Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Ивана Папеш Богосављев родена е на 30.12.1981 година во Суботица. Дипломирала на Факултетот за учители во Сомбор, а подоцна магистрирала одделенска настава. Со понатамошното усовршување се стекнува со диплома за професор по англиски јазик. Работи како наставничка по наглиски јазик во ОУ „Иван Горан Ковачиќ“ во Суботица.
Многу рано почнала да пишува, а првите песни и есеи ги објавени и се во заедничката збирка „Тетратка за осетливи“ објавена во рамките на работилницата од Ото Толнаља која ја посетувала на Отворениот универзитет во Суботица во текот на 1996 година. Своите песни пишувани во тинејџерските години ги објавува во својата прва самостојна збирка „Вон времето“ во 2012 година, во издание на Банатскиот културен центар од Ново Милошево со голема поддршка на сопственикот и основачот на културниот центар, писателот Радован Влаховиќ.
Во 2015 година ја објавува книгата „Мамо, слушај-разговори со Лана“ во едицијата Книжевност за деца, останувајќи верна на својот издавач Банатски културен центар. Целиот приход од продажбата на книгата подарен е во хуманитарни цели на Домот за незгрижени деца „Колевка“ во Суботица, а тиражот е распродаден.
Во 2016 година објавено е второ дополнето издание од книгата „Мамо, слушај-разговори со Лана“ која е промовирана на Саемот на книгата во Белград и низ Војводина. Дел од сретствата од продажбата на оваа книга, исто така се донирани во хуманитарни цели.
Песните и се објавувани во зборници и списанија во Србија и Хрватска. Учествувала на манифестацијата „Денови на Теодор Павловиќ“, „Сјае книгата на Мајка Ангелина“ на која песната „Невеста“ и е наградена со специјална награда од жири-комисијата, на манифестацијата „На Милица во поход“ во Нови Сад.
Учесник е и соработник во организацијата на Европскиот фејсбук поетски фестивал кој се одржува секоја година во рамките на Саемот на книгата во Нови Сад, основан од Банатскиот културен центар.
Многу активна е на суботичката поетска сцена како автор, модератор, рецитатор и рецензент. Пишува љубовна поезија, поезија за деца и куси раскази.
Ви претставуваме три песни од втората стихозбирка на Ивана Папеш Богосављев, насловена „Небото секаде е со иста боја“.
ОПТИМИСТ
Во блискостите барам нежност,
Оддалеченостите отсекогаш ме плашат
Непрегледите на сребрените нишки
Плетат мрежа како ореол
Над недосонуваниот сон…
Како вечна оптимистка
на дланките го носам сонцето
и верувам…
Небото секаде има иста боја,
различни се само очите
кои го гледаат…
НА БРЕГОВИТЕ НА ОСТРОВОТ
Се губи во летото во капките дожд
крошните мрзеливо небото го допираат
повторно жолти претчувства ме зафаќаат
на бреговите на островот ме нема веќе.
Дозрева болката во зениците сини
рамницата ја палат ангелите-гости
тешка влага се вовлекла в коски
на работ на патиштата возам, пловам.
Темното небо нас сништата ги најавнува
се потешки и густи осамнуваат утра
победа е секое следно утро
стравот низ порите во јавето се пробива.
Со слаб чекор ги освојувам часовите,
живеам затоа што морам така
а ова на чело е длабока брчка
ќе ја снема кога на островот пак ќе дојдам.
ЗАМИНУВАЊЕ
На дланка го нишкам морето
ги заспивам брановите со тишина
ја крадам месечината…
Утре си одам…
Но, што е животот
во споредба со вечноста
која ја вкусив овде
во островските зори?
Го чувам мирисот на сол во ноздрите
и додека заминувам
знам дека пак ќе се вратам…
Избор и препев од српски на македонски: Филип Димкоски