Почетна ИНТЕРВЈУ МЕГАИНТЕРВЈУ СО МАРИЈА ЧЕПИШЕВА: Кругот, кој е заштитен знак во моите дела,...

МЕГАИНТЕРВЈУ СО МАРИЈА ЧЕПИШЕВА: Кругот, кој е заштитен знак во моите дела, го отсликува и мојот живот!

Скопје, 11.08.2024

Академската сликарка Марија Чепишева е креативка чиј креативна авторска особеност пленува, и е препознатлива во буквално секоја нејзина изработка.
Оваа реномирана уметница е посветена на графиката, преточена во уметнички форми, на кои не може да се остане рамнодушен/ рамнодушна.
*Последниве години преку неколку извонредни изложби ни покажавте што сѐ успеавте да изработите во изминативе години. Беше вистинско задоволство и радост за око да се погледнат делата, сета таа вдахновеност која ја имате внесено во графиката, таа живост и врвна естетика…
Марија Чепишева: Најнапред, благодарам за интересот за она што јас го правам и секако огромна благодарност за сета поддршката во изминатиот период. Да, имав еден подолг период кога ниту креирав/ создавав, ниту пак имав можност, па затоа и не бев присутна на уметничката ликовна сцена, иако, во душата кај мене постојано има уметност, создавање од било кој аспект. Она што сакам да го кажам е дека ние уметниците и тогаш кога не оставаме некој обоен белег на платно, хартија и слично, сепак создаваме или си наоѓаме некои начин или средства за да му дадеме на светот нешто убаво. Јас постојано нешто создавав, сѐ со цел на луѓето, а исто така и себе си, да дадам нешто убаво.

*Во последниве две години, забележувам, сте поактивна во директна комуникација со јавноста, од порано. По подолго творење во сопственото ателје, направивте две големи изложби, во Скопје и во Струмица, на кои би сакала да се осврнеме, уште еднаш. “Три круга за да бидам таму”, беше изложбата што ја погледнавме минатата година во галеријата на МКЦ.
Марија Чепишева: Како што напоменав, имав подолг период во кој што не создавав, ама тоа не значи дека не сум имала планови. Во животот секогаш сите патишта не ни се отворени, животот ни поставува невидливи пречки од кои некои потешко се надминуваат. Ете мене не ми одеше, патиштата ми беа подзатворени, ама како велат во секое лошо има нешто убаво- добро и тоа е повеќе од доволно и благодарна сум за тоа. Поговорката вели сѐ во свое време, па ете, тоа време за мене било токму сега. Не треба да се откажуваме, иако е тешко, секој од нас сам си знае како си го носи својот товар, својата тежина, но затоа се тука оние позитивни нешта како сонот кој постојано е во нас и нѐ потсетува да истраеме и да го почекаме нашиот момент, па дури тогаш да се реализираме или оствариме. Како што реков, ете сега беше време за јас да си ги реализирам своите мечти. Пред неколку години ја завршив педагошката доквалификација, и успешно го одбранив моето магистерско истражување. Магистерската работа од областа на ликовната уметност, поконкретно- графиката, ја нареков “Три круга за да бидам таму”, што претставува еден симболичен наслов со кој сакав да го отсликам на некој начин мојот живот, или животот на некој друг, поставувајќи го симболично во тие три круга. Кругот кој исто така и во ликовната култура има големо значење, круг како вечна инспирација на секој уметник, круг во кој има многу кругови, круг како потсетник на вечноста, круг, како зачеток, ембрион, часовник кој мери време, круг како постојаност, круг како светост или знак за Бог. За кругот можеме и уште. Kругот е секаде околку нас, а се почнува од една точка, која и самата е еден круг и така во бесконечност ја аплицираш својата фантазија. Можете да видите дека тие три круга за кој јас си велам се мои, ама и не се; во тие кругови сме сите ние. Уметниците своите идеи за нивните следни дела ги црпат од своите мечти, фантазии, искуства, видувања, луѓе, настани, инспирации, но сепак оставајќи простор луѓето кои ги забележуваат делата да си пронајдат некои свои сопствени искуства, видувања, сеќавања. Јас на пример во моите дела користев стилизиран божур кој ме потсетува на мојата почината мајка, со кој симбол сакав да ѝ кажам: “Благодарам и те сакам засекогаш”. Истовремено, се надевав дека истиот тој божур е можеби едно сеќавање или пак мирис кој некого го потсетува на детството или пак на нешто што некому би предизвикало добро/пријатно чувство. Чувство на спокој. Уметноста постои токму затоа- да предизвика убави вибрации кај луѓето. Јас никогаш до сега така интензивно не сум се поставила самата себе во уметничките дела, токму затоа сметав дека истите треба да ги видат и другите. Па од таму делата од магистерскиот труд во мај 2023 година, ги поставив најпрво во Галеријата на МКЦ. Поставката од изложбата во јуни таа година беше поставена и во Мали ликовни салон во Крагуевац, Србија, каде публиката уживаше цели три месеци, а потоа следуваше поставка и во Струмица. Можам да кажам дека секаде делата имаа одлични критики, што мене ме прави особено задоволна, исполнета, горда, за да можам да кажам: јас го направив тоа!

