најчесто снимаме луѓе кои живеат на тешко достапни места во Републикава. Нив и да ѝм биде понудена работа не можат да отидат до работното место. Често снимаме и луѓе без образование, асоцијални семејства, семејства со растројства кои и не знаат како да раководат со средствата. Затоа, мислам дека во вистински момент, откако веќе сите знаат за проектот “Срце на дланка” стартуваме со студиска емисија и дека токму таа ќе разграничи многу работи и нејаснотии. Често наидуваме на лоши коментари од народот во смисла: „Немаат за леб, а раѓаат по 9-10 деца”… Со оваа емисија сакаме да ја поткренеме свеста кај народот дека не се тие оние кои треба да судат, но и стручни лица да ѝм укажат на семејствата како поубаво да се испланира семејството и како да имаат поквалитетен живот.
*Вие со Вашата емисија целосно ја менувате сликата за македонското телевизиско новинарство. Веќе навлегувате конкретно во проблемите на граѓаните и ги ставате на тапет пред јавноста. Според Вас брзо или бавно оди овој процес на обрнување внимание на главните и горливи теми и кај другите медиуми?
-Пред “Срце на дланка” можеби знаев дека има семејства што живеат тешко, но не верував дека има луѓе кои живеат како нашите предци од пред неколку века. Без вода, струја… без леб и без шанса макар за една насмевка во денот. Денес, со ваков прогрес на светот, со развој на вештачката интелегенција и летечки автомобили, повеќе од една третина народ да е на раб на пропаста и да мисли дали ќе го дочека утрешниот ден, е навистина жално. Жално е некој да нема ништо и гладно да си го испраќа детето на училиште, а некој да не знае што попрво да извади на богатата трпеза и која следна дестинација да ја прошета. Не верувам дека има родител што не сака да си го облече детето во убава нова облека (не донирана и веќе носена) и да му стави на масата разноврсна храна. Не ги следам другите медиуми, освен Алфа во недела во 15.20 часот, но колку што знам не постои емисија од ваков тип на друг медиум. Не знам која е причината. Има толку семејства од социјален ризик што би имало простор за сите да снимаат, но можеби не смеат од икс причини за да се даде слика на јавноста дека животот е розев.
*Кога ја добивате понудата да водите ваква емисија, претпоставувавте за каков новинарски ангажман станува збор и низ какви професионални трауми ќе мора да поминете за да го добиете конечниот производ? Затоа што ова не бараше од вас- убава гардероба, шминка и лесни теми пред камера, ова бараше сериозно вложување нешто свое- својата личност, спокојство и расположение.
-Толку многу сакав да работам во телевизија што желбата беше посилна од секаква професионална трума која се закануваше дека ќе ме повреди. Јас на снимање сум одела и болна, и со проблеми, психички преуморна, но штом светне камерата и го слушнам магичниот збор од снимателот “оди снимање” јас заборавам сѐ и сум најздравата личност на светот. Ете, само толку “малку” ја сакам оваа медиумска работа. Макар тоа некогаш значело и вложување на мојот спокој и расположение.
*Каков е денот или подобро речено ноќта на една новинарка која ќе се врати од терен во своеро семејство, по сѐ тоа што дента го видела на терен? Знаат ли солзите пред камера да продолжат и зад камера?
-Првите години на враќање од снимање молчев во автомобил и се обидував да ги средам чувствата од тоа што сум видела дента. Дома пак на блиските, ѝм прераскажував цела следна недела за “чудото” што сум го видела во некое село или град. Не ми беше јасно тогаш, и сѐ уште не ми е, како може девет души да спијат во една соба без врата и прозорци, на еден кревет, без струја, без храна и денар приход, додека некоја мајка со солзи му држи свеќа на поголемото дете да напише домашна задача, а со другата му става во шишенце зелена непрочистена вода од бунар со малку шеќерче на бебето за да заспие…
*Од каде ги црпите идеите за изработка на емисијата, која сепак е специфична и кај нас нема модел да се види како треба да изгледа емисија во која треба да се прикаже многу суптилна тема, како овие?
-Кога започнувавме тимот од Алфа и продуцентот на емисијата ми дадоа насоки дека секоја епизода ќе опфаќа две стории на две различни семејства од различна географска средина. Првите две сезони се обидував секоја сторија да ја поврзам со некој лик од роман или филм, а од лани малку го поедноставив концептот и го прикажувам само проблемот на семејството. Публиката е навикната на овој концепт, иако сметам дека понекогаш треба да внесеме и свежина и нешто ново. Овој пат, верувам тоа ќе го направиме со емисијта од студио.
