„Ноли и детелинката“ од Вера Андон- ПОУБАВО СЕ ЦВЕТА, БЕЗ ГОРДЕЛИВОСТ И БЕЗ СУЕТА

ПОУБАВО СЀ ЦВЕТА, БЕЗ ГОРДЕЛИВОСТ И БЕЗ СУЕТА

(Кон сликовницата  „Ноли и детелинката“ од Вера Андон, илустрации: Кристијан Јованоски,  Топер, 2020)

Задачата на поезијата и на книжевноста за деца е, воопшто, да им ја приближи вистината на децата и што порано да ги подготви за животот што доаѓа со сите негови вистини, полувистини и лаги. „Литературата за деца не е воспитувач, воспитувач е мислата што ја носи таа.“ – ми рече во едно интервју големиот поет за деца Љубивое Ршумовиќ.

Штом ќе ја прочитате оваа стихувана сликовница или сликана стиховница, ќе забележите дека поетесата Вера Андон, авторка на оваа книга, ги следи тие правила и зема материјал од детските случки, доживувања и волшепства, сето тоа го пресоздава, го престорува во песна, во секое делче ја задржува својата уметничка вредност, а сепак ја носи поуката што е важна карактеристика која треба да се негува во литературата за деца. Содржината е уметничка, а мислата е таа што поучува и воспитува.

Голата, груба дидактика е непознат поим за Вера Андон, која и во поезијата за возрасни и во литературата за деца се истакнува со својата лиричност, неочекувана и ненаметната рима и нежност во кажувањата.

Ако со книгите „Здраво мои 13“, „Првата љубов голема, а ние мали“ и со „Тајната на црвената гума“ оваа поетеса им се обрати со грст стихови за првата љубов на учениците од погорните одделенија, односно на тинејџерите, а со „Ха-ха од Ш до А“ на децата од претшколска возраст, на првачињата и вторачињата, тогаш  книгата „Ноли и детелинката“ ги опфаќа и едната и другата категорија на млади читатели. Зошто? Затоа што, иако навидум е едноставна и по начинот на кој е раскажана, оваа стихувана сказна на прв поглед ќе остави впечаток дека е најинтересна за најмалите, сепак пораките кои ги носи и деловите кои наведуваат на размислување, ќе ги заинтересираат и учениците од погорните одделенија.  Тоа е уште еден доказ дека поделбата на литературата е нешто што треба да се надмине. Нема песни за деца и песни за возрасни. Убавата песна, убавата сказна, бајка, приказна, убавиот расказ и роман се убави, квалитетни, уметнички издржани и поучни за сите нивни читатели без разлика на возраста.

Во стихуваната сликовница „Ноли и детелинката“ ќе се сретнете со многу интересни ликови. Нив нема да ги најдете во други сказни и приказни ниту во други песни што веќе ви ги читале или раскажувале…Овие се тука некаде, во некој парк, ливада или градина и вие веќе сте ги виделе, а можеби некого од нив и ќе препознаете… Ќе се дружите со детелинката Лени, девојчето Ноли, цветот Лале, пеперутката Лете и Мама. А што се случило меѓу нив, кој како постапил па станал среќен, а кој пак останал тажен и замислен, низ стиховите ќе ве води раскажувачот Вера Андон.

Структурата на целата содржина особено е погодна за драматизација, па сигурен сум дека на следната приредба во училиште, ликовите од сликовницава ќе си најдат вистински интерпретатори од училишните клупи кои на свој начин зборовите ќе ги оживеат на сцената.

            Оваа сликовница е лесно читлива. Лесно ќе ја прочитаат и ќе ја разберат дечињата кои сега почнале да читаат исто како и оние што веќе читаат течно. А дечињата што не знаат да читаат подзинати и со љубопитство ќе чекаат да им дочитаат нивните браќа и сестри, нивните родители, роднини или баби и дедовци за да дознаат како цветот Лале ја навреди детелинката Лени, зошто девојчето Ноли се расплака, и на крајот зошто Ноли и Мама и  пеперутката Лете се среќни, а Лале е замислен и тажен цвет…

Сета оваа приказна нѐ поучува на вистинските вредности, а тоа значи да се однесуваме со почит кон секого, да не ги делиме луѓето според надворешниот изглед, туку да ги цениме според нивната добрина и внатрешна убавина.

Не само интересна приказна, не само поука, туку овие стихови на младиот читател му помагаат да ја гради смислата за естетика, да го развива чувството за убавина, чувството за уметност и за нежност… Особено ќе  го почувстувате тоа во стиховитe: Но ти биди среќна/зашто крај мене/ многу свет мина/ но само ти ме виде/ и само ти ме скина; потоа во: Ретки сме ние/со четири листа,/ треба да минеш/ливади многу/за да најдеш друга/како мене иста; а исто така и во: На цветот кој сакаше/ разговорите да ги слуша,/ му се растажи набрзо/ мирисливата душа…; како и во: Мамо види ја/ детелинкава/ со четири листа,/ малечка е/ но како цвет е иста.

               Но, за една сликовница да биде комплетна и да ги задоволи високите барања за квалитет и за убавина од страна на најпребирливата и најправичната публика, важно е да има богати и квалитетни илустрации. За среќа во овој случај од една страна имаме лирика во стиховите, а од друга страна лирика и ликовно мајсторство во илустрациите на академскиот сликар Кристијан Јованоски.

Во сликовницава, она што не го кажал зборот, го кажува сликата. Всушност илустрацијата ја исполнува својата должност да раскаже дополнителна, односно уште една проширена приказна од постоечката. Богатата колоритност, исклучителната вдахновеност на авторот и нитката меѓу јавето и сонот, меѓу вистината и бајката, почувствуваната нежност и топлина како и  распоредот  на илустрациите, прават комплетно доживување на радост од читањето на оваа сликовница.

Драги читатели, секоја објавена книга побогата и  поубава ја прават доживувањата на читателите и токму затоа иако би пишувал уште, ве оставам и ве препуштам во светот на зборовите и боите од Вера Андон и Кристијан Јованоски. Ви посакувам среќно патување и бескрајно уживање во стиховите, во мислите, во поуките,  во боите, мирисите и звуците на оваа прекрасна сликовница.

Филип Димкоски

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.