*Минатата година мавте и заедничка изложба со Вашиот татко, познат графичар со доста регионални награди Зоран Лазаревски, на која повторно изложивте графики. Како дојде до идејата за заедничката изложба во Струмица?
Марија Чепишева: Бидејќи сакав уметничките дела да допрат до што повеќе луѓе, истата поставка ја презентирав и во Струмица во Домот на култура Антон Панов, овој пат дополнета со делата на мојот татко, академскиот уметник, Зоран Лазаревски. Изложбата понатаму продолжи со реализација само со дела од мојот татко во Кавадарци и Неготино, додека јас направив кратка пауза за да ги средам моите впечатоци и донесам некои одлуки. Во периодот од октомври па сѐ до денес, подготвувам уште една изложба која што овој пат ќе биде малку поинаква од онаа претходната. Овој пат делата се на платно и дрво, но идеата е на некој начин слична, ама сепак различна. Имено, повторно играм со кругот и токму затоа на оваа изложба ќе можат да се видат дела во кои интензивно е поставена точката. Во тек се подготовки за реализација изложби на повеќе локации; првата е во Домот на култура Кочо Рацин во Скопје и галеријата Ко-Ра, планирана за 28-ми септемри 2024, а за останатите локации, публиката ќе биде дополнително известена.

Exif_JPEG_420

*Од сите техники на ликовната уметност, вие за примарна ја одбравте графиката. Зошто? И од кога?
Марија Чепишева: Графиката е една специфична ликовна гранка која во својот израз е исклучително тешка и побарува многу труд, знаење, ангажман, но најмногу од сѐ, познавањето на низата графички техники. Тие со текот на времето се развиваат од неколку основни, па сѐ до, можеме да кажеме, цела низа. Секако, не секоја е со иста тежина на реализација. За жал денес, графиката некако е на работ на изумирање, а тоа се должи веројатно на сложениот процес за кој говорев. Графиката дава низа на можности, предизвикувачка е во однос на секоја линија која авторот ја повлекува, дали преку хемиски или пак преку мануелен начин. Секој оној момент на подигање на отпечатената хартија буди низа на чувства кај авторот. Целиот процес е долг и знае да трае и по неколку недели. И тоа само за еден, оној прв отпечаток. Веројатно тоа е и причината зошто сѐ поретко младите автори се одлучуваат да изберат предмет графика, или воопшто да создаваат дела, преку графиката. А ме прашавте зошто графика. Мене пак ме предизвикуваше токму целиот непредвидлив начин на реализација и изненадување кое го нуди графиката. Јас од моја најрана возраст бев присутна во онаа голема печатница на НИП Нова Македонија каде се печатеа сите тогаш актуелни весници и списанија, а се благодарение на мојот татко. Ми беше исклучително интересен процес во кој од една празна, метална плоча подоцна излегуваат серија на отпечатоци. Графиката е токму тоа, само малку поинаква, подинамична, но на крајот, задоволството е уникатно. Тешка за реализација, но исто така и исклучително скапа, почнувајќи од графичките материјали и средства, потребните карактеристични алати, хартија, боја…

