Од денеска -Европски денови на културно наследство 2019

Со заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија оваа недела во Македонија ќе се одбележуваат Европските денови на културно наследство 2019.

Манифестацијата ќе започна денеска напладне во Музејот на Македонија  со отварање на  изложбата „На маргините на Скопскиот регион – сакрални објекти и рурална архитектура“, која што се реализира во соработка со Центарот за културно и духовно наследство „Каламус“.

Автор на концепцијата за изложбата е м-р Дарко Николовски, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар. На отворањето на манифестацијата на присутните ќе им се обрати заменикот министер за култура Владимир Лазовски, во присуство на директорот Гордан Николов. Темата на годинешното издание на Европските денови на културното наследство во нашата земја, како и во повеќето европски држави, е „Уметност и забава“.

Предвидено е активностите во рамките на манифестацијата да се реализираат во периодот од 23 до 29 септември 2019 година.

Во координација на Музејот на  Македонија , низ целата земја ќе бидат организирани отворања на изложби, предавања, едукативни активности, проекции на филмови, промоции на книги и други активности поврзани со заштитата на културното наследство, со основна цел промоција на нашето културно богатство и доближување до пошироката јавност.

Во деновите од 23-27 септември во организација на ХАЕМУС Центар за научно истражување и промоција на културата ќе биде поставена -Концептуална изложба „Skopje ByzArt – историја, уметност, традиција, искуство“  во Капитол мол

Изложби ќе бидат отворени во Тетово, Струга, Демир Капија , во село Џепчиште Тетовско ќе биде отворен изложбата  „Керамиката, вековна традиција на Македонецот“. Изложби ќе има и во Велес , Кавадарци, Куманово и  во Археолошкиот музеј и Националната галерија.

На 25 септември ќе биде Отворен ден на сите Музеи а во 19 часот во  Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе може заинтересираните да ја проследат проекцијата на македонскиот филм ЈАЗОЛ во режија на Кирил Ценевски и по сценарио на Славко Јаневски.

Сите активности ќе продолжат и после 29 септември се до 9 октомври во разни институции и градови, со најразлични содржини кои го претставуваат културното наследство на Македонија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.