Дедо Мраз е култна божиќна легенда, која со генерации се пренесува на децата, со што секое дете верува во божиќното и новогодишно чудо, на овој волшебен бел човек, со широка насмевка, малку полничок, облечен во црвена облека со голема вреќа подароци на својата санка и со своите ирваси, дека ќе дојде и ќе им ја исполни најголемата желба. Додека кај оние што го слават Грегоријанскиот календар, Дедо Мраз доаѓа на Божиќ , кај нас што го славиме Јулијанскиот календар, тој доаѓа ноќта кога доаѓа и Новата година.
Легендата раскажува:
Во далечно време живеел еден човек, кој се викал Никола а подоцна заради добрините што ги правел за време на земскиот живот, станал Свети Никола. Тој бил бискуп, и живеел во четвртиот век во местото наречено Мира, во денешна Турција. Бил многу богат од мал, бидејќи кога починале неговите родители му оставиле во наследство многу пари и бил многу великодушен и љубезен човек. Многу често дарувал подароци, без да побара нешто за возврат. Тој одел од куќа до куќа и додека децата спиеле, пред божиќното утро, им ги оставал подароците под елката, протнувајќи се низ оџакот. Децата секогаш се радуваат на оваа магична приказна и веруваат во неа. Во светот е познат под многу имиња, но кој всушност е вистинскиот? Поради бројните дела кои ги има направено Свети Никола, тој е вистинскиот Дедо Мраз или во англиски превод Santa Claus. Самото име е игра со зборови од Сант Николас. Некои велат дека живее на Северниот пол, а други пак во областа Лапонија, на северот од Финска. Се верува дека сето свое богатство, Свети Никола го раздал по сиромашните и оставил со тоа богатство, да се пренесува и да се одржува легендата на Дедо Мраз.
Облеката на Дедо Мраз
До 1931 година, Дедо Мраз бил облечен во зелено, во бојата на дрвото бор, а потоа во 1931 година компанијата Кока-Кола ја презеде сликата на нејзините шишиња и ја обои во црвена боја. Така Дедо Мраз стана со црвена впечатлива насмевка кој ита со помошниците ирваси и стигнува насекаде. Затоа и декември е магичен месец со дарувања.
Дедо Мраз и оваа година успева да стигне со својата божиќна и новогодишна магија насекаде. Многу писма упатени кон него, со безброј желби успева со своите помошници да ги оствари, за да ја продолжи оваа чудесна магија, која никогаш не треба да застане.
Актуелно
Оваа година Дедо Мраз пред новогодишните празници е зафатен со подготовка на подароци, но е загрижен поради се потоплата клима и недостатокот на снег во неговиот арктички дом. Во овој период од годината, градот Рованиеми во финската провинција Лапонија, кој туристичките власти го рекламираа како вистински дом на Дедо Мраз од 1980-тите, треба да биде бело. Но, неодамна врнеше само дожд, а температурата беше дури два степени.Но, тоа не е проблем за Дедо Мраз. Неговите ирваси може да летаат, така што тоа не е проблем, но повеќе влијаат на ирвасите кои заради климатските промени кои носат на Арктикот поблаги и понепредвидливи зими, кои им отежнуваат на ирвасите да стигнат до лишаите, нивната главна храна. Снегот се стопи, а потоа замрзна, оставајќи лишаи под тврдиот мраз. Како и да е, Дедо Мраз има решение за тоа, па на помош му пристигнуваат бројните елени.
Легенди за елката
Почетоците на обичајот за украсување на елките можно е да се прати токму преку германските народи, од 16. век па понатаму кога се населиле во Северна Америка. Секако, обичај за украсување на елки во христијанството се појавуваат понапред во протестантските земји, што во католичкиот свет е прифатен со резерва. Во почетоците на 19. век обичајот се раширил во сите делови на светот и набргу станал општоприфатен знак за Божиќ во сите слоеви од општеството.
Во Македонија многу доцна почнале да се китат елки по домовите,некаде после 60-тите години, а првата јавна Новогодишна елка на плоштад била за дочекот на Новата 1990-та година. Оттогаш поставувањето на јавни украсени елки е веќе традиција која се збогатува се повеќе.
Тоа е и резултатот на современата комерцијализација на Божиќ иНова Година, се поставуваат украси и украсени елки многу порано отколку што било порано вообичаено. Се поставуваат насекаде, и природни и вештачки дрвца, во разни облици и со безбројни видови накит. Сѐ блеска, трепери. И треба да е така , за да знае Дедо Мраз каде да ги остави подароците за децата.
Меѓу многуте легенди што кружат, една вели дека пред пештерата каде што се родил Исус Христос растеле три дрвја. Сите три беа зимзелени, елка, кедар и бор. Кога се родил Исус, сите три дрвја силно се тресеа за да го поздрават. Кедар му дал на новороденчето миризливи иглички, шишарки, а само елката немала плод. Ангелот потоа се сожалил на дрвото и го опсипал со ѕвезди од небото, па оттука и обичајот да се стави ѕвезда на врвот на елката.
Но, како што се ширела традицијата на новогодишни елки, се зголемувал и ризикот од нивно истребување. Безброј млади борови се исечени во светот поради овој обичај. Ова е причината зошто првата вештачка елка е направена уште во 1880 година. Да го зачуваме она што Бог ни го дал, дрвјата што го чистат воздухот и ни дозволуваат да дишеме. Затоа, ако ви се допаѓа природниот мирис на новогодишни елки и борови, купете си со корен, кој може да се пресади во градината, а следната година можете да го украсите надвор.
Магијата на Дедо Мраз, новогодишното-божиќно дрво, ѕвездата ангел чувар, силно нека светкаат и оваа и сите следни години. Така духот на Свети Никола ќе биде жив и ќе носи добрини и среќа, за сите деца на светот .
Среќна Нова 2025 година од тимот на вашиот Портал www.kulart.mk.
Татјана Гогоска