Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Сретен Вујовиќ е роден во 1957 година во Цетиње, Р. Црна Гора. Со години работи како просветен работник во основните и средните училишта во Црна Гора и надвор од неа. Бил дописен соработник за мајчин јазик и книжевност на United World College of the Atlantic во Велс. Се занимава со вајаство (скулптури од дрво) и досега своите скулптури ги изложил на три самостојни и на три групни изложби. Преведува од и на италијански, германски, руски и македонски јазик), а се занимава и со книжевна критика и есеистика. Поезијата и прозата му се препејувани/преведувани на англиски, германски, италијански, полски, гранцуски, гаљего, ромнаски, македонски, албански, словенечки, белоруски и украински јазик. Застапен е во неколку зборници и антологии на црногорски и на други јазици.
Застапен е во голем број списанија и весници во Црна Гора и во странство. По првата поетска збирка, главно негува поетски тематсцки целини: проблематиката на провинциите, поетска психијатрија, (архе)памтење во подсвесната слоевитост, микрокосмосот на поетиката… Од 1983 до денес објавил шеснаесет книги. Поетските книги „Безглаво коло“ и „Поема за љубовта“ и книгата со поетско-прозни записи „Како да се вратиш-записи од егзил“ преведени се и објавени на македонски јазик.
Добитник е на неколку значајни награди и признанија меѓу кои највисокото признание на градот Цетиње, Тринаесеттоноемвриска награда“ за 2001 година, јубилејна награда на Матица муслиманска за научно-истражувачка дејност во книжевноста на црногорските Муслимани, лауреат на Меѓународниот фестивал за поезија за деца „Крилата Сеошница“-Рожаје, за 2019 година.
Член е и еден од основачите на Независното друштво на црногорски писатели како и на Црногорскиот П.Е.Н Центар каде бил прв секретар а сега потпретседател. Член е на Хрватскиот П.Е.Н центар, на Матица муслиманска и еден од иницијаторите на Матица црногорска. Како претставник на црногорскиот П.Е.Н центар, потписник е на Одлуката ѕа основање на Дукљанската академија на науките и уметностите, чиј член станал во 2016. Живее и твори во Цетиње.
’РТИ КАКО НЕКОГАШ
Излезе сејачот да сее…
Господин Човек
Божествено семе покрај оризовите полиња
Божествено семе над полињата
Со насмевка ’рти, зрачи и со срцето зборува
Ги познава сите јазици
и Универзумот му е дом
Семето е расфрлано надвор од полињата
во просторот кој ќе треба да созрее,
да се распукне.
Како се најдов овде.
од каде дојде овој сон
на кој почетокот не му го знам.
Ова сонце некако поинаку сјае,
некако одвнатре, од душа,
овде таа уморна преполна исконска тага
се пронаоѓа себе во овој олицетворен крај
во стисокот на рацете,
во крoткиот поглед на Билјана.
Не бели таа платно повеќе,
но затоа мечтае далеку
и долго во сите векови.
Прозрачните капки зборуваат
посилно од маките жетварски,
звукот на српот зборува како и секогаш,
задоволно и тегобно,
знае дека таа песна ветува и го храни сонот.
(препев од црногорски на македонски јазик: м-р Љупка Стојменова)
РЕКАТА ПАМТИ
Писа ги прати трагите древни
Од висината сонува Брегалница
Римски легии
И црногорски страдалници
Што братска им беше
Утробата волчја
Во која е еднакво мрачно
Како в гроб
со туѓо име испишан.
Пишано било така
од браќата и татковците
од Наум и од Климент
во манастирот Равенски
иако времето е изопачено
плачел пред Почетокот
Учителите не знаеле
Дека доаѓаат
Адски сили
Дека се укротиле
И на смртта и ветиле Бивство
Тука се патниците и охолите
Две страшни војски
Сoeдинети низ вековите
По трагите на водата
Што тече поводно
И спротиводно
Зачудената Богојавленска течност
Не го испрала нечистото
Таа сведочи и опоменува
Таа жубои
со духот минат
и сегашен
со згаснатите очи
на Самоиловите војници
а повратниците
добирајќи ја темината
носат глас
за поразот на мигот
и Славата Вечна.
(препев од црногорски на македонски јазик: Филип Димкоски)