Македонскиот филм „Медена земја „, со нови победи овој пат во Русија

Документарецот „Медена земја“ (Honeyland) го продолжува својот успешен поход на светските филмски фестивали. Деновиве триумфира на два фестивала во Русија. Ги освои наградите за најдобар дебитантски филм и за најдобар филм за животна средина на Интернационалниот филмски фестивал „Порака до човештвото“ во Санкт Петербург, како и гран-при за најдобар филм на интернационалниот филмски фестивал „Човек и природа“ во Иркутск, Сибир.

Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска деновиве по првпат имаа можност да го претстават филмот во двете крајни точки на Русија: од Балтичкото Море (на запад) во Санкт Петербург, па сѐ до далечниот сибирски исток на Бајкалското Езеро. Оттаму, македонските филмаџии беа испратени со најпрестижните награди.

На најстариот фестивал за документарен филм во Русија, „Порака до човештвото“, што се одржува на „Плоштадот на палатата“ (каде што секоја година има околу 40.000 гледачи), „Медена земја“ имаше две свечени проекции. Стефанов и Котевска во своето обраќање нагласија дека имаат голема чест што присуствуваат на филмски фестивал чијшто приоритет е пораката што ќе ја испратат до човештвото и дека тие се надеваат оти со својот филм го постигнале токму тоа: испратиле едноставна и моќна порака што се однесува на луѓето од целиот свет. Токму затоа им беше врачен „Кентаурот“ – симболот на фестивалот.

Од Санкт Петербург си заминаа и со наградата за најдобар филм за животна средина – Bellona Environmental Law Organization’s prize. Дополнително, во Музејот на матрјошките, во чест на „Медена земја“ гордо е истакната и матрјошката од главната хероина на документарецот – Атиџе.

Екипата на „Медена земја“ беше присутна  во Сибирски исток на Бајкалското Езеро, на 18. издание на „Човек и природа“ – фестивалот што го нарекуваат и руски пандан на „Оскар“. Филмот ја доби  статуетката од „реката АНГАРА, ќерката на БАЈКАЛ“ инспирирана од старата легенда за Бајкалското Езеро.

Фестивалот „Природа и човек“ се одржува токму во мистичната област на бајкалскиот народот „бурјаци“ и нивната чудесна шаманска култура, чијшто приоритет е задржување на врската со природата. Токму она што главната хероина на „Медена земја“, Атиџе, се обидува да го постигне. Впрочем, изненадувачка за авторите беше сличноста на тој народ со Атиџе во начинот на живеење и верување. Токму затоа, тие велат дека оваа награда им е особено значајна и се особено почестени да го добијат признанието за пораката што ја носи нивното дело токму од народот кој сè уште живее според таквите вредности.

По Сибир, авторите замина во Лос Анџелес, САД, каде што ја продолжуваат промотивната кампања на филмот во трката за „Оскар“.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.