Четиринаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе почне вечерва во Амфитеатарот во Струмица. На отворањето ќе му биде доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и ТВ на актерот Данчо Чеврески.
Веднаш потоа премиерно ќе биде прикажан американскиот краток игран филм „Кожа“, годинашен добитник на Оскар за најдобар краток игран филм, на режисерот со израелско потекло Гај Натив, по сценарио на Шерон Мајмон, а во продукција на Џејми Реј Њуман. Фестивалот трае до 29 јули и е поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм.
На Фестивалот ќе бидат прикажани 12 интересни кратки филмови: „Тек“ на Марија Грација Гоја и Робин Петре, „Еден мал чекор“ на Боби Понтилас и Ендру Чесворт, „Маркет плејс“ на Аник Кристијаенс (за којшто музиката ја компонираше Марјан Неќак), „И што вели летото“ на Пајал Кападија, „Човек-миленик“ на Марзиех Абрарпајдар, „Стар закуп“ на Висенте Барела, „Ја потпишав петицијата“ на Махди Флеифел, „Двоен живот“ на Јоб, Јорис и Мариеке, „Врне“ на Чиро Д’Емилио, „Лимерентност“ на Оливер Пич, „Различни“ на Христина Белоусова и Данте Рустав и „Исповедта“ на Естебан Фонт Ројо.
Фестивалската програма продолжува во сабота претпладне во предворјето на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Велјуса со Тивериополската беседа и портретот на овогодишниот лауреат. Во сабота вечер во Амфитеатарот со присуство на повеќе автори ќе има проекција на уште еден ексклузивен блок од 11 кратки филмови.
Во официјалната конкуренција на „Астерфест“ се кратки играни, документарни и анимирани филмови селектирани под мотото „Кратки резови“, за кои ќе одлучува меѓународното жири составено од ирскиот камерман Ед Годсел, словенечкиот режисер Андреј Кошак, бугарската дистрибутерка Гинка Андреева и македонскиот актер Данчо Чеврески.