ОФФЕСТ 2021 НЕ ПРОШЕТА ПО СВЕТОТ-Македонија до Камерун, до Бразил, до Португалија, до Шпанија, до Словенија…

Скопје, 14 ноември 2021
Синоќа заврши 20- тото издание на фестивалот “Оффест“, единствениот кај нас кон нуди голема шареноликост на музички жанрови, разни гости и проширување на видиците. И музички и општо. Фестивал – чедо на Скопскиот џез фестивал, фестивал кој е експресивна палета на “музика од Светот” .
***
Имено, завршницата беше означена со настап на автор и музичар од Камерун, за прв пат на сцена имавме уметник од оваа земја, кој изведуваше на свој мајчин јазик. Станува збор за Блик Баси, тој на самиот крај го претстави својот социјален албум “1958”.
Како што во најавата кажа и директорот Оливер Белопета, фестивалот има за задача на скопјани барем еднаш годишно да им прикаже музика и уметници од други поднебја, но не само тоа, туку и да им открие и некои суштински работи кои кај нас не се познати, на оние кои пројавуваат љубопитство за нештата и преку хоризонтот. Па така, и директорот а потоа и самиот уметник, ни зборуваа дека 1958 година е значајна година за Камерун, кога имало побуна против режимот од француската колонизација и во тие немири е свирепо убиен водачот на револуцијата Њоба, од страна на француската армија, за оние почувствителните посетители беше и поврзување со значењето на 13 Ноември, денот на Градот и судбината на многу македонски борци кои животот го положиле за денешната слобода што ја уживаме.
Социјално ангажираниот албум на Баси беше едно поинакво доживување, тивко и лежерно, кое следуваше по темпераментана увертира на вечерта, во која настапи Пијан Славеј ака Бранислав Николов од “Фолтин”
Ала “Фолтин” но нешто сосема свежо, и возбудливо, во скратена варијанта од 40 минути, перформанс кој заврши со бис и два пати силни аплаузи и стоечки овации. Не за џабе рекле-музиката има универзален јазик, но најдобро се разбира на сопствениот. За тоа заслужна беше и неговата придружба, младите инструменталисти Пеце Трајковски , Андреа Мирческа , Мартин Џорлев и Мартина Баракоска, чие присуство, разбирливо, анимираше и помлада публика.
***
Настапот на Пијан Славеј беше убава прилика директорот Белопета да земе збор пред  микрофонот и да не потсети на уште еден убав факт, за оние кои ја следат домашната музичка сцена. Имено, на овој фестивал им отворил врати на многу музичари, меѓудругото во 2008 кога како предгрупа на “Генг оф фоур” настапија тогаш непознатите “Бернајс пропаганда”, преку ноќ им се отвори шанса за пробив кој тие брзопотезно го искористија и како што нагласи Белопета сега Васко Атанасоски, лидерот на “Бернајс” е во 21 век (симболика, нешто слично  гласи еден нивни албум), потоа дале шанса за “Љубојна” и други музичари. А најактуелно, во конекција на Скопски џез фестивал деновиве, на 7 ноември македонскиот ЗЏМ Биг бенд оркестарот настапи на 12. издание на Загреб џез фестивал, со светски познатиот Курт Елинг, најдобриот џез пејач…
Оффест година се состоеше од три музички вечери, во една многу комотна и препорачлива варијанта, со одржување преку една вечер. И со запазување на протоколите. Се инсистираше и на пораките кои ги носи фестивалот, а тоа се заедништво, солидарност, прифаќање, спојување, еднаквост во глобалното село …
Првата вечер (9 ноември) настапи португалско-шпанското дуо Лина и Раул Рефри, а  втората вечер (11 ноември) словенечкото трио Широм и бразилскиот гитарист и композитор Кико Динучи и неговата пејачката Јусара Марсал, а фотографии може да се погледнат на официјалната фб страница 

Време е за средување на впечатоците и почеток на исчекување на “Оффест 2022” .

Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.