Од областа на нашето културно живеење и дејствување, Македонскиот Центар на Интернационален театарски институт (Macedonian Center International Theater Institute) е еден од оние кој на младите таленти ѝм ги подотвора портите од пошироката културна сцена, пред сѐ во Европа.
Тивко, ненаметливо, но постојано присутни со исклучително квалитетни и креативни програми, едукации, перформанси, кои ги анимираат и опфаќаат и младите културни креативци, но истовремено и другите заинтересирани, од секоја генерација. Со актуелностите на Центарот, за кој јавноста со сигурност допрва ќе слуша, нѐ запознава раководителката д-р Иванка Апостолова Баскар.
*Се занимава со тајните на сценската уметност. Навидум релативно нов центар, но во заднина е впишани доста богато минато. Вие сте креативна директорка и Вие ги влечете конците. Што значи да се биде на чело на оваа културен центар, како истиот функционира?
ИВАНКА А.Б.: Македонскиот Центар на Интернационален театарски институт е дел од
најстарата меѓународна мрежа за театар, танц, опера и перформанс- ИТИ, формирана во
1948 година под покровителство на УНЕСКО. Нашиот Центар е реформиран во 2013 година,
неколку години по замирањето на претходниот ИТИ- Центар кој го водеше покојниот и
почитуван Љубиша Никодиновски Биш. Нашиот Центар функционира како невладина организација и фокусирани сме на меѓународна промоција на домашните изведувачки уметности (театар, танц, опера, перформанс) преку размена на информации и поврзување на луѓето, организирање на разни промотивни, едукативни, издавачки и продукциски проекти …
*Продолжувате онаму каде што застана вредниот и почитуван Биш, тој остави длабоки траги особено во афирмирање на младите, особено со Млад Отворен театар (МОТ). На кој начин сега функционирате?
ИВАНКА А.Б.: Дел сме од мрежата ИТИ. Инаку функционираме самостојно во однос на
регистрација на Центарот, програма, административни обврски, проекти… Со ИТИ
мрежата ги делиме следните активности- Светскиот ден на театарот; Меѓународниот ден
на танцот; Меѓународниот ден на операта- и имаме многу други- разни колаборативни
професионални размени.
*Група актери, актерки, поети и поетеси неодамна имаа можност да учествуваат на
тренингот што беше организиран во Скопје. Прилично интересно, и беше чест да се биде
дел од тој тренинг. Значајни актерски имиња беа избрани и си најдоа свое место во таа група…
ИВАНКА А.Б.: Во контекст на меѓународниот проект ЕТЕРИА, во Скопје ја реализираме првата активност од проектот– стручна работилница под менторство на Фабио Толеди- “Непознати сеќавања на конфликтот”, наменета за професионални театарски практичари–актери/ки, режисери, драмски автори, поети– перформери и така натаму, со фокус на методите за создавање колаборативен социјален театар и театар во конфликтни зони. Врз основа на отворен повик, темелно дистрибуиран и промовиран, се радувам што на повикот се пријавија одлични, извонредни учесници- професионалци од областа на театарот, книжевноста и медиумите. Да наведам неколку од сите битни имиња на учесниците: Снежана Конеска Руси, Соња Михајлова- доајени на МНТ Скопје и Театар Битола, потоа младите успешни актери, поети и режисери Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Афродита Џафери, Теа Беговска, Томе Станковски, Христина Цветаноска, Стефан Марковски, Здравко Стојмиров, младите Јана Петрова и Гоце Андонов, потоа вие бевте дел од групата, на наша радост.
*И мене ми беше чест, воедно и ново искуство. Тренингот во Скопје беше обликуван како проект насловен ЕТЕРИА, под менторство
на познатиот италијански обучувач за театар Фабио Толеди. Тренингот беше навистина фасцинантно искуство.
ИВАНКА А.Б.: Фокусот беше на сите можности кои ги нуди ко- креативното создавање на колективен уметнички чин- театар посебно социјалниот театар кој со себе повлекува, процес на работа кој базира на меѓусебен дослух, емпатија, разбирање, следење, толерирање, трансформирање на болката, желбата, конфликтот, страста, недореченоста… трансформација на фрустрациите кои ни ја гризат душата, на емотивните разидувања, на
последиците од стрес наметнати од страна во ситуација на егзистенцијални, социјални,
политички конфликти… Фабио Толеди е реномиран ментор- режисер, актер, драматург,
драмски автор во таа област. Зад себе има голем број на колаборативни претстави и
менторски работилници низ целиот свет. Неговиот пристап е еклектичен, истиот базира на неговите разновидни самоформирачки и образовни тренинзи низ кои тој самиот поминал како млад уметник во годините на своето форматирање и учење од искуствата на
Гротовски, Пина Бауш, Еугенио Барба, Дарио Фо, Боало …
*Работилницата беше практична, а неговото богато искуство се препознаваше во секој момент, со кое нѐ воведе во методите на социјален театар и изведба на театар во конфликтни зони. Дали станува збор за тематски определена работилница која наменски беше правена за кај нас и за наши
услови, или за општа работилница која менторот Фабио ја изведува на разни простори во ваква форма?
