Не така одамна, ако ме служи добро помнењето, пред некои седум години, маса од т.н. интелектуалци, шарени револуцонери и загрижени граѓани, се дигнаа за да го спасат ликот на нашиот Градски трговски центар, кој од 70-тите години пулсира во срцето на Скопје.
Тогаш беше на глас осудувана „манијакалната опседнатост на тогашната власт и нејзините полтрони со правење квази барокни фасади од луѓе и објекти“ и сето тоа предизвика реакција и на експертски здруженија. Здружението на архитекти организираше собирање на повеќе од 4.000 потписи против промена на изгледот на Градскиот трговски центар. Во текот на масовниот протест повеќе од 2.000 луѓе направија заштитна прегратка околу ГТЦ. И сето тоа под насловот „Го сакаме ГТЦ“, горе споменатите го гушкаа со денови и вечери и не го даваа тој да го измени својот лик, затоа што таков е симбол на Скопје на многу генерации скопјани и “дојдени“.
Инаку изградбата на Градскиот трговски центар, точно во срцето на Скопје започна на 11 октомври 1969 година а на 27 април 1973 (тоа некаде би дошло деновиве пред 47 години) беше пуштен во употреба. Автор на проектот е архитектот Живко Поповски. Со својата инфраструктура ГТЦ има две подземни, приземно и две надземни нивои исполнети со простори за трговски, угостителски, занаетчиски, банкарски и други услуги. Во комплексот на Градскиот трговски центар се интегрирани и петте постоечки станбени кули на кејот „13 Ноември“, изградени пред земјотресот на Скопје и на тој начин функционира како целина поврзана со целиот град и е различен и свој.
Со години беше култно место на скопските тинејџери од онаа страна на старата “Ванила“, каде се случуваше животот, дружбите, првите заљубувања и договори каде после од пред „Ванила“ да се продолжи. Го паметиме како место каде одевме во диско, одевме на забави , ги јадевме првите пици, најубавите тостови и сендвичи со плескавица „Кај чичко Стоилко“. И разбирлива беше побуната за зачувување на ликот на ова за Скопјани, посебно оние кои беа млади 70-80-90-тите години.
Градскиот трговски центар ја зачува својата форма. За многумина и од Балканот најубавиот Трговски центар во напливот на затворените Ситимолови, овој дише со полна плуќа и кон Жена паркот и кон Кејот на Вардар. Ах, Вардар … наша поинаква уште поголема приказна.
Деновиве информација, без најава, одненадеж : „Градски трговски центар гради панорамски лифт кај кружните скали од десната страна на Порта Македонија“ И прашање: Зошто токму тука? Како се дозволува и било каква промена на овој објект ?
Ми дојде на памет, приказната за „Слугата и царот. Сега тие „загрижените“ „шарените“ и „свесните“ граѓани кога дојдоа на позиција тие да одлучуваат, се случи нешто на кое во ова време на Корона, како што по се изгледа ќе остане забележано како општествен и социјален период, прават промена на ликот на ГТЦ. За воља на виситната не „барокна“, но промена без лик!
На информацијата дека на познатите вртени скали пред некогашната Ванила се гради лифт, стаклен, од никаде и нигде со никаква употребна дејност доведе до реакции дури и од некои архитекти кои изненадени од каде сега оваа промена, кога лифтови има внатре, со назнака дека и овој лифт и покрај објаснувањето дека е за„ инвалидизирани лица, трудници и родители со деца на кои искажувањето по скали им е проблем или потешкотијаа ќе вози до зелениот покрив на ГТЦ кој е направен како мини парк“, не држи вода.
Лифтот сепак не оди до покривот на Центарот туку под него. Оттаму и збунетоста и загриженоста од архитектите, кои беа и дел од “гушкачите“, но само некои и сега и овде важи онаа старата “кучињата лаат, караванот си врви“. Изградбата на лифтот како „чир“поставен во тој дел на Центарот веќе е во полн ек.
Остануваат прашања, со одговори кои збунуваат и обесхрабруваат. За жал никој нема сега да го гушне нашиот Градски трговски центар, срцето на Градот, и не ,не дека е “време на корона“, туку затоа што нема повеќе измислени интелектуалци лажни шарени револуционери, загржени граѓани. Нив ги има по кабинетите и канцелариите на власта и “опозицијата“ а други по се изгледа или не постотат или кренаа раце од се па и од оваа земја Недојдија, каде е најтешко да се остане со чисто срце во центарот на Градот!
М-р Татјана Гогоска
Следна колумна -„Ој Вардаре македонски….