Почетна ЖИВОТ Хортикултура Маслинка – Тајните во одгледувањето на ова корисно медитеранско дрво

Маслинка – Тајните во одгледувањето на ова корисно медитеранско дрво

Маслинката (лат. Olea europaea) е зимзелено дрво кое води потекло од Медитеранот, распространета од Португалија, па сè до Арабискиот Полуостров и јужна Азија и Канарските Острови. Достигнува висина од 3-13 m.

Плодовите од маслинката спаѓаат во групата на овошје и од нив се добива маслиново масло. Најголем светски производител на маслинка е Шпанија, па после неа следува Италија. Едно стебло од маслинка може да даде од 15-40 кг плод, што одговара на 3-8 кг масло. Она маслиново масло кое ќе се добие со ладно цедење се нарекува девствено масло. Маслиновото масло најмногу се користи во медитеранската кујна, каде се користи како додаток во исхраната и лек.

Маслиновото дрво цвета во мај и јуни, а овошјето созрева од октомври до февруари, во зависност од климатските услови. Маслиновото дрво е познато по својата долговечност. Плодот на маслинката се јаде природно и се користи исцедено како маслиново масло.

Дрвото на маслинката, првите седум години од засадувањето не раѓа плодови, додека најголем род дава дури по 20 години. По 150 години родот се намалува, а по 200 години на местото на старото стебло изникнуваат нови млади стебла.


Незрелите, светлозелени плодови содржат 15-35% масло кое е најдобро за користење во исхраната, додека за масло се користат комплетно зрелите плодови на маслинката со темно виолетова боја.

Услови за одгледување

Дрвото расте на карпесто земјиште и има потреба од балансирана клима без многу нагли промени, поднесува суша, но не и ниски температури. Одлично успева во топлите предели на Медитеранот, покрај море и најмногу до 400 м надморска висина. Ниската температура е главен фактор кој го ограничува одгледувањето на маслинката. Затоа, се одгледува само во крајбрежните области. Просечната годишна температура во зоната што расте е околу 15-20°С. Апсолутната максимална температура може да биде до 40°C без никакви негативни ефекти врз маслинката доколку дрвото е добро обезбедено со вода. Минималната температура пониска од -7°C може да предизвика сериозни оштетувања доколку студот трае подолго од 8-10 дена. Во пракса, се препорачува маслинката да не се шири во области каде што температурата обично се спушта под -4 до -5°C. Бидејќи маслинката цвета малку подоцна, послабите рани мразеви не се толку опасни како за другите култури.

Иако се вели дека маслиновото дрво е релативно отпорно на ветрови, треба да се избегнуваат области каде што често дува силен ветар или да се подигнуваат ветрозаштитни појаси. Но, местото каде ќе се одгледува сепак треба да биде вентилирано, што е многу важно за време на цветањето.

 Маслинката е многу отпорна на суша. Се одгледува исклучиво без наводнување, така што за време на долгите суви лета, зависи исклучиво од резервите на вода во почвата. Бидејќи критичниот период за маслиновите дрвја е август и септември, кога овошјето расте интензивно, а почвата може да ја зачува влагата во текот на летните месеци, евентуалните врнежи од дожд во овие два месеци можат значително да влијаат на приносите. За стабилни и високи приноси, претежно кај трпезните сорти, потребно е наводнување. Режимите на вода во опсег од 300-500 мм дожд годишно, се смета за доволно за неговиот добар раст и развој.

 Земјиште мора да биде растресито, да може брзо да прими вода при пороен дожд, мора да биде длабоко изорано за да има добар капацитет на вода, да може да задржи онолку колку што прима. Содржината на глина не треба да биде поголема од 60%, затоа што во спротивно нема да се развие здрав коренов систем заради ограничената содржина на кислород. Маслинката е многу чувствителна на вишок на вода во почвата, така што слабо исцедената глина, слабо пропустливите почви и почвите со високи подземни води се целосно несоодветни за одгледување на маслинки.

Како се бира позицијата за садење и се подготвува земјата? – Маслинката е типично хелиофилно растение и бара директна сончева светлина за секој лист. Може да се одгледува и во области лоцирани на 500-700 m надморска височина. Поголемиот дел од светското производство е забележано на Медитеранот – Хрватска, Италија, Шпанија и Грција (географска ширина од 30° до 45°).

Според извршените испитувања, доколку планираната локација ги исполнува барањата на маслинката, теренот прво се чисти и рамни, а потоа се риголова. Особено внимание треба да се посвети на темелно чистење на почвата од остатоците од претходните растенија. Во текот на јули и август, се обработуваат два слоја: прво до длабочина од 80-100 cm (корисно за истекување на водата), а потоа следи површинско орање на длабочина од 30 cm (за да се покријат органските ѓубрива). Маслинката се сади во рана пролет, така што се препорачува да се подготви теренот во лето, односно во есен претходната година, а мелиоративно ѓубрење и длабоко орање во доцна зима или пред садење. Ваквата подготовка на земјиштето е идеална за одгледување на современи насади на маслинка.

Време на садење и техника и како да ги изберете сортите кои сакате да ги имате

Засадувањето на маслинки може да се направи во кое било време од годината, доколку се користат садници од расадник. Садењето најчесто се врши во октомври за јужните региони, како и во март-април-мај за централно-северните региони. На садењето на маслинка, како агротехничка операција му претходи расчистување на почвата од остатоци од дрвенасти растенија, обележување на редовите и местата за садење. Потоа се копаат дупки со длабочина и ширина од 25 до 30 cm. По садењето, препорачливо е секој садник да се залее со 6-10 литри вода. Во зависност од меѓуредното растојанието (6×5, 6×8), формата за садење е дефинирана како четириаголна, пентагонална или расфрлан тип. Во современите насади, широко е распространето одгледувањето во редови. Оптималното садење е пентагонално. Како саден материјал се користат само садници со добар квалитет, според планираниот асортиман во однос на посакуваното производство, а и во зависност од меѓусебното опрашување.

Основната поделба сорти на маслинки започнува од нивната намена, така што тие се поделени на сорти за масло и трпезни сорти. Маслените сорти во нивните плодови имаат поголема содржина на масло отколку трпезните сорти и обично се со помал плод. Трпезните сорти имаат поголем плод, со поповолен сооднос месо-коска и помала содржина на масло.

Делови на текстот се користени од Portalot www.hortukultura.mk

metropolis-big