Владан Дробицки, тромбонистот и на некој начин предводник на составот “Сетстат” , веќе го гледаме и во улога на програмски директор на издавачката дејност на ПМГ рекордс.
Актуелните случувања налагаат разговор да го почнеме токму од оваа Ваша нова улога, ПМГ џез рекордс веќе издава албуми. А она што предизвика внимание сега се двете веќе промовирани изданија. Да одиме по ред, прво е компилација од првиот “Крај Вардарот Џез”, второто е “Стела” на “Љубојна”.
-PMG Jazz e лејбл кој се занимава со производство на домашна, авторска, македонска квалитетна џез музика. Нашето портфолио досега, го сочинуваат 26 изданија. Претежно сме присутни на дигиталните платформи, но често знаеме да продуцираме цедеа, а во последно време винилни (плоча) изданија. Нашите изданија доста добро котираат на глобалниот џез пазар.”Одрон Ритуал Оркестра” беше меѓу најдобрите џез изданија за 2019 година на целa бeндкамп платформата, а “Такси конзилиум” меѓу најдобрите за месец мај 2021 година, на истата платформа. Ова покажува дека глобално сме забележливи и дека музиката која ја продуцираме поседува квалитет. “Стела” е винилно издание на бендот “Љубојна” . Музиката изворно е напишана за филмот” Стела”.” Крај Вардарот Џез” е винилно издание составено од изборот направен од нашите најквалитетни изданија продуцирани во 2019 година.
Двете изданија се на ЛП. Тоа значи е наменето само за вистински музички сладокусци, но од друга страна тоа значи двојно поголема цена отколку на ЦД. Значи не одите по линија на побрза и поголема продажна заработувачка?
-Одамна сфативме дека заработувачка во оваа дејност нема. Економска цел ни е изданието да биде само исплатливо.
Патем, како оди продажбата, има ли интерес?
-Да, апсолутно. “Крај Вардарот…” е речиси распродаден…
Означува ли новата издавачка рекорд џез компанија нова експанзија на џез кај нас или барем нова етапа која ќе облагороди?
-Можеме да зборуваме за нова платформа на која џез музичарите ќе ја презентираат својата работа.
Многу продукции во минатото немаа доволно чувство за џез и не ги промовираа локалните џезери. Дали вие ќе го сторите тоа квалитетно и темелно?
-Ние сме домашна сцена. Се грижиме сами за промоција на нашата работа, најдобро што можеме. Искуството од годините поминати во настапи, договарања, организирања, креирања, е зад нас.
Скопје го има Скопскиот џез фестивалот кој сепак е репер за најуспешната и најпозната наша манифестација, воопшто. По што “Крај Вардарот Џез” правите да се разликува, поточно каде би сакале да има допирни точки со СЈФ?
-СЏФ е голема манифестација и претежно се занимава со промовирање на странска музика. Ние сме фокусирани на работа со млади македонски автори и музичари. Музичари кои се ненормално квалитетни, а ретко или воопшто не добиваат шанса за презентација на музиката која ја прават- изведуваат. Можеби сме романтични кога зборуваме за нов џез бран, ама тоа во моментот се случува. Се разбира дека организациски се уште заостануваме позади СЏФ, ама само што го затворивме второто издание на фестивалот “Крај Вардарот Џез”. Времето е пред нас. Тоа што на ланското и годинешното издание еден од централните концерти, е со артисти кои ние ги откривме, покажува дека сме на добар пат.
Мирко Попов е познат како автор и диџеј и автор на електронска музика. Што Ве поврза со него, за да ја оформите и “Кантон 6”, во која членување заедно, а плус уште и Синиша Евтимов?
-Мојата соработка со господинот Мирко Попов започна пред неколку години, при правењето на “Се плашам од македонци” –албумот. Сите во бендот ги фасцинира работната етика на Попов. Едноставно кога нешто оди, не се прекинува. Набрзо добив покана да гостувам на албумот на неговиот матичен бенд ПМГ Колектив, каде ги аранжирав и отсвирев сите брас звуци.”Кантон 6″ е алтер его бенд на ПМГ Колектив, составен од Мирко Попов и Синиша Ефтимов и во продукција е веќе неколку години. Јас “упаднав” во него. Заедно го направивме албумот трилогија “Џезус”, а летово настапивме на неколку џез фестивали во соседството.
Вашата група по која сте најпознат на јавноста “Сетстат” издаде девет албуми, што е доказ за стабилната кариера, долга четврт век. Каква е ситуацијата со тој состав моменто?
-Само што завршивме со серија од концерти. Деновиве изгледа ќе се собереме за составување на нов музички материјал.
Свирите како тромбонист во МОБ свирите со бендови, компонирате, бркате спонзори знае да е тоа исцрпувачки?
-Знаете како…некој се симнува во рудник и работи цела смена. Јас работам ова. Кога ќе се исцрпите, ќе земете неколку дена одмор и продолжувате понатаму.
Ковид периодот како делуваше на Вашиот музички нерв? Што добро донесе, можеби Ве инспирира повеќе?
