Licentia poeticа со Биљана Т. Димко- Ако повторно се родиш ти, те молам, биди небо или облак и никогаш нема да се разделиме

Биљана Т. Димко (1990, Битола) е поет, раскажувач, новинар. Дипломирала македонски јазик и книжевност.  За себе има обичај да рече дека е постојано поделена меѓу два – света – книжевниот- нејзиниот и бирократскиот. Борбата е постојана, особено онаа за идентитетот. Наспроти сите тектонски движења, таа умее да го живее неконвенционалното среќно дете со широка насмевка.

ПОСВЕТА

Ако треба пак да се родам,

ако треба да бирам што треба да бидам,

нека бидам височина и далечина.

Ако повторно се родиш ти,

те молам, биди небо или облак

и никогаш нема да се разделиме.

 

НАТЕМАГО

Како да те наречам кога немам

љубов во мене ни за мене?

Натемаго!

Младоста е неука во болката

та во нестрплива глад

бара многу, неискусна дека

малку ќе е доволно.

И натемаго!

И сите прописи и правила!

По улиците се тркала

човечка фигура

ко непрекината програма

на фестивалот на самотијата.

Како да те наречам кога немам

љубов во мене ни за мене?

Натемаго!

Ослободи ја душава од прангите на

уставот и законите

За мирно да љубам.

Натемаго!

 

ТРИВИЈАЛНОСТ

Ништо уметничко нема во послушноста.

Паметта се вивнала во мака

роб стана без да сака.

 

Длабоки џебови го причестуваат светот

крадци на соништа

истребувачи од огништа.

 

Очите уморни клапнуваат на прагот

нечија затапена совест

калеми уште една болест.

 

Зимата дојде непроодна ладна

сивилото на денот брзо-брзо

по неа се загна.

 

Маслото поскапе.

Догорува кандилцето на една младост.

Плиткиот џеб ја изеде судбината.

Каква светска гадост.

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.