Американската нобеловка за литература Тони Морисон, почина во болница во Њујорк на 88 години, соопшти нејзиниот издавач „Алфред А. Кноф“. Морисон е прва Афроамериканка која добила Нобелова награда, во 1993, за „визионерска сила“ и за „нурнување во самиот јазик, јазикот што таа сака да го ослободи од категориите за бело или црно“, како што образложи Шведската академија.
Во својот авторски опус ,преку своите дела Морисон длабоко се фокусираше на афро-американската култура. Зад себе ги остави делата „Љубена“, „Соломоновата песна“, „Најсиното око“ кои на своевиден начин ја трансформираа американската литература со драматизирање на потрагата по слобода во рамките на расата.
За романот „Љубена“, драматична приказна во кој мајката мора да направи невозможен избор, дали да го убие бебето за да го спаси девојчето од ропство, Морисон доби Пулицерова награда во 1988. Во 1998, Опра Винфри играше и го продуцираше филмот според овој роман.