Документарецот „Медена земја“ (Honeyland) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска е номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“,е соопштението кое деновиве дојде од Севиља, Шпанија. Беше соопштено дека македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година.
На овој потесен избор, пред три месеци му претходеше селекцијата на „Медена земја“ меѓу 12 филмови – најсериозни кандидати за оваа награда.
За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.
„Медена земја“ деновиве освои многубројни нови престижни награди а режисерите и главната протагонистката во „Медена земја“ – Атиџе Муратова деновиве се во Њујорк, каде што на 10 ноември (денеска) во Бруклин ќе бидат доделени наградите Избор на критиката за документарци (Critics’ Choice Documentary Awards). Филмот е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа. На церемонијата на Атиџе ќе ѝ биде врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.
На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) во САД ја доби наградата „Pare Lorentz“. „Медена земја“ е номиниран во уште три категории (најдобар документарен филм, најдобра режија и најдобра кинематографија), а победниците ќе бидат објавени на 7 декември во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.
Во моментов во тек е и промотивната кампања на филмот за номинации за оскар, која е поддржана од Агенцијата за филм.