*Ви се јавуваат ли повторно за помош луѓето кои ги снимате, доколку и понатаму не знаат каде конкретно треба да се обратат и на кои служби во државава?
-Имаме категорија на луѓе со различен ментален склоп, луѓе од рурални и асоцијални средини, луѓе што поради намерна или случајна грешка пропаднале во животот. Луѓе што доживеале несреќа или болест. Никој од досега прикажаните семејства не се случајно снимани во “Срце на дланка”. Некои семејства завршиле со голем успех, со решавање на станбено прашање, добивање на работа, финансии, плаќање на заостанати долгови, собирање на потребните средства за лекување, а некои и по добиената помош, повторно бараат донации и преку нас и преку социјалните медуми.
*Кој коментар од јавноста досега најсилно ве погодил во срце?
-Порано ги читав коментарите и ме повредуваа недолични приговори. После четири години сфатив дека ако сакам да ја работам оваа работа, не може на сите да ѝм се допаѓам. На некој не му се допаѓа мојот глас, на некој мојата емотивност, на друг мојата коса и лик, на четврт мојата гардероба. И, ме критикуваа посебно колеги од медиумскиот свет и тоа замислете повеќе машки отколку женски. Дури во секоја нивна емисија ме коментираа. Сѐ додека не сфатив дека тие се исплашени за својата популарност. Или пак, сакаа да “украдат” дел од популарноста на “Срце на дланка” зашто навистина од лани има огромна гледаност.
*Предавате во средно училиште, професорка по македонски јазик, воедно и по турски јазик. Вашите ученици за време на часовите сега веќе пред себе гледаат и телевизиски лик, па знаат ли да ја искоментираат Вашата медиумска работа, и на што најчесто се осврнуваат во своите коментари?
-Уште една работа на која сум горда и со љубов ја работам е работата во училиште со најневините суштества- децата. Често имаме дебати помеѓу часовите или во слободно време. Ги интересира повеќе работата на терен. Многу од нив сакаат и се понудиле да дојдат со мене и на снимање. Тоа за нив е еден поразличен магичен свет, како што бил и за мене кога сум била дете. Збунети се и родителите кога ќе ме видат на упис, на родителска. Ме знаат, а не ѝм е јасно што барам во училиште. Ме препознаваат по гласот, ми кажуваат многумина. Ама најгорда сум на помошта од моите колеги, кои се најемпатичните луѓе и често знаат да направат хуманитарна акција за некое семејство и да донираат преку мене.
*Изработувањето на емисијата има сериозен пристап. Професионална екипа, снимање со три камери, укажување на луѓето чест преку податоци и поддршка. Лесно се доаѓа до фирми и компании кои го овозможуваат сето тоа? Вие работите и во делот на маркетингот па ги знаете и тие техники на работа.
-Не е лесно во денешно време да се одржи еден ваков сериозен проект. Тоа беше причина поради која морав да навлезам и во маркетингот. За жал, од многу големи фирми кои се декларираат како општсетвено одговорни сме добиле категорично- НЕ или одговор од типот-“испланиран ни е буџетот за оваа година”, но за среќа имаме неколку големи пријатели кои се со нас низ сите овие години и со гордост ќе ги кажам: Флекс, Нобел Иљач, Млекара Ѓорѓиеви, Фурна Диме, Универзитет Скопје, Дади, и Леон и Слаѓана- сопружниците кои веќе трета година по ред се наш ветер во грб.
*Би прашала тука. Вие сте образована на повеќе полиња, меѓудругото и магистер по монетарна економија, со диплома стекната на УКИМ. Зошто не одбравте да работите некаде каде ќе имавте повеќе финансиски бенефит?
-Да. Меѓу првите десет магистри сум во земјава што завршиле на УКИМ. Зошто не работам попрофитабилна работа? Затоа што не ми беше дадено шанса во минатото. Работев кратко во неколку приватни компании, конкурирав за работа во неколку банки, но секаде ми беше затворана вратата. Кај мене сосема одговара онаа старата: “Треба татко ти да биде владика, за ти да бидеш поп”. За жал моите родители беа обични работници- службеници и не можеа да ми помогнат многу. Но, сепак инвестираа во моето образование, посебно мајка ми која подигнуваше кредити за да ми помогне за додипломските студии. Ова што сум денес е само благодарение на нив и тие за мене се поголеми од најголемите директори.
*Пред да се појавите на телевизија, иако сте телевизичен лик, доста долго работевте а и сѐ уште работите во радио, и тоа успешно, со оглед на вашиот радиофоничен глас. Како почна Вашиот пат во медиумите?
