Вечер за вечер веќе 29 по ред, годинешното издание на Охридско лето, нуди врвна музичка и драмска програма но и пропратни манифестации, кои го збогатуваат културниот живот во Охрид, на задоволство на големиот број посетители и туристи затоа што настаните се секогаш преполни со публика
Дуке Бојаџиев: Охрид е срцето на Македонија
Духовен спој на различна музика што ја соедини публиката на фестивалот „Охридско лето“ направи Дуке Бојаџиев на Долни Сарај. Неговата музика допре до срцата на луѓето и ги поведе во едно духовно патување под ѕвезденото небо над Охрид.
Овој извонреден музичар кој настапува на најпрестижните концертни подиуми ширум светот, меѓу кои и Карнеги Хол во Њујорк, е секогаш скромен и со позитивна енергија што мошне лесно и’ ја пренесува на публиката.
На репертоарот беа нови теми работени во текот на последниот период, нови обработни на стара македонска музика од 70-те, и како што вели Бојаџиев, тоа беше концерт поразличен од досегашните.
Настапите во Охрид, за него се секогаш возбудливи затоа што како што објаснува музичарот, во Охрид се чувствува посебна позитивна енергија.
–Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството, вели Дуке Бојаџиев.
Во моментов, Дуке Бојаџиев работи на повеќе полиња. Насочен е кон телевизиските проекти, а од филмските, работи на музиката на хрватски филм од легендарниот југословенски режисер Вељко Булаиќ којшто се уште работи. На почетокот од следната година, Дуке Бојаџиев најавува и концерт во Скопје. А неговата порака за заштита и чување на Охридското езеро и Охрид ,со над 1000 запалени свеќи на почетокот од концертот кои гореа додека тој ја изведуваше новата композиција насловена “Охрид“, дадоа една возвишена димензија кај сите присутни.
„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на уметникот Драган Спасески Охридски којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела беше промовиран во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“,во катедралната црква „Света Софија“.
Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург.
Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Дувачки квинтет „Пилекадоне“ од Бугарија на Фестивалот „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“ го донесе концертот во дрвениот град. Овој квинтет го сочинуваат флејтистката Мила Павлова, обоистот Валентин Методиев, кларинетистот Венелин Пиперов, хорнистот Јасен Теодосиев, како и Евгениј Тонев кој свири на фагот. Го формирале кога биле тинејџери пред 25 години.
Секој од уметниците во овој дрвен дувачки квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот.
Ансамблот „Пилекадоне“ е награден со престижната награда „Златна лира“ што ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтететот настапува на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа а една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија.
Турските актери од Истанбул ја донесоа претставата „Буре Барут“ на сцената „Долни Сарај“
Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ збогатена со театарската претстава „Буре Барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Јилдирај Шахинлер со акерите на Народниот театар Истанбул. „Буре Барут“на Дејан Дуковски е претстава што е прикажана во многу европски земји и пошироко. Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина и претставува хипер-реална алегорија на балканскиот социо-културен стереотип.
Ремек-делото, е составено од 11 различни приказни поврзани во форма на една целина.Секоја сцена во „Буре барут“е самостојна и секогаш еден од ликовите од претходната го има и во следната сцена, при што тие ликови, провлекувачи, како да обединуваат една виртуелна целина. Така, во првата и последната сцена се појавуваат истите имиња, но двете се разликуваат и по времето и по просторот: сон/јаве, по целиот амбиент и по постапките на ликовите.
–