Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Панде Манојлов, поет, прозаист, критичар и новинар, роден е на 2 мај 1948 година во селото Породин, Битолско. Гимназиското средно образование го завршил во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола. Студирал правни науки во Загреб (Хрватска) и Скопје каде што и дипломирал. Во македонската литература се појавува 1967 година, објавувајќи свои песни во тогашните весници „Студентски збор“, „Млад борец“, „Нова Македонија“, „Трудбеник“, како и во битолското списание за литература, култура и општествени прашања „Развиток“. Подоцна, свои песни објавува во речиси сите литературни списанија во тогашна Република Македонија, но и во списанија во другите републики на некогашна Југославија.
Панде Манојлов е автор на 29 книги.Со свои песни и раскази е застапен во неколку избори и антологии во земјата и странство. Најмногу е препејуван на арапски јазик и негови песни на арапски јазик се објавувани во над петнаесет држави од арапскиот свет.
Поединечни песни на Панде Манојлов се објавени во повеќе држави и на следните јазици: англиски, француски, руски, турски, германски, романски, италијански, арапски, српски, бугарски, хрватски, бошњачки, грчки, полски, унгарски, башкириски, татарски и други јазици.
Добитник е на повеќе значајни награди од областа на литературата: највисокото признание на градот Битола – наградата „4-ти Ноември“, наградата за најдобра поетска книга за деца и млади „Ванчо Николески“ на ДПМ, истоимената награда „Ванчо Николески“ за поетска книга за деца и млади – Битола, награда за песна на литературната манифестација на ДПМ „Празникот на липите“, награди за раскази на весниците „Студентски збор“ и „Нова Македонија“, втора награда за сатирична песна на Фестивалот „Ин Виница веритас“, наградата „Струшко изгрејсонце“ за најдобра книга за деца и млади во 2012 година, наградата „Последните селани“ (2015) на книгоиздателството „Феникс“, Медал „Мажит Гафури“ за најубава песна од странски автор ( Уфа, Башкортостан, Руска Федерација), Признание за заслуги на Државата Палестина (2017) и други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, член на Македонското научно друштво – Битола, член на Друштвото на независни писатели на Бугарија, почесен член на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, како и член на Асоцијацијата на писателите од Калифорнија, САД.
ДА СЕ РАДУВАМЕ
Ајде
да се радуваме
на првите снегулки
кои ноќе
добиваат боја
на расцутен афион,
ајде
да се радуваме
на мразулците
од чатиите
на нашите куќи
кои висат
како обесени копја
на украсената
градска елка
на плоштадот,
ајде
да се радуваме
на сончевиот зрак
што блеска
во танцот
на снегулките
со боја на цут
од бел јоргован…
Ајде
да се радуваме
на насмеаните дечиња
што се санкаат
на пољанките
на ридот горе,
на младите
што и во студот
со страст се љубат
фатени за раце,
ајде
да се радуваме
на тоа што го имаме:
на татковината,
на здравјето,
на љубовта
да се љуби
ближниот свој,
на топлиот дом,
на скромната софра,
на жарот
во огништето
што тлее,
да се радуваме
на празникот,
на Божик,
на годината нова,
зашто
животот е празник,
само празник!
ОСМИОТ ДЕН
Некој,
со злонамера
ја скршил
убавината на животот!
Како
огледало да скршил
не знаејќи
дека лош предзнак е тоа.
Ноќта долга,
денот мал,
денот кус –
некој,
со злонамера
го скусил
како што
и седмицата
на седум дена ја скроил…
“Не мисли на ноќта!” –
ненапишана заповед
е единаесетта!
Ниту на сните
тешки не мисли
што си ги снил!
Мисли на утрото,
на осмиот ден
по седмицата што следи,
мисли
на денот незапишан
за славје и радост!
Само таму
гледај го животот
како светлина убав,
само таму
најди се себе-
отаде седмиот ден
каде,
некој вонвремен,
друго време
на земјата ти дарил!
ЗИМСКА БАЈКА
Сте чуле
или сте виделе ли,
во декември
да расцветаат рози?
Ги видов и чув
како в бајки
од прозорецот мој
рано утрото
на Пречиста
денот свет,
ги видов
низ снегулки
од небото што паѓат,
низ бисерна магла
ги видов:
бела, црвена
и жолта
расцветала роза…
Расцветал
од секој корен
сал по еден цвет,
чиниш, пролет е
а не зима!
И почна тивко
ко ветре да вее
таа скаска
зимска и снежна:
– Јас бела,
побела и од снегулка
што од небото паѓа,
за внуката твоја,
за твојата принцеза
што девојка стана,
расцветав во бело!-
од висини се насмевна
розата бела.
– Јас црвена,
од студ на образите
црвено расцветав
за твојата љубов
стара и вечна! –
срамежливо рече
црвената роза.
– А, јас жолта,
како килибар сјаен
на бројаницата
меѓу прсти што ја вртиш,
за твоите години
расцветав во жолто!-
ми погали лице
розата жолта.
Како ѓердан
на вратот
ден по ден се нижи…
Зима е –
Божик веќе се ближи!
Избор: Филип Димкоски