LICENTIA POETICA со Бранка Селаковиќ-Сe уште го барам кристалното момче со кое јадев цветови од багрем

     Уредник на рубриката: Филип Димкоски

    Бранка Селаковиќ  (1985) е писателка и новинарка од Србија. Дипломирала филозофија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград.

    Пишува поезија и проза. Ги објавила романите „Нарциси бојени црно“(2006), „Капија“ (2009), „Љута сам“(2011), „Глинени краљ“(2016) и збирката поезија „Еинаи“(2016). Нејзините раскази и песни се објавувани во списанија, зборници и антологии како и на многубројни портали.

    Добитничка е на неколку приѕнанија за својата писателска дејност, како што се „Мирослав Дерета“ за романот „Глинени краљ“, „Нушиќева награда“ за најдобар сатиричен расказ на фестивалот „Нушиќијада“, Златна плакета за најдобра приказна на списанието Авлија како и награди за поезија на поетски фестивали во Србија и во регионот.

    Работела како професор по филозофија и логика а потоа како новинар на Првата програма на Радио Белград во редакцијата за култура и во забавно-хумористичната редакција каде учествувала во создавањето и/или  уредувала значајни емисии како што се „Неки то воле вруќе“, „Код два бела голуба“, „Догодило се на данашњи дан“, „Мозаик времена“ и други. Сега е дописничка од Белград за Al Jazeera Balkans.

     

    MOETO ИМЕ Е А

    Се викам А. Тоа е почеток, средина и крај.

    Азбука и абецеда

    Азбест, астраган, армагедон

    Ауспух, акупунктура, Аушвиц,

    архе и аперион,

    ампула, ауспух, амбуланта,

    аематура, ах!

    Акварел насликан на водено платно

    спрострен на гланките на платанот кои ги спојуваат световите.

    Амор. Алуминиум. Алкохол. Апокалипса. Алиса.

    Се викам А. Единствено почетокот има свој крај.

    Акузатив. Август. Аспен.

    Најдов писмо напишано во август 1942, во Аспен,

    таа година не се родило А

    таа година не се родила ни мајката на А.

    Со големи букви на жолтата хартија,

    Со модро мастило запишано е

    Во левиот џеб има ампула од цијанид.

    Во регистерот на живите моето име ќе стои уште неколку секунди…

    Не знам колку долго гледав во три точки

    и во аголот сместена карикатура од човек со сина брада

    си посакав себе си да си го пресечам увото и да сликам сончогледи.

     

    ДЕТЕ ОД ХАРТИЈА

     

    Наместо водени алишта,

    на жиците си прострела

    дечиња од хартија

    и им пееше.

    Најмалото пружи рака.

    Во твоите очи небото се породи.

     

     

     КРИСТАЛЕН СВЕТ

    Месечината се топи на асфалтот прилепен за петиците

    Испаруваат фасадите и старата дрвенарија

    од кожата истрчуваат џуџиња и ги прашуваат минувачите

    за улицата на која играат багремите.

    На хартијата што под мишка ја кријам не остана ни една буква,

    а сочинував песна за да ја сошијам раната од која истекува космичка лава.

    Скитам по слепи сокачиња и разнишани платоа

    собирам осамени мачки, како џуџињата да не ми се доволни

    тие тајни џепароши, се вовлекуваат во увото и ги ослушнуваат мислите

    потоа пишуваат интигантни романи и комплексни рими

    ме заведоа еднаш и им поверував

    ќе го сретнам повторно ако отидам со нив.

    Загледувам во старите мапи, во небото, во дланката, во гравот, во џигерите и во картите

    Пронајдов болки во коските, воспаление на плуќата, осим на градите,

    Два килограми брчки, пакување со пропаднати сништа ама се уште го барам

    Кристалното момче со кого јадев цветови од багрем

    Во улицата на незјнајните херои, пред куќите без бои и фасади.

     

    Превод и препев од српски на македонски јазик: Филип Димкоски

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.