Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Надежда Радева е родена во 1967 година во Русе, Република Бугарија, каде што и денес живее и работи. Пишува поезија, проза, стихови и раскази за деца. Во периодот од 1996 до 2018 година објавила неколку стихозбирки, книги со раскази, хумор, сатира и литература за деца. Најновата книга, избор од нејзината поезија со наслов „Испраќање на април“ објавена е во 2019 година.
Нејзини песни и раскази повеќепат се наградувани на национални литературни конкурси и се објавувани во многубројни алманаси и литературни зборници. Последниве години преведува поезија од романски на бугарски јазик. Член е на Друштвото на писателите на град Русе, на Сојузот на слободните писатели во Бугарија и на Меѓународниот сојуз на творци во Кишинев, Молдавија.
ГОРЧЛИВО ВИНО СО ПРВАТА ЖЕНА
Јас нема да сум првата жена
која чаша вино ти налева
горчливо како што го посака
и силно ко јас што го сакам.
Јас нема да сум првата жена
во која ноќва ќе бидеш вљубен
и нема да сум првата жена
со која до зорите ќе бидеш буден.
Нема да сум првата жена
маж со вино и љубов што опила
и Ана го правела тоа
со бакнеж-оган во капката горчлива.
Но нека бидам првата жена
што те спасила од осаменост-чувство бедно
и нека сум првата жена
со која ќе останеш до последно.
МОРЕ
Море, ти ме прегрнуваш секое лето
земја си ти, небо, бескрвен плод
водата твоја тагата ми ја испива
тагата, насобрана по пат.
Море, ти ме сакаш безусловно
кога сум безгрижна и летам
крај тебе застанувам, да воздивнам лесно
бранот да ти го погалам со солза.
Море, ти ме љубиш, вечно, вечно!
копнеам да сум со тебе и пак и пак…
потрајна од животот ќе ни е љубовта
на летото во свилениот зрак.
СЛИКА
Кога навечер сонцето се скрива
и во тишина гаснат боите
тогаш зрак небесен се спушта
од сонцето патеки прави-ете
остава трага со ласкава безгрижност
бакнеж прекрасен бележи во мракот
над Дунав трепери во позлата
волшебен залез на летото.
Превод и препев од бугарски на македонски: Филип Димкоски