На 24 јануари Џезерите со нова Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!

Националниот џез оркестар го најавува почетокот на новата концертна сезона со еден задолжителен настан – Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!

Концертот, кој ќе се одржи во Филхармонија на 24 јануари, со почеток од 20 часот, го покрива значајниот биг- бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани; негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп период кога Квинси доминира како аранжер и продуцент. Во овој дел од концертот како солисти ќе ги видиме:
• Калина Велковска
• Светлана Јовановска
• Ана Петановска
• Дејан Бобиќ Дексо
• Сашо Гигов Гиш
• Џон Илија Апелгрен
Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.
За плакатот е искористена графиката “Шарен џезер” на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот “Џезери”, прва во низата дела кои ќе бидат употребени за нивните плакати во текот на оваа година.
Quintessence by Quincy Jones е уште една џез лектира која не смее да остане непрочитана!

*****
Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип хоп.

Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28.
Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: Off the Wall (1979), Thriller (1982) и Bad (1987). Во 1985 година, Џонс ја продуцира и диригира хуманитарната песна „We Are the World“, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија. Има компонирано музика за бројни филмови, вклучувајќи ги „The Pawnbroker“ (1965), „In the Heat of the Night“ (1967), „Wiz“ (1978) и „The Color Purple“ (1985).

Сепак, Квинси Џонс станува популарен како џез-аранжер и диригент уште претходно, давајќи значаен придонес во светот на биг-бенд џезот, особено во доцните 1950-ти и раните 1960-ти години. “The Birth of a Band!” (1959), “The Great Wide World of Quincy Jones” (1959), “Big Band Bossa Nova” (1962), The Quintessence (1962) “Quincy Jones Plays Hip Hits” (1963), “Walking in Space” (1969), “Gula Matari” (1970), “Smackwater Jack” (1971) се албуми кои ја истакнуваат способноста на Квинси Џонс да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Неговата работа во овој жанр помага да се одржи биг-бенд џезот како релевантен и возбудлив во време кога други музички стилови се здобиваат со популарност.
Квинси како џез- аранжер, композитор и диригент станува популарен уште претходно, а неговите албуми ја истакнуваат способноста да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Соработува со низа истакнати биг-бендови- неговиот сопствен биг-бенд основан во доцните 50-ти, биг-бендот на Лајонел Хемптон, Каунт Бејси, Дизи Гилеспи.
Овој сестран музички магнат го изгубивме на крајот на минатата година, но неговото наследство ќе се пренесува на новите генерации.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.