Licentia poetica – Марина Мијаковска -Само вистинските љубовници кога взаемно се слободни учат најдобро да молчат во двојка!

Ви претставуваме поезија од необјавената книга на Марина Мијаковска насловена  „Соголен јазик“.

 

СОГОЛЕН ЈАЗИК

Веќе нема да пишувам!

Зборовите ги изгубија сите сетила!

Гласовите ги проголтавме на гладно!

Нека треперат ѕидовите од утробата!

 

Желудочните сокови ja скиселуваат тишината!

Така сè помалку ќе нè има!

Ако! Ако ни е! Арно!

 

Не нема таму каде што нè има!

Јазикот ми стана соголен!

Јазикот ни стана соголен!

 

МИЈАЦИ

Таму во Галичник

каде што сонот става копје од памтивек

кон оваа зелена земја појди си.

 

Таму  каде што чука срцето мијачко

Галичник во венец ги плете долгите коси

од главата на Лазарополе до грбот на Галичица.

 

Мијаци помниш ли?

Од нивниот плач ја помниш ли жаловната песна!?

 

Во нивниот горлив глас помниш ли,

оросена песна по голите нозе

на Радика се слуша.

 

Кој ли денес

го гази вратот

на голиот гороцвет

Галичник!?

 

ДВЕ ТИШИНИ

Денот со својот свилен шепот

го најавува изгрејсонцето

со стаклени тишини.

 

Само вистинските љубовници

кога взаемно се слободни

учат најдобро да молчат во двојка!

 

Марина Мијаковска  (1984)  дипломирала, магистрирала и докторирала  на  Филолошкиот  факултет  „Блаже  Конески“  во Скопје  на Катедрата за Општа и компаративна книжевност .  Таа пишува  поезија, проза, книжевна критика и есеистика.  Членка  е на  ДПМ.  Мијаковска  учествувала  на  многу  книжевни манифестации  во  земјава  и  странство и добитник е на неколку национални и меѓународни  награди.

Поетски книги:

-„Номадска  душа“  (2010);  „Куфери“  (2013);  „Психоаналитичка

алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“  (2015) и  „Постела

на тишината“ (2015).

Прозни книги:

-„Куќички“ (2014).

Есеистички и научни книги:

-„Жанровски  полимер:Сандаче  од  ракописи  во  обид“  (2016)  и

„Модели на родовата идентификација“ (2018).

Книги за деца:

-„Новогодишни детски песни“ (2017)

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.