Licentia poetica со Никола Раусављевиќ -Пак ја сонував Марија а сништата се исткаени од нејзините насмевки

Никола Раусављевиќ е роден на 8 јуни 1991 година во Карловац, Хрватска. За време на „Олуја“ пристигнува во Шабац, каде завршил основно и средно училиште. Дипломирал на отсекот за Српска книжевност и јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Моментално е  постдипломец  на студиите по книжевност. Работи на Првата радио-програма на Радио-телевизија Војводина. Еден е од основачите и членовите на рецитаторската група „Меѓу нас“ која неколку години организира поетски вечери во Нови Сад и во околината. Пишува поезија и се занимава со говорништво.

Со Милован Ќосиќ во издание на Бранково коло, ја објавија книгата со песни „Кога ќе ја фатам тишината“ за која е награден со наградата Стражилово 2017.

ПОЕЗИЈА ОД НИКОЛА РАУСАВЉЕВИЌ

 Слика

Низ нејзините паркови поминувам,

ме носат ветровите по патот на сивото небо,

се губам, ме снемува, заминувам

надвор од границите на нејзиното постоење.

Во врнежливите денови пловам,

облаците го кријат збрчканото чело,

ко’ врела воздишка на ладен ветер,

се губи сé што се знаело, живеело и желнеело.

Кршев криви огледала,

па сите желби од мене заминуваат,

за инает сите дождови ги испив

за да не í ги квасат образите.

 

А таа,

таа имаше потреба за црвено палто,

за слика од некој стар сликар од север,

за дожд преполн со неизкажливи и желби.

Таа мечтаеше

за тој дожд кој донесува мир,

и ја однесува зачмаеноста на постоењето без љубов.

Нејзините погледи беа тажни,

понекогаш среќни, вечно сонливи.

Нејзиното небо беше со боите на распукана калинка,

нејзините раце го носеа здивот на северот,

и шепотот на возовите,

а чекорите не познаваа граници

меѓу планините и рамниците,

водени низ кривите патишта,

до старата жолта железничка.

Нејзините насмевки ја будеа пролетта,

ставаат печат на несмртноста на еден век,

и постојано ја испишуваа судбината на точката на среќата.

 

Се останато остана во просторот,

меѓу еден чадор и еден вир,

под едно палто, на едно платно

врамено со љубов.

 

Пак ја сонував Марија

Пак ја сонував Марија

Го работеше она што најдобро го умее-

ширеше насмевки далеку со километри

преку нејзините набабрени образи

се до најсигурното пристаниште-

моите погледи.

 

Пак ја сонував Марија.

Беше нешто налутена

и со насмевка (оти таа сé со насмевка прави)

ми зборуваше нешто неразбирливо

мавтајќи со прстот како да се заканува.

 

Пак ја сонував Марија.

Оти, ние се сретнуваме само во соништата,

јавето е одамна запечатено за нас

па се снаоѓаме како знаеме и умееме.

 

Пак ја сонував Марија.

Веќе не знам ни од кои пориви,

но ете, пак ја сонував

и вечно сум ненаспан заради нејзините

посети во сонот мој.

 

Пак ја сонував Марија.

По малку се плашам да заспијам,

оти сништата се исткаени од нејзините насмевки,

па потоа јавето ми изгледа некако тажно.

 

Пак ја сонував Марија.

Знам дека сум досаден

но јас просто, морам да ја сонувам,

морам, оти се плашам  таа мене да не ме сонува.

А тогаш, кога мене Марија ќе ме сонува,

ќе заспијам еднаш засекогаш, во вечен сон.

 

Поетичка

Нема предвидувања, ни тешки дела,

само љубовта е двигател на земјава цела,

секој ветер ми е испишан на чело,

на посебен начин, ме заведува секое поетско дело.

 

Минуваат векови низ моите очи,

секогаш есента се преточува во слика,

и секоја мисла каде и да скокне,

добива изглед по мојата лика.

 

Наспроти ноќите, тагите и темнините,

го преточувам денот го возвишувам

говорот ретко е појак од тишините,

па вековите занемуваат додека песна пишувам.

( препев од српски на македонски јазик: Филип Димкоски)

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.