-Од дете имав замислено дека ќе бидам докторка и ќе работам на радио- телевизија. Професии кои се дијаметрално различни и неповрзани. Како дете многу слушав радио и тогаш имаше две- три радио станици. Еден ден, мислам дека бев шесто- седмо одделение, слушнав дека во Македонско радио ќе има аудиција за нови деца- водители и без да знаат моите таа сабота се качив во 50-ка бидејќи живеев во населбата Хиподром, а никогаш претходно сама немав отидено во град. Знаев само да се симнам на станицата кај хотел Континентал и преку преминот да отидам пеш до МТВ. Прашувајќи ги вработените во зградата, која за мене тогаш беше нешто недостижно влегов пред уредникот Сашо и со плачење, веројатно од преголема возбуда му реков:„Јас многу сакам да работам во радио„. Очигледно несакајќи да крши нечиј детски сон ми даде функција- радиоводител и јас наредните години буквално лебдев од среќа. Подоцна се запишав во средно медицинско училиште, зашто сакав нели да бидам и докторка, за детските емисии веќе пораснав и дојдоа некои нови деца, но желбата за работа во радио продолжи да тлее во мене уште долго. Преку мои познаници и роднини се обидував да се вработам во некое приватно радио, но не ми помогна никој. Дури ни најблиските. Сѐ до 2008 година кога извесно време работев во радио Роса, па во Лајф, но ништо не беше сериозно како сега. Еден ден една моја блиска пријателка ми кажа дека слушнала дека има аудиција во Сити радио и во Клуб ФМ. Кога нешто треба да биде ќе биде, рекле старите. Веднаш му се јавив на еден урбан скопски лик, Томе Корнер кој не го знаев лично, само преку социјалните мрежи. Ме најави кај Диџеј Бабура на аудиција уште следниот ден. Кога го слушна мојот глас рече: “Ти ќе водиш утринска емисија на Клуб фм”. Од 2012 имам чест да работам со еден прекрасен тим од кого многу научив. А, Бабура засекогаш ќе го споменувам и величам. Тој беше човек со огромно срце ко планина и најдобар диџеј на овие простори. Со неговото заминување македонската сцена многу изгуби. Често во емисиите знам да ја поврзам хумсноста и емпатијата. Имам една форма “Нашиот хуман клуб” во која се обидувам преку разни примери да ѝм посочам на слушателите дека само добрината и подадената рака се најдобро што може да направиме во денот за да можеме да кажеме дека сме успешни.
*Дали во иднина, малку да се “опуштите” со водење на полабави емисии од поинаков жанр на телевизија?
-Лесно е да се водат хаха- хихи емисии. Ќе се дотераш, уфирцаш, ќе поканиш два три лика од сцената, ќе седнеш на фотељче така скоцкан и неодолив и надолго и нашироко ја опуштате публиката. Но, што после завршувањето на емисијата? Дали се решил проблемот на нашата социјала. Дали со тоа што некој ќе каже како живеел и што правел во детството, каде ќе настапи за празниците и други небитни теми ќе го нахранат некое дете во некое заборавено село? Не велам дека не треба да има и забавни емисии и дека некогаш не би водела таков тип на програма, но сметам дека сѐ додека две третини од населението ни мизерува, не смееме да даваме слика преку медиумите на лажен луксуз, туку дека треба да ги научиме како да дојдат до парче леб. Во најмала рака, дел од тие гости во тие шоубиз емисии може од своите настапи, фестивали и слично да израдува некое семејство.
*Што имате да ѝм порачате на другите новинари и силни медиуми кои може многу да помогнат?
-Да не трчаме по рејтинг, туку сплотено да делуваме. Заедно сме најсилни. Колку сакам како некогаш да нема поделба на богати и сиромашни. Кога сите имавме исто и делевме сѐ. Барем така беше кога јас растев во 90-тите. Ако сите заедно на различни фронта делуваме, без да мислиме дали ќе ја изгубиме работата со тоа што ќе кажеме дека нешто не функционира, ако не се плашиме дека некој од власта ќе навредиме зашто промовирањето на вакви теми значи дека нешто не е како што треба во државава, туку прифатиме дека навистина на народот му треба помош, навистина многу ќе помогнеме. Ако го кренеме гласот и кажеме како се чувствуваме, ако сите го тргнеме егозимот од срцата, а ја вгнездиме љубовта, многу можеме да го промениме светот и општеството во кое живееме. Зашто нашето малку, верувајте некому може да значи сѐ!
Валентина Ѓоргиевска Парго
ОЛИВЕРА ПЕТРУШЕВСКА, ТВ ЛИЦЕ: Не смееме да даваме слика на лажен луксуз во медиумите!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.