Скопје
12.12.2023
Денес во хотел “Лимак”се одржа конференција „Транспаретност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Говореа вон. проф. д-р Жанета Трајкоска, директорка на Институт за комуникациски студии,
д-р Димитар Ковачевски, Претседател на Влада на Република С. Македонија.
Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединето Кралство во С. Македонија
Конференцијата беше во две сесии
Сесија 1: Потиснато или негувано „право да се знае“: транспарентноста и довербата во јавните институции
Модератор: проф. д-р Ненад Марковиќ, Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје
Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026: следни чекори
Александар Бајдевски, заменик- министер за информатичко општество и администрација
Со транспарентност во борба против корупцијата
проф. д-р Ана Павловска- Данева, Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје
Проблеми со мерење на транспарентноста на институциите: формални процедури наспроти неформални практики
д-р Јелена Џанкиќ, Програма за глобално владеење на Центарот „Роберт Шуман“ на Европскиот универзитетски институт, Италија
Искористување на придобивките од транспарентноста: помеѓу ветувањата и замките
д-р Бјорн Клеизен, ГОВТРУСТ Центар за извонредност, Универзитет во Антверп, Белгија
***
Сесија 2: Преиспитување на културата за одговорност на јавните институции
Модератор: Васко Маглешов, новинар и претседател на Судско-медиумскиот совет
Практикувањето на транспарентноста, отчетноста и одговорноста во работењето на Државниот завод за ревизија
Максим Ацевски, Главен државен ревизор, Државен завод за ревизија
Постапување и повратни информации од институциите по одлуките на ДКСК
Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција
Јавноста гледа корупција-дали ја гледаат институциите?
Гаврил Бубевски, Основен јавен обвинител- Скопје
Транспаретноста- чувар на интегритетот на судиите
Беса Адеми, судијка и претседателка на Врховен суд
***
Само со поголема транспарентост на јавните институции може да се обезбеди отчетност на трошењето на парите на граѓаните што се одлеваат од државниот буџет. Институционалната транспаретност е подобрена изминатите години, но перцепцијата на граѓаните сепак е разочарувачка, а јавната доверба во институциите е ниска. Ова беше кажано на конференцијата.
Во воведното обраќање, директорката на Институтот Жанета Трајкоска кажа дека има епидемија на недоверба во трите власти: извршната, законодавната и судската и дека тоа е шлаканица за сите. Таа ја нагласи важноста од транспаретно и отчетно работење како клучни за довербата на граѓаните.
„Длабоко веруваме дека колку е поголема отчетноста, толку поуспешни ќе бидеме во справувањето со злонамерните дезинформации и пропагандата кои предизвикуваат хаос во јавниот простор, ја намалуваат довербата и ги пасивизираат граѓаните“, изјави Трајкоска.
Во своето излагање, премиерот Димитар Ковачевски рече дека е задоволен од нивото на транспаретност на Владата бидејќи таа е респонзивна на барањата за слободен пристап до информации и, генерално, во активната транспаретност. Негативните оценки од граѓаните, според него, се должат на перцепција, а не на статистички податоци. Ковачевски најави дека транспаретноста на Владата и на јавните институции ќе се зголемува со транспарентно објавување на сите јавни набавки. Премиерот оцени дека транспаретноста може нема да гарантира доверба, но дефинитивно нетранспаретноста гарантира недоверба.
„Граѓаните ја градат довербата врз основа на перцепција и лични искуства, ретко врз основа на факти. Транспаретноста може да биде висока, а довербата ниска и за тоа има повеќе фактори. Ако излеземе сега и ги прашаме граѓаните, нивните одговори ќе бидат врз основа на перцепцијата на која влијаат и медиумите од кои тие се информираат“, кажа премиерот Ковачевски.
Ковачевски смета дека има простор да се подобри транспартеноста во судството, законодавната и локалната власт.
Амбасадорот на Обединето Кралство во С.Македонија, Метју Лосон, нагласи дека отвореноста на владите е важно за откривање и спречување на корупцијата, што е главна грижа на граѓаните. Тој посебно ја напомена важноста за финансиска транспаретност и за тоа како се трошат парите на даночните обврзници.
„Корупцијата е најголем проблем со кој граѓаните се соочуваат, ја наштетува демократијата, ги нарушува условите за живот и социјалната кохезија. Многу е важно да се има увид како се трошат парите од народот, како судиите и обвинителите придонесуваат за тоа. Улогата на медиумите е клучна – ние ги поддржуваме оние кои го штитат јавниото интерес“, изјави амбасадорот Лосон.
На конференцијата беа понудени нови перспективи и пристапи за зголемување на довербата во владините институции, со фокус на транспарентноста и отчетноста во владеењето на правото и корупцијата. Институтот за комуникациски студии ја организира конференцијата во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Конференцијата се пренесуваше во живо на Фејсбук страницата на ИКС.