LICENTIA POETICA со Олга Панкина- Кружат наоколу малите ластовици, кои режисерот во големина ги тури со навикната на дарежливост рака……

 Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Олга Панкина е позната македонистка и преведувачка, поетеса, популаризатор на македонската култура во Русија. Студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет “Ломоносов” (1975-1980) каде што дипломирала со одличен успех по струка: филолог, стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање на МАНУ. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на акад. Блаже Конески. 1985-1987 – главен уредник и преведувач во Државниот комитет на Русија за радио-телевизија. 1994-2011 – преведувач во Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. 2007-2011 – професор по македонски јазик на Меѓународниот словенски институт и академијата на словенската култура во Москва. Од 2011 година живее во Скопје.

Претседател на невладината организација “РОО Македонски културен центар” формирана на нејзина иницијатива во 2010 година во Москва со цел запознавање на граѓани на Русија со културата, историјата, јазикот, уметноста и современиов живот на Република Македонија (www.mkcentar.ru).

Член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, на Московската градска организација на Друштвото на писателите на Русија и на Друштвото на ликовните уметници “Соло” (Русија).

Добитник на наградите: медал “Державин” (Русија, 2009), “Кристално перо” (Русија, 2010); “Златно перо” (Македонија, 2010); медал “Чехов” (Русија, 2011), “Григор Прличев” (Македонија, 2011), медал “Грибоедов” (Русија, 2012), медал “Блаже Конески” (Македонија, 2012), “Гоцевата мисла” (Македонија, 2014), “Почесно Рациново признание” (2015), “Sвезден македониум” (2015), “Арт Глобал” (Хрватска, 2015, 2016), Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури “Златен витез” за популаризациjа на македонската литература во Русиjа (Русиjа, 2018), државна награда Медал за заслуги за Македониjа (Македонија, 2019) и др.

Олга Панкина е автор на преводите на над 60 книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од над 250 македонски писатели, презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Преведува и од други словенски јазици.

Пишува поезија на руски и на македонски. Поетски збирки: Предзимје (2013) и Паралелни светови (2015), Плисок (2018).

 

ПРЕД ДОЖДОТ ВО МАРВИНЦИ

Бојата се менува од портокалова во окер.

Стишија дрвјата, со осојни сенки згазени.

Наидува сив порозен облак, сунѓерно мокар

за да ја оплоди земјата по светкавичните оргазми.

 

Како лебед лебди, гледа Леда-земја да ја земе,

од љубовна желба страсно и улаво скиснат,

одвај се здржува. Првите матни капки на семе

се готови да се истурат и тешко виснат.

 

Тој брза да ја направи избраницата бремена,

сонува да види нова рожба, обилна и лека.

Страв му е да не се испразни предвремено

покрај нејзината утроба што жедно го чека.

 

ГЛАВЕН РЕЖИСЕР

Го распарува небото, грми и сека,

облаците брзаат на неговите повици.

Речиси допирајќи ја оловната река

кружат наоколу малите ластовици

 

кои режисерот во големина ги тури

со навикната на дарежливост рака.

Силниот ветер навестува бури

и овој ветер е токму таков

 

каков би сакала да создадам – мир да руши,

меѓу грмушките да дига врева,

да разбранува реки, да тресе круши,

лисја и гранки в небо да крева.

 

Модриот воздух на бесната ноќ

ќе го истурев врз новиот живот

само да ја имав таа моќ

од густината да не го изгубам здивот.

 

ШАРИГРАД

Скопје е црно. Ветрот е црн.

Графитните облаци сејат сив снег

трошлив како ‘ржен леб на просјакот

како ѕидови на напуштената куќа.

 

Скопје е црвено. На зајдисонце

црвената крв на ‘рѓосаната земја

врие, се испарува, пулсира

со тешко чукање на каменото срце.

 

Скопје е зелено. Кревок

смарагден град од земјата Оз.

Само тргни ги наочарите

и тој ќе исчезне.

 

Скопје е бело. Улиците се бели

од призрачен прав на месечевиот сјај,

црквите се варосани

со вар од истолчените коски

на Грците, Римјаните, Османлиите.

 

Тони, Скопје, во небото,

пиј го синилото на азурот

каде кочијата на Аполон

го набележува патот за Рим.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.