Макфест 2020 -Завесите се спуштени но да потсетиме “Светлината не треба да се става под капак”.

Ех, кога Макфест секогаш би почнувал со  Златната ретроспективна вечер!
 
На „МАКФЕСТ“ 2020, завесите се веќе спуштени. Ги имаме песните, ја имаме победничката песна “Сакам да живеам“ со победникот Нокаут. И, се уште и сосема добра тема за разговор. Ги средуваме впечатоците, ги преслушуваме некои од песните на радио, бараме што е ставено на yutube (а требаше да биде се ставено уште после самиот фестивал), социјалните мрежи тивки, не пламна годинава како наназад, пофалби има, некако испадна погодено.
Со кого и да коментираш, коментарите да главно се сведуваат на а “Рестроспективната  вечер беше фантазија, одлична и сцената”, и “Не беа лоши новите песни”. Овој вториов одговор е се уште со резерва заради изминатите години, всушност во превод значи “песните беа навистина добри, а слободно може да се рече и одлични”.
Сосема воочливо дека беше работено на нив, можеби и карантинот и летувалската ограниченост си го направија своето, сите имаа повеќе време да се посветат. Aранжманите беа изработени со сконцентрирано мајсторство на младите аранжерите, добри пејачи кои беа опуштени до мерка која е потребна за да е убаво, и најважно од се- не се осети груб натпреварувачки набој! 
Како бонус добивка е претставувањето на неколку млади навистина одлични таленти, кои не остана незабележани, Светлана, Полина, Омар…
Оние, на кои им е времето- Биба, Наде, Пере, Ѓоко, Александар и Дац, Виктор, “Ај кју” , и други, уште еднаш потврдија дека не случајно се во најтесниот круг на “нај, нај”.
Не, навистина шетав со “маусот” не сретнав негативен,  негаторски или лош коментар.
Најмногу, затоа што увертирата беше нешто величествено, а со ова мислам на првата фестивалска вечер кога грлати пејачи како :Лидија, Дарио, Џафер, Џокси, Ристо, Оле… не потсетија на дел од најголемите и од секого сакани макфестовски рефрени.
Ако јас се прашувам, јас би ја вовела оваа ретроспективна вечер како задолжителна, секоја година, на која ќе се пеат евергрините!!! После, се е поубаво. Било онака со оркестар, било на матрица, било плејбек. Незаборавното, ненадминливото да се види и чуе, или како велат “светлината не треба да се става под капак”.
Таа евергрин макфестовска светлина со силен сноп зраци ја осветли аурата и на овогодишното издание, со новите песни. Беше прекрасно! На сцена. Зад кулиси, нема да се осврнам овој пат. 
“Макфест” некогаш и сега е (не) возможно да се споредува. Сега е некое “ново нормално”. Притоа, не мислам само како на термин за ситуацијата со короната. Воопшто.
Еве ќе ви кажам само неколку причини зошто не се споредува:
-МАКФЕСТ, поставен во 1986 година, не почна од нула. Почна од најгоре. Ако ве чудат овие мои констатации, сетете се дека на тие макфестовски изданија,креаторите беа веќе најврвните композитори, аранжери кои создаваа за селективната Музичка и касета продукција, на МРТВ. Пејачите кои доаѓаа од надвор беа најпознатите југословенски имиња, од редот на Крунослав-Кичо Слабинац, Иво Патиера, Зорица Конџа, Зафир Хаџиманов, Симона Вајс, Зерина Цокоја, Ален Славица, Даниел Поповиќ, Тајчи, “Поп дизајн” , вистински музички ѕвезди на 24 милиони луѓе, по критериуми создавани 40 години пред тоа. И првата победничка Хелена  Благне била поканета како млада ѕвезда која пред тоа успешно настапила на врвниот “Сплитски фестивал” . Случаен успех, никогаш и никаде нема. Се е подготвувано однапред.
Инспирацијата и мотивацијата на авторите тогаш била да се освои, навистина да се освои публиката. И тоа не само за една ноќ. Затоа се што, се што се создаваше  остануваше како разлеан ѕвезден прав. 
-МАКФЕСТ беше главниот музички настан во тие години, кога немаше многу медиуми и само два телевизиски канали на МТВ, кога немаше ни интернет, ни “разбранувана ” естрада, а беше попопуларен од сите актуелни реални шоуа. И, кога публиката гласаше и беше дадено неприкосновеното право  да гласа по свое. 
