На големата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” на 16 мај ( четврток) , премиерно ќе биде изведена претставата „Злосторството на 21 век” според текст на Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин и сценографија на Крсте С. Џидров.
Едвард Бонд е англиски драмски писател, театарски режисер, поет, теоретичар и сценарист, кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, отсекогаш и останувал контроверзен, поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството.
Милчин за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата Земјина топка.
– Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде Земјината топка и ги јаде луѓето, вели Милчин.
Во претставата играат Маја Љутков , Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски, костимографијата е на Марија Пупучевска, а музиката на Марјан Неќак, Постерот за претставата го нацрта Филип Коруновски.