*Што е потребно за да се изработи една добра графика?
Марија Чепишева: Идејата е прва. Потоа во зависност од тоа што сака авторот да постигне, потребни се низа алатки наменети за мануелно делување на плочите на кои се работи, а за што се користат различни алатки, за различни техники. Доколку имаме хемиска обработка на графиката, тогаш потребна е киселина која делува на цинковите или бакарните плочи, како и исклучително добра печатарска боја и квалитетна хартија, која кај нас ја има малку, а таа што ја има е доста скапа. Преса, преку која авторот ќе го добие првиот отпечаток, а потоа и сите оние дополнителни отпечатоци. Во зависност од изборот на техниката, може да се извадат неколку отпечатоци, или, во некој случај, само еден единствен авторски отпечаток. Ова важи за оние класични техники кои ги обработува графиката, кои побаруваат посебни алатки, услови и материјали. Останатите понови техники кои ги нуди графиката исто така побаруваат и услови и материјали, но далеку помалку од сето она потребно за изработка на графика во класичните техники. Во овој контекст само накратко би сакала збор- два да кажам за дигиталната графика, која беше цел на интерес, а се однесува на моето магистерско истражување. Имено, токму поради она што го побарува за изработка, графиката, а тука го вклучувам и местото каде се реализира процесот (не секој може и има можности да си обезбеди сѐ од погоре набројаното), јас во мојот истражувачки процес, се обидов да дадам реално оправдување за користење на дигиталната графика во уметничката пракса, притоа таа во нејзиниот процес на создавање да има и оправдан квалитет. Накратко, дигиталната графика не подразбира седнување пред компјутер и создавање на некоја компјутерски графика. Она што јас го направив е комбинација меѓу класичната и модерната графика. Тоа значи- за да јас дојдам до крајниот отпечатен примерок, најпрво изработив матрици кои ги печатев, па отпечатоците кои ги добив ги дигитализирав и рачно ги доработив, матриците исто така ги дигитализирав и обработував. Сакам да кажам дека моите дела изработени во дигитална форма се еден вид компромис помеѓу класичната и дигиталната графика, секако држејќи се исклучително до квалитетот при реализација. Сите графички дела на самиот крај беа отпечатени на различни подлоги како плексиглас, хартија на која и е гарантирана долготрајноста на боја и сликарско платно за доловување на сликарски ефект. Затоа што не се задоволив само со тие интервенции, јас на секој отпечаток му дадов дополнително рачно печатење или досликување, цртање и слично.

*Кои мотиви и моменти ги обработувате во Вашите цртежи? Гледам во нив вложувате и доста фантазија.
Марија Чепишева: Мотивите како што пред малку реков, ги пронаоѓам во секој еден момент, дали е тоа некоја прошетка во природа, па од таму да најдам парче инспирација. Инспирацијата е насекаде, во секој еден мал момент, доколку те предизвика тој порив, како автор го впримаш и забележуваш.
Скопје, со сите твои немири што ги буди, дава ли доволно инспирација од своја страна?
-Скопје… ммм јас сум тука родена и го имам ептен во срце. Го сакам оној мирис на липите. Ги сакам сите мали сега скриени и сега ретки дворчиња исполнети со цвеќиња. Го сакам топлото лето, Водно со сите негови убавини, Матка и црквата Свети Димитрија каде сум и крстена, венчана и каде е крстена мојата ќерка. И од сите тие спомени се обидов да ставам по еден белег во некои од моите дела. Но искрено, ова Скопје, сега денес… Дали дава инспирација, за жал, не знам…

*Графиката, ми се чини, бара прецизност која лесно ќе се препознае доколку не е совршена. Тоа е можеби и предизвикот да се работи оваа техника или има нешто и зад тоа?
Марија Чепишева: Графиката спаѓа во една од потешките ликовни гранки. Совршена графика е онаа која ја избира авторот и за него е совршена, ама сепак постојат низа на нешта, од технички аспект, а кои можат да ги препознаат само оние кои долго ги обработувале графичките техники. Но, како што велеа сите мои ментори, кои се исклучителни автори во својата дејност како проф Димитар Малиданов, проф. Константин Танчев- Динка, д-р проф Трајче Блажевски и академикот Фехим Хусковиќ, графиката ја носиш во срцето. Може да те боли цело тело од постојаното гребење на металната плоча, а потоа те боли секој мускул додека го бришеш вишокот боја од плочата додека се обидуваш да го доловиш секој оној тон кој како автор си го замислил. И секако да бидеш исклучително чист во однос на работата со сите тие валкани материјали, за на крајот го добиеш оној чист примерок за кој што претходно зборував.
*Има ли кај нас заинтересираност на публиката за графички изработки?
Марија Чепипева: Оние кои колку- толку се упатени во овој процес и сите оние кои знаат да го ценат секое рачно создадено дело без разлика на техниката, стилот и слично, и секој оној кој знае да ужива, а истовремено да ја цени вистинската вредност воопшто на уметноста, верувам дека ќе знае. Оној кој знае што на светот му значи уметност, а од таму и графиката ќе препознае, ќе знае. Да ја познаваш и цениш, не e само да уживаш како во дополнителен убав украсен детал во својот стан, туку навистина да ја разбираш и цениш. Е сега ако ме прашувате дали има доста такви, ќе кажам за жал не, ние како општество, уметноста, уметниците и она што тие го прават не го сфаќаме сериозно, се тргнува од оној став: седнал и си црткал, ама никако не се внесуваме подлабоко, што всушност уметноста значи за едно општество. Како еден уметник доаѓа до финалното дело. Јас кога се обидувам да кажам дека за едно дете во развој прво што му треба е да се развива во сферата на било која од уметностите, а не веднаш во математика и физика, често ми велат: на детето му треба интерес од посериозните предмети. Да, се согласувам, не негирам, но, за да ги научиме децата да пишуваат, најпрво треба да ги научиме на основните човечки способности. Да управуваат со рацете- тоа го правиме преку вежби за моторика на пример, месење и формирање на објекти од глина. Тогаш детето ем работи со прстите, го создава објектот кој му е цел на интерес, а истовремено, преку стимулирање на рацете, го вежба и умот. Цртање крукчиња мешање бои, сето тоа е вежба за координација, тука имаме мисловен контакт, визуелен преку препознавање објекти, бои, текстури- значи тактилна сетилност. Така се стимулира и поттикнува умот. Сето тоа е поттикнување и стимулирање на детето. Не можеме да градиме квалитетни личности, доколку токму тие личности кои ние како општество ги создаваме и градиме, не знаат вистински да ја ценат уметноста, не знаат да го одделат убавото- естетско, од она неубаво и кичесто. На кратко, сметам дека преку ликовното образование децата најпрво се стекнуваат со основните човечки доблести, а особено важни за развој на детето, значи, моторика, мисловна вежба, дисциплина, фантазија, да учи да забележува- да перцепира, да ги гледа работите од сите страни, да анализира, да се грижи за се околу него; така децата се учат да се дружат, да споделуваат, а од таму да учат и да ја поттикнуваат емпатијата и сл. Јас сметам дека дури потоа, тоа дете, таа индивидуа, полесно ќе може да навлезе во сите други научни аспекти, во математиката, во физиката. Има многу да се зборува на оваа тема, накратко се надевам дека таа свест за вредноста на уметноста во човековото живеење ќе го надмине процесот на негирање на истата.