-“Локдаун” блокадата не беше толку многу поразителна. Со ПМГ Џез успеавме да испродуцираме околу 18 изданија, да ја организираме првата едиција на “Крај Вардарот Џез Фестивал” . Со “Сетстат” настапивме во неколку серии на концерти, формиравме ПМГ Колектив Оркестра (бенд од 8 музичари). Со “Кантон 6” го направивме “Џезус” албумот. При крај е првенчето со Марија Каева. Во НОБ неколку добри настапи… Имав повеќе време за размислување дефинитивно, а тоа резултираше со доста акција.
Свиревте во клубови во Скопје, но доста патувавте и надвор. Џез кариера подобро се прави на домашен терен или со патување во други земји, кај нас е мал простор.
-Прашање е што е џез кариера. Работите се што ќе ви се понуди, а притоа го запазувате минимумот на квалитет, под кој не можете да одите. Изгледа научив низ годиниве да правам селекција, а и се опкружувам со убави луѓе.
Во налетот на новата музика се создадоа многу манифестации на кои за баснословни суми кај нас настапуваа разни поп пејачи, но џезерите се наметнаа на публиката на поинаков начин, имаат свој редовен годишен концерт и оние во Градски парк кои станаа бренд. Задоволен сте?
-Апсолутно не. Мислам дека премалку се работи.
Да позборуваме малку повеќе за Вас. Како почнавте да се интересирате за џез музика? Кои беа првите инструменти на кои засвиривте?
-Мојот татко ме воведе во џез музиката. Тој свиреше на тромбон и мојот прв инструмент беше тромбон. Подоцна научив да се снаоѓам на други инструменти, а последниве години активно се занимавам (покрај тромбонирањето) со музичка продукција.
Кој од најголемите џез музичари најмногу влијаел на вашата импресионираност од џезот?
-На почеток Луј Армстронг, за подоцна вкусот да ми еволуира и крајот на 80-тите се навлекувам на ИСИЕМ продукцијата, а подоцна и на цела њујоршка даунтаун сцена. Западноевропската фри џез сцена од крајот на 70-тите долго ми беше врв.
Кој е според вас најпознатиот наш џезер, се разбира по легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато?
-Дефинитивно Мартин Ѓаконовски (неговиот син,н.з.), а и Четкар прави многу добра работа.
Интересно, уште од некои релативно млади години Ве нарекуваат маестро. Од ваша гледна точка со што ја заслуживте оваа почест, на овие години?
-Не мислам дека со нешто заслужив да бидам Маестро.
Знаете ли зошто Ве прашав ова- никој никогаш не се посомневал во квалитетот на џезот, но – дали можеш воопшто свириш џез ако не си маестрален инструменталист/изведувач?
-Во суштина изведбата во џез музиката не зависи директно од виртуозноста на некој инструмент. Ако рамката ја отфрлите и дојдете до суштината (СЛОБОДА), тогаш стануваат битни други работи-слободата во изразување, размислување, општење итн. Мислам дека инструменталната виртуозност ја фаворизираат нереализирани личности- музичари.
Чуден е светот на џезот. Толку затворен во свој круг, а толку отворен кон светот. Џезот е универзален, нема простор и време. Секој кој е дел од него се чувствува покреативно и неограничено, на тоа широко поле на делување. А, може ли да се биде добар музичар без да се проучи историјата на џезот?
-Не само историјата на џезот. Потребна е едукација од сите сфери на општеството. Колку сте покомплетна личност, толку сте подобар артист.
Освен џез во тој жанр често се свири и блуз, бибап, свинг, денс, твист, латино, но, како што едно време мошне актуелно беше кокетирање со етното, се препуштивте ли малку и на креирање или изведување во таа некоја џез и етно комбинација ?
-По самата природа џезот е етно музика. Потеклата на модалитетите, на тоа што глобално се препознава како џез се африкански. Ако само ги промените модалитетите и работите со,на пример, балкански, приказната се менува?
Ние сме сепак Балкан и секое поврзување со етното е една природна врска. Покрај познавање на ноти музичарот мора да има посебно чувство да ја натера публиката да се наежи, за да му се признае титулата. Се согласувате?
-Не мора да познавате ноти за да бидете џез музичар. Нотите се само средство за поефикасна подготовка во ситуација кога времето е се. А дали публиката ќе се наежи или не, најверојатно зависи од квалитетот на презентираната музика. Џез музичар не е титула. Тоа е начин на живеење.
Џезерите кај нас шест години имате и свое здружение. Како тоа функционира?
-За мене, недоволно активно. Во моментот “Биг бендот” настапува на “Загребски џез фестивал” , што е за пофалба, но концертната дејност, можеби поради пандемиските услови не е врвна-честа.
Мала земја сме, но веќе има и Музичка академија за џез, во Штип, што е добро. Што би им препорачале на младите џезери кои сега почнуваат своја кариера? Да сметаат на вас?
-Апсолутно.
Кои се понатамошните планови на Владан, на “Сетстат” , на “Кантон 6” и на “ПМГ џез рекордс”?
-Да се прави музика. Во ПМГ Џез три изданија се веќе во подготовка, со “Сетстат” се надевам на нова музика, “Кантон 6” подготвува концертна промоција на “Џезус” трилогијата.
Валентина Ѓоргиевска Парго