Во сабота, 5 октомври, концерти, изложби, кино, театарски претстави, 3Д видео мапинг и уште многу други културни содржини, ќе бидат дел од овогодинешната јубилејна 15. „Бела ноќ“ во Скопје.
На 15 локации, истовремено, уметници, музичари и сите кои се дел од „Бела ноќ“ на присутните ќе им понудат најразлична културно-уметничка содржина.
Веќе 15 години, фестивалот ја доближува уметноста до граѓаните, со концептот кој одговара на урбаната заедница која се поистоветува со својот град.
Како дел од овогодинешната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе започне во 20:00 часот. Овој настан ќе ја одбележи важноста на еден вака грандиозен фестивал на кој се родиле голем број музички имиња што оставиле огромни хитови, кои сеуште се актуелни. Во придружба на Биг бендот, скопјани ќе се потсетат на најголемите хитови од Скопскиот фестивал со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и Ај Кју.
Погледнете ја целата програма и одберете содржини на кои сакате да присуствувате.