* Се сеќавате која беше Вашата прва слика графика, и колку се како бројка, досега создадени?
Марија Чепипева: Првата, хм. Во средното уметничко, имавме задача да користиме слики од познати автори и по нив да исцртаме цртеж за линорез. Јас го одбрав Албрехт Дирер. Големиот графичар, автор со невиден прецизен и чист цртеж. И денес го имам тоа клише, ама ете сега се сетив, зошто не ми текнало досега да си направам некој отпечаток од него… Ете тоа е доброто во графиката, вака по долго време можеш да си направиш отпечаток на нешто што си го работел некогаш. Меѓутоа, тоа никогаш не би било исто. Секој отпечаток е сам по себе-оригинал. А што се однесува на вкупниот број, досега имам изработено над 200 дела, од кои повеќето се со употреба на дигиталните техники.
*Освен таткото сликар графичар, кој најмногу Ве вовлече и научи на оваа уметност?
Марија Чепишева: Па како што реков, најпрво мојот татко. Меѓутоа, јас додека растев со луѓе кои ја сакаат сериозно уметноста. И можеби тоа било некое скриено чувство на потреба да и јас го извлечам најдоброто од себе преку уметноста.

*Завршивте Ликовна Академија во класата на професор Димитар Малиданов (графика) и (графички дизајн) професор Костадин Танчев- Динка, а во март 2022 година запишавте постдилломски студии, под менторство на академик проф д-р Фехим Хусковиќ. Искрено би Ве прашала- формалната едукација игра ли голема улога кај една талентирана сликар или не е пресудна?
Марија Чепишева: Формалното образование е исклучително важно. Да, пресуден е талентот, меѓутоа формалното образование освен што го поттикнува, тој уште толку делува на развојот кај еден човек, го дефинира. Јас можам да кажам дека сите мои ментори кои сум ги имала биле врвни автори во својата област. Ми причинувало особена чест што можам да разговарам и да ги слушам нивните совети и предавања. Секој од нив посебно имал свој сопствен оригинален и исклучително воодушевувачки стил на пренесување на искуствата и знаењата. Па затоа од секој одделно дознав доста, а всушност ако бидеме искрени, од автори како нив се учи многу, секако ако сакаш и ако ги слушаш и почитуваш. Но, она што е многу важно е да знаеш и да сакаш да истражуваш, затоа што во уметноста не можеш се да научиш со зборување, уметноста е пракса, вежбање, постојано докажување пред самиот себе, отвореност, создавање, работа, но пред сѐ уживање.

