Изложбата „Ликовната уметност во марките на Македонска пошта“ суптилно и ненаметливо потсетува на поврзаноста на поштенските марки и ликовната уметност, а истата можете да ја погледнете во изложбениот салон на Музејот на град Скопје .
Делата на македонските уметнички легенди, Мартиновски, Личеноски, Коџоман, Кондовски, Белогаски, Лазески, Мазев на овие поштенски марки се културно богатство што патува низ времето и просторот. Во поставката се застапени и поштенски марки со делата на Микеланџело, Роден, Ван Гог и Пикасо.
Жалoсно е што новиве генерации не го искусиле возбудливото доживување при праќање и примање писма, бидејќи тие денес комуницираат со електронски пораки и мобилни телефони, согласно животот во време на нови технологии со неверојатно брза комуникација па самата изложба „Ликовната уметност во марките на Македонска пошта„ во организација на Музејот на град Скопје и Македонски пошти има за цел да го поттикне интересот кај новите генерации филателисти, за овие поштенски марки со делата на македонските уметници да имаат своја иднина. Ова е одлична можност изложбата да се вклучи во едукативниот процес на младите.
„Според мене многу е важно овие марки да патуваат низ светот. Тоа е најголема пропаганда за државата за ликовната уметност во Македонија, затоа што се застапени бардовите на македонската ликовна уметност и тие треба да се видат во светот не само преку изложби, туку вака би биле достапни до обичните граѓани. И тоа е апел до граѓаните кога испраќааат некое писмо да бараат да не биде електронски обележано писмото, туку со марка која ќе раскажува низ просторот и времето за кутурното богатство на македонската држава” истакна Климе Коробар, при отворањето на изложбата минатата недела.
“Уметниците се на некој начин гласници од тој свет, а вакви изложби се еден вид организирани експонати на амбасадите од тоа време на вечното, совршеното и беспрекорното царство. И тоа е она што е убаво тука. Тоа се писма, картички, пратки дојдени од таму, од каде нашата душа го собира чувството за убавината. Тие се потсетување на нешто што ние знаеме дека сме го имале и не враќа назад со тоа“- вели Ферид Мухиќ, допирајќи до сржта на значењето на оваа изложба.