ОБЈАВЕН ТРЕТИОТ ТОМ  ДОСЕГА НЕПУБЛИКУВАНИ БАСНИ НА РИСТО ДАВЧЕВСКИ  

 

 Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави третиот том од досега непубликуваните басни на македонскиот писател Ристо Давчевски (1935-2009), како дел од триесетлогијата во десет тома со заеднички наслов „Беседа на фауните“. Овој том содржи три книги со близу триста негови басни за млади и за возрасни: „Лагата не умира“, „Луда басна“ и „Сто и еден пријател“.

Од овој авторски проект на Ристо Давчевски, кој е оригинален и единствен – содржи 30 книги со 3000 басни распоредени во 10 тома, досега беа објавени два тома (2011 и 2014 година). Десеттомната серија претставува исклучително богатство не само за македонската литература, туку и за светската: досега ниеден автор на басни во светот не оставил зад себе толку обемен опус на басни (најпознатите – Лафонтен има 12 книги и Езоп 600 басни, а Ристо Давчевски за време на својот 60-годишен творечки период напишал 6000 басни, од кои повеќето од половината не се објавени).

Проектот на Давчевски „Беседа на фауните“ е создаван дваесетина години. Давчевски со него ги надрасна сите свои учители – европските баснописци, ја осмисли обновата на долговековната езопизација, ѝ даде нов пулс, нов видик со нова димензија и во тој проект ја вткал душата на своето време со илјадници теми расфрлани низ целата планета. Низ емотивна и извонредна духовита умешност, завиена во апсолутната алузивна асоцијативност и со храбра воинствена сатиричност, ја означил ренесансната алинеја што му прилега на секое големо дело. Ова е проект кој на македонската басна ѝ го дава приматот во европската и светската басна, а на авторот приматот на баснописец во европското книжевно милје.

„Беседа на фауните“ е оригинален и по тоа што половината басни се посветени и на возрасните читатели, што е прв случај во историјата на овој литературен жанр.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.