„Културна фабрика“ од Ана Мартиноска со промоција во МКЦ

Промоција на книгата „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ на Ана Мартиноска ќе се одржи во вторник (9 април 2019) со почеток во 19 часот во МКЦ клуб ресторанот. Таа е избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и дневниот весник „Нова Македонија“.

Во книгата е направена тематска селекција, која грубо е поделена во 3 поглавја насловени како: „Белешки за родот, сексуалноста и слободата на избор„, „Потрага по уметноста и убавината на урбаното живеење“ и „Приказни за другата страна на популарната култура“. Во нив се вклучени куси текстови кои се бават со бројни теми од овие области на интерес, навидум мали исечоци од културниот живот во градот (но не само во него) или фрагменти од (македонската, но и европската) културната продукција, но всушност сериозни и длабоки размисли за премолчуваните теми на нашето општество.

„Културна фабрика“ има за цел да проговори за болките и предизвиците на современата култура, сфатена во најшироката смисла на зборот. Таа е приказ на  состојбите кои владеат, но и простор за отворање на нови погледи и перспективи. Тука се иницира желбата да предизвика критички дијалог на авторите, критиката и публиката, но уште повеќе и дијалог со себеси, нашите ограничувања и предрасуди.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.