Mеѓународната научна конференција „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура”, која денеска и утре ја организира Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се организира во годината во која го чествуваме раѓањето на Блаже Конески и потребата од присутност на сознанието дека сме имале за наш современик личност која е единствена во своето слово, во својата мисла, со својот професионален, творечки и научен капацитет, но, не помалку важно, и со својот човечки интегритет. Конески претставува синергија на древното и на современото, врв од кој може да се види огромната ризница на нашето современо, но и наследено културно богатство. Оваа година Македонија одржува низа настани, со кои ќе се обидеме барем делумно да му се оддолжиме на Конески за сето она што го направи за нашата култура, книжевност и јазик.
Конференцијата ја отвори Претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека пограмата на овој научен собир потврдува дека воопшто не треба да стравуваме од евентуалната загрозеност на книжевно-јазичното културно наследство. Притоа тој рече дека „неговата заштита била и ќе биде обмислувана на највисоко научно рамниште, а со современите алатки на дигиталното доба во кое живееме, ќе биде впишано и во софтверот и во хардверот на сегашноста, се разбира, во име на иднината“.
Грижата за културното наследство е наша заедничка одговорност и обврска и долг да продолжиме со негување на најдрагоцените творби и дела на великанот Конески. Токму програмата на овој денешен настан потврдува дека низ различни текстови и со неколку значајни имиња од македонската и европската славистика, ќе го создадеме тој мост на почитување, разбирање и соочување со новите предизвици.
Еден од најголемите предизвици е зачувувањето на наследството а обврската за негување на творештвото подразбира и негово интегрирање во глобалните трендови на образованието, науката и културата.
Делото на Конески и на останатите основоположници на современиот македонски литературен јазик, за жал, често е мета на оркестрирани напади и ирационални негирања. Станува збор за атак врз нашиот јазичен и културен идентитет пред кој ние не можеме и не смееме да останеме неми набљудувачи. Пендаровски порача дека фактите и научната верификација на меѓународно ниво одат во наш прилог, не оставајќи простор за импровизации и политички интерпретации. Нагласи дека ваквите меѓународни конференции се најдобар начин за враќање на фокусот кон книжевните историчари, теоретичари, лингвисти, филолози и кон сите оние кои, како што рече, разбираат и знаат, наспроти произволните толкувања.
– Да се има грижа кон книжевното културно наследство, да се негува меморијата за континуитетот на мислењето обликувано низ книжевните форми и записи, значи да се архивира секоја социокултурна специфика на едно национално милје, но, пред се, значи да се има посебен однос кон сопствените корени…Богатството на културните идентитети најдобро може да се согледа низ мноштвото книжевни артикулации во светот, а низ тие артикулации се отсликува и развојот на јазичното богатство и наследство. Токму затоа не смееме ниту да помислиме да запреме со одговорното архивирање, но и со постојаното научно, креативно и критичко промислување на контекстите во кои е создавано книжевното културно наследство. Ако тој процес запре, бездруго ќе запре и идејата за творење како културен и општествен процес иманентен на луѓето, истакна Пендаровски.
Нејзиниото организирање се совпаѓа со два значајни јубилеја – 40 години постоење на Институтот за литература при УКИМ и 100 години од раѓањето на втемелувачот на современата македонска филологија, лингвистика, литература и култура, Блаже Конески. Покрај обемната програма на конференцијата, ќе биде промовирана и монографијата „Етичките и аксиолошките аспекти на литературата и културата на 20 и 21 век“.