Носителот на советничка листа на Левица за Општина Карпош на претстојните локални избори 2021, Мартин Димоски, ни ги открива своите идеи во врска со културниот концепт кој би го спровеле во оваа бројна и позната скопска општина.
Опишете ни го Вашиот генерален концепт и идеите кои ќе ги понудите, од оваа област?
-Несомнено културата зазема значајно место во нашата изборна програма. Прва точка ни е отворањето на општински младински културен центар кој би бил своевиден алтернативен ресурсен центар, т.е. „инкубатор“ на младите културни дејци. На повеќе локации, во повеќе населени места планирани се отворање на АКСЦ т.е. автономни културно- социјални центри. Во одредени паркови ќе се постават и неколку бини кои ќе може да се користат за организирање на најразлични културни настани како театарски претстави, филмски проекции и други музички настани. Предвидуваме да отстапиме и дел од фасадите на големите станбени згради за изработка на мурали како и јавни површини за облагородување на графити и уметнички цртежи. Целта е со сето ова далеку да се подобри состојбата на културата во општината од една страна, а од друга страна да се овозможи место каде што ќе може младите уметници да творат и да се искажуваат.
Според Вас, колку од општинскиот буџет годишно би требало да се издвои за таа намена?
-За дел од мерките кои ги споменав во претходното прашање не се потребни воопшто финансиски средства или се потребни незначителни средства, но не може однапред да се каже колку е потребно да се одвојат буџетски средства за реализацијата на овие идеи, пред се поради влијанието на повеќе фактори. Она со сигурно може да се каже е дека ќе се настојува за процентуално зголемување на расходите за култура и образование, на сметка на оние непродуктивните како што се спроведување на теренски анкети, огласување во весници и други слични трошоци.
Има доста запуштени, а креативно возбудливи простори во Карпош, коишто заслужуваат да се најдат на културната мапа на градов, на пример, со пренаменување на просторот на Македонски Пошти покажа дека е така, и е полн погодок. Можеби има уште некој таков скриен простор во Вашата општина.
-Да. Во Општина Карпош има повеќе запуштени објекти односно објекти кои не се искористени, а може и тоа како да бидат искористени особено во поттикнување на развојот на културата. Истите ќе бидат пренаменети за сместување на автономните културно-социјални центри. Тоа исто така е дел од изборната програма.
Не може да се избегне и констатацијата дека културата е маргинализирана, од една страна, а и узурпирана од друга, со фактот дека одредени шеми постојано наоѓаат начини како да го земат оној поголем дел од буџетите, а да не направат нешто многу значајно. Како ќе се заштитите од притисоци на луѓе од културата и сцената, поврзани во шеми, врз Вашата работа или врз работата на комисии, институции?
-Се согласувам дека е маргинализирана и узурпирана, но не би се согласил дека има притисоци. Не се работи за притисоци туку за добро разработена пракса од големите политички партии кои ја акцентираат партиската определба кај уметниците. Целосна транспарентност во процесот, но и комисии составени од професионалци, а не партиски послушници е еден од начините.
Во Карпош често се случуваат настани, таму е и легендарниот Драмскитеатар. Што би задржале од постоечката културна понуда, а што би менувале?
-Веќе неколку години се одржува и „Карпошово културно лето“ кое не е
ништо друго освен партиска парада на партијата која владее со општината. Овој културен настан ќе остане и понатаму, но во целосно нов концепт каде акцентот ќе биде поставен на уметниците, артистите, музичарите и останатите културни дејци кои живеат или творат на територијата на Општина Карпош. Ќе поттикнеме и поддржиме повеќе културни настани. Впрочем нашиот план е да секое населено место на годишно ниво организира свој, автентичен културен настан. Со тоа значително ќе се збогати понудата не само на општинско ниво, туку воопшто, и во Град Скопје.
Не е лесно мерливо какво треба да биде распределено финансирањето накултурата, но некои параметри мора да се следат. Просто речено, тоа се гледа од самиот факт што потребата на народот за културата прекинала или е значително намалена. Вие, каде го лоцирате проблемот за намалениот интерес?
-Не би се согласил дека нема интерес. Интерес има, но понудата е таква каква што е. За истата голема вина има Министерството за Култура, а потоа и општините кои финансираат неквалитетни и сомнителни проекти, на сметка на оние квалитетните. Со тоа се прави директна деградација на културната понуда што се отсликува во незаинтересираноста на жителите. Од друга страна, квалитетните културни настани се недостапни за обичниот жител. Тоа може да се гледа и низ призмата на класната сегрегација.
Валентина Ѓоргиевска Парго
(Текстот е некомерцијален, Редакцијата е отворена за разговор за културата со кандидатите за градоначалници и советнички листи на сите општини кои ќе пројават желба и интерес )