Ирена Стефковска -Kултурата е таа што ги прави луѓето духовно побогати и посилни, а тоа значи и посигурни во себе и похрабри да одат напред

24 Октомври, Денот на Организацијата на обединетите нации, во која Македонија  членува од 8 април 1993, а како федерална република во рамките на СФРЈ уште од самото основање на ООН, е убав повод да се потсетиме дека културата е основа на одржливиот развој и основа на мирот.

Во „Агендата 2030”, културата е дефинирана како главен двигател и креативна сила на одржливиот развој. Иако не фигурира како една од 17-те цели што треба да се постигнат во светот до 2030 година утврдени пред пет години од страна Организацијата на обединетите нации (ООН), културата е признаена како трансверзална вредност без која ниедна од тие цели не може да биде достигната.

Кога се вели „култура”, се мисли, секако, на културните индустрии коишто отвораат значителни можности за економски развој. Но, кога се вели „култура”, се мисли и на културното наследство, исто така прифатено во меѓународната заедница како трансверзална и незаобиколна вредност. Доказ за тоа е и Резолуцијата бр. 2347 едногласно усвоена од Советот за безбедност на ООН на 24 март 2017 година.

За првпат во историјата една резолуција на Советот за безбедност беше посветена исклучиво на заштитата на културното наследство и неговата улога за мирот и безбедноста во светот.

Затоа, кога велиме „културно наследство”, не мислиме само на реставрација на мозаици, фрески или арабески туку мислиме и на заштитата на најскапоценото што го носиме во нас, како наследници на претходните генерации. Кога велиме „културно наследство”, мислиме и на заштитата на мирот, најскапоценото добро на нашето општество.

УНЕСКО, како една од специјализираните агенции на ООН со која Министерството за култура одржува редовна соработка, тврди дека „единствениот начин да се постигне таков развој што ќе биде и правичен и инклузивен и ќе го подобри навистина животот на граѓаните е културата да се стави во центарот на развојните политики” . Со други зборови, без култура нема одржлив развој! Културата е таа што има моќ да оствари општествена кохезија без која не може да се оди напред. Kултурата е таа што ги прави луѓето духовно побогати и посилни, а тоа значи и посигурни во себе и похрабри да одат напред -меѓу другото истакна министерката за култура Ирена Стефкоска. по повод 24 октомври .Денот на ООН.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.