Новинарите присуствуваа на снимање на “Скејтањето не е за девојчиња“ во Драчево

Драчево, 17.04.2024

По речиси две недели откако почна снимањето на филмот, новинарите вчера беа поканети на снимање на новите сцени, кое се одвива во Средното училиште „Браќа Миладиновци“ во скопската населба Драчево.
Таму веќе три дена се снимаат сцени од филмот „Скејтањето не е за девојчиња“, на младата режисерка Дина Дума.
Тивка работна атмосфера со сите расположливи средства и сѐ организирано крајно професионално, за да не се нарушува учењето на учениците, а и беспрекорно да се одвива работата на филмот, е сцената на која наидоа преставниците на медиумите на пладневното снимање.
Тие вчера имаа можност да присуствуваат на снимање на сцена во која се застапени Адела (Ефќар Абаз) и нејзината мајка (Симонида Селимовиќ), кои се во канцеларијата на директорката на училиштето во кое учи Адела (Лилјана Богоевиќ од Хрватска), инаку Адела е главниот лик во приказната.

„Ова е филм за три генерации жени кои постојано се справуваат со тешкотиите помеѓу традиционалното и модерното општество. Филмот ми е посебно драг и посебно ми е мило што е сместен во Шуто Оризари и дел од снимањето се одвива таму. Нашите главни хероини се од Шуто Оризари, натуршчици се и многу ми е драго дека македонската јавност наскоро ќе ги дознае и ќе го открие нивниот талент“, изјави режисерката Дума, за која ова е втор долгометражен филм што го снима.
Филмот е во продукција на „Сестрите и братот Митевски“, а продуцентката Лабина Митевска на преставниците од медиумите им објасни дека е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, од каде што доаѓаат креативната и техничката екипа.
[


Лабина изрази задоволство и од тоа што во филмот играат и искусните актери: Симонида Селимовиќ, која доаѓа од Виена, нашиот а надалеку познат Северџан Бајрам и Санела Емин.
Дејството се случува во ромска заедница во скопската населба Шуто Оризари. Во моментов во тек е третата недела од снимањето, а филмот ќе се снима уште четири недели.
Сценариото е на Дума, а косценаристки се Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.
Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц- Петрушевска, а кастинг директор е Киријана А. Николоска.


Продуцентка на филмот е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и од Еуроимаж.
Буџетот на филмот изнесува 1.560.000 евра, а од Агенцијата за филм доби 391.000 евра.
„Филмот беше развиван во Кан, тоа е навистина голем исклучок. Кан двапати годишно бира по шест режисери. Дина беше три месеци во Кан, каде го пишуваше првиот драфт од сценариото и потоа бевме на Синелинк каде овој филм навистина беше хит и добивме две награди во развој. Потоа аплициравме во Агенцијата за филм и за шест месеци го склопивме буџетот. Каде и да аплицириваме многу ентузијастички реагираа на Дина како млад, интересен автор и мислам дека како Македонија и понатаму покажуваме дека имаме толку многу интересни приказни да раскажеме, за кои светот е заинтересиран“, рече Митевска, која последнава декада како продуцентка е насочена, апсолутно успешно, кон снимање на филмови кои во главна улога ја ставаат жената и женското прашање, од секаков вид.

Филмот ќе се снима на локации низ Скопје. Главните улоги ги играат натуршчици и актери Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Монтажата „Скејтањето не е за девојчиња“ ќе се работи во Белгија, а дел од постпродукцијата, ќе се работи во Белгија, Хрватска и Словенија.

***
Режисерката Дина Дума дебитираше со „Сестри“, филм кој имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“. Филмот беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.

Валентина Ѓоргиевска Парго
Насловна фотографија: Ѓорги Личовски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.