МИРОСЛАВА БАДАРЕВСКА АЛИЈАС ВИКТОРИЈА МАКЕДОНСКА: Верувам, еден ден, после мене ќе постојам повеќе отколку сега!

Во нејзиното книжевно конто се вкнижени 25 книги, од кои 22 се издадени, дури незамисливо, во само последниве четири години. Вкупно има напишано околу 2.000 стихотворби. Нејзиното име е Мирослава Бадаревска, ја препознаваат под псевдонимот Викторија Македонска. Се потпира само на себе, затоа и секој план го реализира сосема успешно и сосема прецизно по своја замисла.
Објавувањето на сите свои книги го финансирала сама, сама го наоѓа патот на продажба до читателите, продавајќи ги на јавни места, по паркови, на јавни настани, покрај тоа работи и дење и ноќе, се грижи за повозрасни жени, и постојано патува на сите актуелни поетски манифестации. Во моментов е во Бојник, Србија.

*Како сте госпоѓа Мирослава, сега сте на една манифестација, кажете ни која маниестација?
-Како вљубеничка во поетскиот збор, не испуштам ниедна манифестација. Сега сум во Бојник, на “Крвав февруари” (17 февруари), што се одржува во спомен на тоа што во 1942 година бугарските фашисти овде ги стрелале сите селани од двете сала, на Бојник и Драговац, 600 жители меѓу кои и 130 деца. Сега се одржуваа петтата по ред манифестација од тој тип. Јас сум и учесничка и наградена, секоја година ги посетувам и доаѓам на нивната манифестација. Додуша не пропуштам ниедна манифестација каде сум поканета, следам се колку што можам.
*Што подготвувате за оваа година, како плод на вашиот поетски изблик?
-За оваа година подготвувам четири книги, едната ќе биде за возрасни, а другите три ќе бидат детски. Детските книги ги подготвувам со боенки. Покрај песните ставам боенки, додека за возрасни ги правам песните со мандала антистрес цртежи. Веќе лесно функционирам, веќе сум препознатлива кај луѓето, без оглед што заради псевдонимот државата не сака да ме поддржи, никогаш не ми дала средства, дури оваа година се обидов и преку пензионерското здружение и тие не ме зедоа во обзир да ме помогнат. Но јас велам она: што е мое ќе си дојде, мојот труд ќе се исплати!

*Многу енергија бара сиот Ваш книжевен ангажман, многу сте активна…
– Јас живеам во ова трето доба, во остатокот од животот, за да го постигнам она што не сум можела на почетокот од животот. Мајка сум пет деца, имам десет внуци, шест правнуци. Во животот постојано работев, студирав. Завршив филолошки факултет- југословенска книжевност меѓутоа постојано работев во трговија, таму ми беше покомотно тогаш, подобро се живееше, сакајќи да им обезбедам на децата подобра сигурност, работев во трговија. Во 1976 година ја издадов првата стихозбирка “Сонливи шепотења” во 1993 година втората “Љубовно распаќе”, во 1995 година “Камена езгија” и оттогаш чмаев, немав можности, немав средства, не бев веќе вработена, се распаднаа трговските куќи, почнав да подработувам, такаречено, за гол живот, и до 2017 година стоев во место.
*А, од 2017 година досега објавивте дури 22 збирки…
-На почетокот книгите ги објавува со по 100 песни, претежно детски. Првата детска стихозбирка во 2017 година ја издадов со 101 песна и се вика “101 песничка за детска душичка”, а потоа неколку збирки беа издадени по препорака на родителите со по 50 песни и 50 цртежи, за да можат за да ги привлече децата да творат. Цртежите ги наоѓам на интернет. Ги печатев преку “Аванти прес- Магор”. Сама ги финансира, а ги продавам по луѓе, во парк, каде стигнам, па веќе сум препознатлива и кога ќе ме видат децата викаат “ете ја тетка Викторија, баба Викторија”. Ми пишуваат на месинџер родителите дека имам меѓу најубавите детски песни, јас тоа не можам да го оценам дали е така, меѓутоа има многу пофалби.
*Сите книги ви се само поезија?
-Најмногу имам објавено детски стихозбирки, и една проза “Виктор Купидон” за кастрофата во Скопје, кога еден дечко многу заљубен во својата девојка останува без неа… Го опишувам неговиот живот, останал да не се ожени, во тој стил е напишана, и предизвика исто голем внимание… Проза обично не пишувам, меѓутоа благодарејќи на библиотеката со клубот во Демир Хисар каде што почнав да праќам по некој расказ, расказите потоа ги собрав, ги прилагодив и ги издадов како целина и многу поволно излезе. Ми пишуваа многу луѓе, и задоволна сум. Додека можам ќе работам.
*Може да најавите која книга ќе ја објавите наскоро?
-Сега ја подготвувам книгата која носи работен наслов “Весели палавковци”.
Ќе излезе на 25 февруари, значи овој месец. Промоции на книги веќе не правам, на нив слабо се продаваат книги. А и веќе реков, сум препознатлива, немам ни потреба.