*Образовниот порив и пренесување на знаењето на помладите генерации го чека својот момент, наскоро. Во најава е ликовно училиште за деца, идеја на која работите извесно време. Вашата ќерка (на фотосот) покажува ли интерес да биде меѓу тие деца?
Марија Чепишева: Да, оваа идеа за училиште за ликовно образование надвор од формалното образование, кај мене тлее од поодамна, можам да кажам дека тоа сакав да го реализирам уште по завршување на ликовната академија. Меѓутоа патиштата, непредвидливо/ несакајќи ме однесоа во еден друг правец. Денес таа идеа е созреана и мислам дека сега е времето за реалзирање. А мојата ќерка, хмм, таа веќе е таму хахахаха. Таа постојано работи и јас постојано ја подучувам. Деа има исклучителна фантазија, важна за еден уметник, но и за еден човек да може да си го создава и замислува светот и животот за себе. Особено детската фантазија е богата и ослободена од стегите кои не следат нас возрасните. Затоа велам дека децата сите до едно во себе имаат еден уметник кој ги дефинира и обликува, а на нас возрасните е дали ќе им дозволиме да израснат во слободни луѓе, дали ќе им ги скратиме или ќе им помогнеме ширум да ги отвори крилата. Јас верувам дека не постои дете кое не знае да црта, па дури и возрасен. Секој од нас во себе има една четка и една бела хартија. Нам ни треба поттик без страв да го испишеме чувството кое го имаме во себе и да го запишеме на тоа бело парче хартија. На сите нас ни треба, да му дадеме шанса на детето во нас. Токму со ова мото ќе се обидам да ги стимулирам сите оние кои ќе имаат интерес да бидат дел од активностите во училиштето. Верувам дека секој кој без стеги се обиде, ќе успее. Најважно е да се обиде и ужива во целиот процес. Училиштето е замислено да биде простор за убави чувства, каде тим од тројца професори ќе ги водат учениците до исполнување на нивните ликовни фантазии.

*Некои од досегашните Ваши награди се- големата графичка награда на ДЛУМ во 1999 година и откупна награда на Библиотеката Климент Охридски во истата година. Која е најголемата награда за една уметница?
Марија Чепишева: Посетител кој со внимание го разгледува и ужива во твоето дело. Кога некој се интересира и прашува како и зошто се нештата така и така поставени. Воодушевувањето и интересот со кое публиката приоѓа кон делата на еден автор, тоа е таа награда, можеби најважната награда. Затоа што токму тоа, како автор, те мотивира да разгледаш и поттикнеш други можности, дури и сугерирање и коментирање ти отвораат нови хоризонти за истражување. Затоа што, како што реков, уметноста е со бесконечни граници на создавањето.
*Не би сакала со проблемски моменти да фрлам сенка врз убавината на ова интервју, кое се темели на позитивноста во Вашата уметност, но ако не Вр предизвикувам да ги потенцирате слабите точки на општеството со кои се соочува една уметница кај нас, може барем да се праша- тоа што Вие и Вашиот татко сте членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија дали Ви носи ли тоа некој бенефит повеќе?
Марија Чепишева: Па да секако. Сите активности кои ги реализира Друштвото на ликовни уметници само го надополнува сето она што ние како автори го работиме. Те поттикнува и претставува со делата кои ние како автори ги реализираме и поставуваме на сите тие групни изложби. Ако зборуваме за слабите точки во општеството. Па веќе нешто погоре начнав. Мислам дека ние во нашето образование не се грижиме за основните вредности. А тоа значи да ги научиме децата да ги препознаваат и ценат вистинските вредности. Ако ги учиме и поттикнуваме, тогаш тие ќе знаат и да препознаваат уметност и убаво, и притоа ќе се обликуваат во добри и чесни луѓе кои ќе знаат да почитуваат, ќе се развиваат и ќе сакаат да дадат нешто повеќе за општеството во кое живеат.
Exif_JPEG_420

*Она што не верувам некој друг ќе биде љубопитен за да ве праша е за Вашиот ангажман во “Екран” како новинарка, пред повеќе од две децении. Како се случи тоа пренасочување, и каде е поспокојно и поудобно- во медиум или во сликарството, ако го земеме во предвид фактор дека и двата се медиуми, секој на свој начин.
Марија Чепишева: Да, се обидов и како новинар. Па како што реков, животните патишта се чудни, непредвидливи. А и во секој од нас има многу што може да дадеме. Сега прашање што е поразвиено или што е она што те креира како личност. Пак ќе речам луѓето можат многу повеќе од тоа што сметаат дека умеат. Меѓутоа е фер да си признаеш сам себе си, што е најправилното за тебе. Инаку новинарскиот интерес е повторно поврзан со печатницата, уметноста и слично. Се е тоа вид на уметност, јас така гледав на тоа. И секако, пред се тоа е едно убаво и пријатно искуство плус за мене.

Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big