ИВАНКА А.Б.: Во случајов тој беше посебно заинтересиран работилницата да биде составена од домашни уметници, и да се соочи со нивните искуства, потреби, проблеми, барања, состојби, рефлексивност, отвореност за колаборативна работа и создавачки процес.
Нашите локални ситуации, нашите луѓе- уметници во локално опкружување, контекст,
услови, очекувања …
*Освен нови сознанија и пријатно дружење, што добиваат нашите актери со вклучување
во вакви програми? Се отвораат ли некои нови перспективи за соработки на подалечни
релации како и можност за избегнување на ригидните клановски шеми кои постојат кај нас?
ИВАНКА А.Б.: Сѐ зависи од типот на проектот, правилата на игра кој ги наметнува грантот
поточно покровителот со својата донација. Во принцип или според нашиот принцип, по
секоја едукативна активност и проект ние сакаме резулати и фолоуап, во случајов со
ЕТЕРИА повеќето уметници и учесници на работилницата беа повикани да аплицираат на
паралелниот меѓународен повик дел од нашиот заеднички проект за учество на три резиденции во Грција, Романија и Италија, со цел формирање на меѓународна екипа за изработка на завршна колаборативна и ко- креативна театарска претстава во 2024 година,
со која ќе се настапува на разни локации, градови и држави низа Европа и пошироко.
*Раскажете ни и за Вас. Вие работите и живеете во Словенија, или поточно на релација Словенија- Скопје. Која е Вашата базична професионална преокупација? Театарот, конекциите, осмислувањето концепти и мрежи, или и нешто повеќе од тоа?
ИВАНКА А.Б.: Јас сум родена во Скопје, Македонија, но од 2001 до 2010 година живеев, работев, студирав во Љубљана, Словенија, а од 2010 година наваму повторно живеам во Скопје, но активна сум меѓународно. Јас сум типичен човек активен во современата култура – живеам и делувам интердисциплинарно и кросдисциплинарно за да опстојам. Активна сум во повеќе професии– дизајнирам, менаџирам, продуцирам програми и проекти во уметноста и културата со посебен акцент на современиот драмски театар, создавам видео
театарски проекти, зад себе имам долга кариера на создавање уметнички стрип, пишувам, уредувам и објавувам книги и електронски книги, преведувам книжевност од словенечки на македонски јазик, изработувам графички дизајн, активна сум како ликовен антрополог, визуелен драматург и сум визитинг професор по историја на уметност и дизајн на ФАД/ЕУРМ Скопје.
*Кои се следни проекти и идеи што како едукативен Центар ги имате замислено и ставено во вашиот план?
ИВАНКА А.Б.: По работилницата го одбележавме дигитално Меѓународниот ден на танцот со кореографот Александар Георгиев. Следат подготовки за изработка на нов видео
театарски проект, во јуни имаме работилница за драмско пишување под менторство на Валтер Прете- повторно италијански ментор- актер и драмски автор кој ќе биде фокусиран на климатските промени како тема во драматургијата и драмското пишување.
Следат сите наши учества во активностите на проектот ЕТЕРИА кој трае со полна пареа и
ќе заврши идната година во јуни 2024.
*Дали на Вас, MCITI, може да сметат само театарските уметници, или можеби преку “полабави” програми во иднина ќе може да се вклучат и сценски да се едуцираат и граѓани со свои поинакви професии? Но, и дали возраста игра улога.
ИВАНКА А.Б.: Како што напоменав во претходниот одговор сѐ зависи од природата на проектот и фокус– интересот на соработникот на и во тој проект, иако кога станува збор за едукативните програми како стручните работилници– најдобри се резултатите кога групата е мешана според род, старост или возраст, и професија, најдобрите се резултатите, бидејќи се релативизира таргетот, а се фокусираме на содржината, смислата на креативните процеси и убавината на уметничките создавања.
Валентина Ѓоргиевска Парго