*Рековте проблем Ви прави тоа што сте го зеле псевдонимот Македонска, зошто го зедовте?
-Во 1976 година кога ја издадив првата книга се разведлв со сопругот, Србин беше од Светозарево, од Јагодина, со кого родив девет деца, но машките ми умираа и ми останаа живи само четири девојчиња, а синот што сега го имам го родив по тој брак со друг човек. Го зедов псевдонимот затоа што знаев дека децата еден ден ќе појдат по свој пат нема да го носат тоа презиме, јас Бадаревска сум по моминско, Македонска го додадов. Првата книгата ја објавив како Мирослава Филиповиќ Бадаревска, а потоа 1993- 1995 веќе почнав да го користам псевдонимот Викторија Македонска и така остана.
*Со Вашето творештво која Ви е целта?
-Да оставам трага зад себе. Да оставам трага за себе и за македонскиот јазик. Сакам тоа што го творам да остане како оставнина.
*Што ве мотивира, кога наоѓате време?
-Немам време, јас одам по улица и застанувам и во телефонот пишувам белешки, во тие белешки ги оставам зборовите што ми текнало во моментот, што ми наишле, а потоа во даден момент ги преработувам тие стихови и ги правам своите песни. Детските стихови ги пишувам со најлесен стил. Секоја моја песна е многу лесна, прифатлива за децата, така што многу имам пофалби. Додека пак, кога пишувам за возрасни најчесто пишувам бунтовна поезија и поезија со многу јаки зборови, која многу луѓе не можат да ги разберат или ќе ме прашаат – “а што значи овој збор, од кај си го измислила?”. Па не го измислив, тој постои, архаизми употребувам, зборови кои сме ги подзаборавиле, така што лесно ги вплетувам во песните кои ги создавам…
*Некоја Ваша песна отпеана ли е преку песна?
-Не, досега не, меѓутоа една пријателка од Кавадарци ми прати песна која нејзе и се допаднала и ја пееше, мислам ќе ја дадеме на некој од фестивалите за деца. Јас имам многу детски песни околу 2000 песни има вкупно. Не да се фалам но моите песни се многу многу лесни, како бајка се сите.


*Медиумите дали Ви посветија доволно внимание, во однос на Вашето творештво?
-Јас бев гостинка на ТВ емисијата Сонце “Сплоти се Македонијо” , бидејќи бев наградена на истоимената поетска манифестација, и во Белград се случило два три пати медиумите да ме интервјуираат, бидејќи секаде каде што одам на манифестација, го носам нашето знаме, го развејувам со гордост и прво пренесувам поздрави од нашиот братски народ, ние сме исти братски христијански народ. Претежно вергината.
*На кои манифестации учествувате?
-Овде во Македонија сум учествувала на сите манифестации, во Белград учествува на “Сабаж Жубеиди”, во Панчево, Суботица, во Парачин, во Ниш сум постојан гостин на поетот Бранко Миљковиќ и на “Чегарске ватре”, така што учествувам постојано на сите манифестации. А сега сум во Бојник, песната може да се прочита на мојот фејсбук профил.
*Задоволна од се ова што Ви се случува? Го замислувате ли вака?
-Не се надевав, навистина немав кој да ме поддржи во земјава, јас се трудам, сама се борам за место под сонцето. Немам никаква. Меѓутоа јас верувам еден ден после мене ќе постојам повеќе отколку некои што сега се познати поети.
*Некое од Вашите деца го наследи талентот и тргна по Вашите стапки?
-Не. Не. Дури и не ме разбираат не го разбираат она што го пишувам. Само снаа ми ги чита. Таа ми помага да ги пратам каде треба. Имам прекрасни деца, јас премногу сум задоволна со своите деца, многу се добри. Четири ќерки и еден син. Речиси сама ги подигнав децата и многу сум вредна да речам, не се плашам од никаква работа. Најтешките работи ги работам кога чувам некоја личност и потоа имам големи препораки за пак да најдам работа на тој начин. Моите деца се еден вид на уметници… Најстарата ќерка заврши музичко училиште, обоа, клавир и ударни инструменти, не работеше никогаш како музичар, се вработи во “Микросам”, таму е до ден денес, втората заврши уметничко, за ќерамичка уметност, но се омажи во Финска, таму живее има три деца. Третата заврши филскултурно и професионална педагогија и бидејќи никој не ја подржува, а јас не барам од ниедна партија, иако јас во моето срце се знае која партија е, онаа што е за народот, онаа што е за татковината не предавнички, но и тие кои ги поддржувам не се обидоа да ми помогнат мојата ќерка да најде работа како педагог во некоја градинка, работи во обложувачница со професионална педагогија, а поттурнати деца работат на големи места. Четвртата заврши уметничко, група вајарство и многу години во Југославија се обидуваше да се запише на факултет тогаш примаа само по четири – пет, и се разбира примаа децата на уметници. Ама почна да учи јазици, почна да скока со параглајдер, почна да работи во Маат долги години, во чешката авиокомпанија, сега работи службеник во една адвокатска куќа. Синот работи во затвор Шутка, снаата ми е правничка во катастар, децата ми се прекрасни, меѓутоа не можам да им замерам што не сакаат да го прават ова што јас го правам.

*Како живеете како пензионерка, кажете ни нешто за себе?
-Јас сум од Скопје, стара Скопјанка, сме живееле кај што е дирекцијата Трготекстил. Кога се сруши куќата после катастрофата отидовме во Чаир да живееме. Имам куќа и во Радишани и стан во Карпош. Така да убаво ми е. Работам, немам гајле некој не би можел да издржи меѓутоа јас издржувам и ноќна работа, во чување на жени, и се. Пензијата ми е скромна, меѓуоа бидејќи таква беше ситуација две години се судев со префрлање на пензиите, јас отидов со 6.000 денари во пензија, и бидејќи претходната влада на Груевски ги покачуваше линеарно, стигнав до 11.000 денари пензија и така чмаам на тоа, меѓутоа јас на секој што ќе отиде во пензија му велам “не е важно колку е, важно е долго да се јаде”. Тоа е најважно…


Валентина Ѓоргиевски Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.