Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик е објавен светскиот бестселер „Птиците умираат пеејќи“ од познатата австралиска писателка Колин Мекалоу. Тој според многумина е љубовен историски роман оценет како „рамо до рамо“ со „Војна и мир“ од Толстој и „Одвеано од виорот“ од Маргарет Мичел. Според романот е снимена за многу генерации незаборавената истоимена телевизиска серија со Ричард Чемберлен и Рејчел Ворд, од чија содрѓина и љубовни сцени им застануваше здивот на многумина.
Во бестселерот станува збор за Меги – ќерка на сиромашни доселеници од Австралија. Уште од мала, таа е запоставена од нејзините родители и постојано живее по религиозните и патријархални правила на нејзината фамилија и стегите што ги наметнува гратчето и огромниот имот Дрогхед.
-Ралф е млад, убав и речиси совршен свештеник, што назначувањето во Австралија во почетокот го доживува како казна. Имено, неговите силни свештенички амбиции се насочени на друга страна, кон мистичниот Ватикан. Уште од првиот момент кога ќе ја запознае десетгодишната Меги, таа му станува многу мила и постојано е нејзин заштитник. По неколку години, една вечер, кога погледите ќе им се сретнат, сега веќе преубавата тинејџерка Меги, ќе пробуди чувства кај Ралф, чувства какви што тој никогаш немал, а и не ни знаел дека ги има. Од тој момент, Ралф е во вечно искушение дали тој е совршен свештеник и има неограничена љубов кон Бога, или сепак постои жена, на чиј мирис, убавина и нежност не може да им одолее, се наведува во соопштението на „Бата прес“.
Дејствието и љубовната сага во романот, што се одвива во Австралија, Нов Зеланд, Ватикан, Лондон, Берлин… опфаќа повеќе од половина век – двете светски војни, а говори и за односот на официјален Ватикан кон фашизмот и Хитлер. Тука се преплетуваат судбините на неколку генерации. Оваа љубовна и семејна сага сведочи и за сушите, пожарите и поплавите кои се заканувале со целосно уништување на имотите во Нов Зеланд.
Колин Мекалоу е родена во 1937 година во Австралија. По образование била неврофизиолог и работела како истражувач и предавач на Медицинскиот факултет на Универзитетот Јејл. Писателската кариера ја започнала со романот „Тим“, а после тоа го напишала светскиот бестселер „Птиците умираат пеејќи“ што досега во светот е продаден во повеќе од триесет милиони примероци.
Библиографијата на Мекалоу е долга, а добитничка е на бројни награди и признанија. Колин Мекалоу е авторка и на популарната серија историски романи за Стариот Рим, како и на пет криминалистичко-детективски романи. Освен проза, таа пишувала текстови и за музички театар. Почина во 2015 година.