Литературна работилница за мали и големи „Донеси книга-земи си книга“

Уште еден едукативен и успешен проект, за и околу книгата деновиве се одржа во Културно-информативниот центар во Скопје, како соработка со КАТ Продукција и со медиумска подршка на Порталот www.куларт.мк.

Целта на работилницата беше да се прозборува за книгата и нејзината потреба, особено во растењето на децата, што е  тоа што книгата го дава на читателите и секако за нејзината огромна моќ во едукација, идентификација, осознавање како и поттикнување на креативноста.

За значењето на книгата во растењето на децата зборуваше писателот за деца Горјан Петревски, кој на децата им ја доближи сопствената приказна како и зошто станал токму писател за деца, како и начинот на кој тој ги гради ликовите во своите романи како Споменка, Марта, Климентина… за тие да станат блиски до децата и  да можат да си изберат јунак со кој ќе си го идентификуваат детството.

Токму за значењето од аспект на комуникација и идентификација на книгата и читателот зборуваше  М-р Татјана Гогоска која е новинар, автор за деца и комуниколог, од аспект на остварување на комуникација меѓу читателот и книгата и го објасна овој многу важен момент во растењето на децата.

„Во оној момент кога влегувате во комуникација со книгата вие влегувате во нов однос со некоја нова приказна, случка, лик, ликови кои треба да ги откриете, да ги осознаете. Тоа ве прави , еден голем дел од себе да го ангажирате за да навлезете во тој друг свет, сместен во книгата.

Ако успеете да ја остварите таа комуникација ќе осознаете нови нешта, можеби ќе најдете нов лик кој ќе стане дел од вас“ – им рече на присутните со тоа што сподели и кој бил мотивот за нејзината професија, која таа како дете го нашла во ликот на Ана Франк од книгата „Дневникот на Ана франка“

За педагошкиот аспект на книгата и читањето зборуваше Магдалена Чоревска долгогодишен педагог и познавач на децата и литературата, педагог во ОУ „Круме Кепески„ , чии ученици беа активни учесници во работилницата. Таа им порача на присутните: „Кога би ги разгледале сите адути што ни ги нуди книгата, тогаш ситуацијата е повеќе од јасна , без книгата никој од нас не би бил тоа што е и токму затоа литературата треба да биде првата играчка на детето, приспивна песна во ноќта, занимација и анимација во текот на денот на тинејџерите, но и прекрасно друштво со утринското кафе на возрасните.

Љубовта кон книгата и читањето се создава во раното детство и тогаш кога детето не знае уште ни да зборува книгата е почетната комуникација, но љубовта кон пишаниот збор се развива и созрева низ годините. Афинитетот на детето кон читањето попатно го развиваат не само родителите, туку и наставниците, професорите, низ воспитно-образовниот систем. Оттука сметам дека нашата улога како просветни работници не е мала и незначајна, кога станува збор за влијанието врз децата за развивање на нивните афинитети кон читањето„ – беше дел од тоа што го кажа педагог Чоревска , која и во секојдневата практика и работење со децата  ги анимира да ги користат училишните библиотеки и да другаруваат со книгите.

Водителката на настанот Елена Максимовска ги запраша авторите како едно литературно дело се екранизира како на пример: „Белото циганче“, „Големи и мали“ , „Волшебното самарче“…. за што децата пројавија голем интерес, иако и самите кажаа дека веќе нема серии за деца, кои на таков начин им ги пренесуваат литературните дела. Писателот Горјан Петревски потенцираше дека секогаш, прво треба да се прочита книгата па да се гледа серијата или филмот.

По воведните искажувања следеше интерактивна дружба со децата кои  ги кажуваа своите омилени книги и јунаци а похрабрите и своите размислувања и ставови. И она што следеше за крај размената на книги меѓу децата и возрасните, што беше и целта на работилницата книгата да стане средство покрај за едукација, забава и средство за социјализација и запознавање.

Работилницата е прв поголем чекор за еден нов пристап кон оживување на книгата во рацете на децата и нормално возрасните.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.