Доаѓаше “сериозна публика”, што значи заинтересирани граѓани кои си купуваа билети и си гласаа по свој вкус, без никакви сугестии и притисоци. Сите пејачи имаа речиси ист третман, во тогашното списание ” Екран” и во дневните весници  “Нова Македонија” и “Вечер”. Победниците и престижна насловна Екран страница. 
На крај, целиот труд ќе беше попуст, ако го немаше онаа “крајот делото го краси”. Победници со чисти победи, победници кои навистина имале најдобри или едни од најдобрите песни. Ни трошка прав врз нив. Тоа го правеше чувството на публиката комплетно  врвно и нечепнато.Знаете ли што значеше Макфест? Знаете ама и можеби не доволно.
-Ние сега не можеме да го вратиме  времето назад, немаме ни временска машина да се качиме и да прелетаме низ годините. Тој времеплов не ни е достапен. Освен преку песните. 
Она што останува да направиме достоен Макфест кои и во иднина ќе ги продуцира најдобрите современи македонски поп песни. Со пријатна атмосфера која ќе се шири преку малиот екран. Како што беше некогаш. Макфестовската тајфа од златните времиња и ден денес е зачувана во некоја своја форма, зошто дружењата беа искрени и забавни.
Фестивал кој ќе мотивира не преку наместени избрани песни и награди,  како што тоа го правеа пакосните продукции кога стапнаа со алчни дланки, во борба за додавање свои ексклузивци, кои потоа  со лажната “макфестовска круна” ги продаваа на клубови, кафулиња за ситни пари. И ги создадоа најсивите Макфестовски, промашени изданија. Без никаква грижа на совест. 
-Ние сега треба одново да дефинираме и реанимираме Фестивал кој ќе ги вреднува и им оддава почит на оние кои го создавале мозаикот, камче по камче. Директори, режисери, асистенти, медиумски преставници. 
Кога сме тука јас доколку се прашувам би вовела и награда за радио станиците и за новинари кои ќе пишуваат. Не мислам на радио кое најмногу ќе ги врти песните. Радио кое најмногу ќе ја запознава публиката со целата макфестовска приказна. Сите оние мали магични анегдоти- Како на пример дека евровизиската ѕвезда Тајчи почна тука, на свои 16-17 години, како и битолчанката Маргарита Христовска, додека Каролина имаше само 11 кога ја откри Тоде Новачевски (сопругот на Маријана Сариќ). Дека познатата “Старо купувам” на Дарио е на текст од поема на Ацо Шопов, со наслов “Продавач на старо”, дека и Здравко Чолиќ еднаш  дојде, но како гостин придружба на Кемал Монтено. А пак дека Кемал макфестовската  “Јас бев твојот поет” ја пресними на босански со Даниела Мартиновиќ и стана балкански хит, а “Кога те нема” има италијанска верзија со Хелена. Дека на таму пееше и групата “Тавче гравче” со Драган Вучиќ, но и Ефро Пупиновски со “Удрете тапани”, дека на пример од сите пејачи првата година не остана соба за спиење само за Тоше. Дека Лидија Кочовска пееше седната на столче зошто имаше температура и не можеше на нозе да стои. Дека Игор Џамбазов наградата од победата “Време за плачење” веднаш со радост му ја предаде на претседателот Киро Глигоров, сместен во публиката која го обожаваше. Дека на “Макфест” се натпреварувавме кој повеќе ќе изеде пастрмајлии тие денови. Дека не се спиеше 23/7.
 Но не само анегдоти, да се пренесуваат легенди, информации, приказни за создавањето на песните. Да се контактира со автори. Со изведувачите. Да се отвори и види што се има во тоа златно ковчеже со дијаманти. И следните генерации да може да ѕирнат во таа златна антологија. 
И над се би вовела и да речеме некоја вид награда за сите, можеби “макфестовски прстен”, Златен за најдобриот и за сите други учесници. Некој вид украс. Честа што биле, се или ќе бидат, да може да биде опредметена и во нешто што кога секојдневно ќе го погледнува во витрина, да му ја грее душата, и да го мотивира за да создаде уште подобра песна.
Мене ми се сите песни преубави, а од најубави времиња најмногу. И никогаш не можев да се одлучам која е за победа. Сите ми беа.
И секогаш се нервирав кога некоја навистина предобра песна , немаше да се пласира во финале или не освоеше награда, зошто реално немаше место за сите на број еден, ама никому тоа и не му беше најважно. Како на пример, оваа https://youtu.be/VcqrUc6io7c
 Валентина Ѓоргиевска Парго 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.