Разговорот со радио и телевизискиот водител и новинар Рашела Гинова-Карафилоска, го водеше: Валентина Ѓоргиевска – Парго
Интересни се сите попладниња, кога сме вклучени на Македонско радио, Радио 2. Слушателите добро го препознаваат Вашиот глас, преку пријатното водење зад микрофонот. Вие сте секојдневно во етерот.
-На таа фрекфенција секојдневно сум застапена од 9.30 до 12 часот ве емисијата “Ритамот на денот”, што ја делиме заедно со колешката Сузана Стефановски, а еден до два дена во неделата работам и на “Возење со Радио 2” од 14.30 до 17.часот, заедно со Весна Синадиновска. Работам и на рубриката “На денешен ден”, со потсетуваа и стории што се интересни за слушател, повеќе со музички настани што се случиле на тој ден.
Лежерните попладниња се дополнети со многу добар музички избор, од музичките уредници и сето тоа се вклопува во една привлечна и жива радио приказна. Забележливо е дека држите до едно добро ниво во однос на сите тие други радио медиуми кои претендираат да се подоминантни во своето водителство. Дали е таа препознатлива “МРТВ школа” која отсекогаш се разликувала?
-Па се обидуваме да одржиме некое ниво. За човек кој е долги години во Македонската радио телевизија, како мене, претходно и во телевизијата од 1993 до 2000та година тоа се седум години и сега тука седум години, тоа е веќе рутина. Карактеристично е за луѓето кои што излегуваат од Македонска телевизија е еден поинаков обем на работа, поинаков пристап, поинаков начин на однесување. Значи не настојуваме да се имитираме едни со други или да имитираме некои од колегите од другите медиуми. Имаме отворени порти кај уредниците за консултации, немаме некои пречки во однос на тоа што го предлагаме како теми за емисиите ниту пак во изборот на музика. Имаме колега кој е задолжен за се што е најново. Можам да кажам дека сме единствени со музика кшто прва се слуша во етерот. Ако песната излегува да речеме утре на радио Би би си, ние ја имаме денеска. Тоа значи пред официјалното излегување. Меѓутоа и огромен фонд на музика низ годините наназад, од 60,70, 80, 90-тите, како македонска така и странска музика. Е сега,во зависност од тоа како ќе ни се погоди денот со колегата, некогаш оставаме колегите што се зад пултот да ја креираат сами музичката листа а најчесто, најчесто заеднички го правиме тоа..
Се подготвувате специјално за емисијата или едноставно целиот ден на радио водителот е подреден на постојано впивање на нови информации кои би ви прикористиле во самото водење?
– Информациите се менуваат во минута. Ако сум попладне на емисија колку и да се подготвувам значи претпладнето кога ќе дојдам во 14.30 информацијата се видоизменила дотогаш, па морам да ја прегледам уште еднаш, да споредам од повеќе портали. Јас на пример никогаш информацијата не ја земам здраво за готово и ја презентирам. Гледам да прочитам од повеќе страни и од лево и од десно па така да изберам некоја средина, затоа што имаме слушатели што се јавуваат не следат, не корегираат, не коментираат. И ако не сум се подготвила добро тоа се забележуваа, а најмногу се забележува во гласот. Поради несигурност гласот трепери, а згора на тоа, јас сум човек што, со силна емоција влегува во емисија.
Кога нагласив дека се издвојувате, мислев и на тоа што многу смирено и многу дозирано ги претставувате информациите. Тренинг ли е тоа, сепак станува збор за секојдневна работа и за жив човек.
-Па морам да ја сведам емоцијата на минимум. Тренинг е, дааа, и сум во постојан контакт со колегата отспротива, затоа што штом се почувствува некоја доза на преголема емоција што не можеш да ја потисне му даваш знак да ја засили музикат. А најтешко ми паѓа кога доаѓаат оние денови кога треба да се одбележи некоја годишнина од нечие заминување. Кога е денот на Тоше на пример, јас не сакам да сум на работа. Затоа што не можам. Колку и да имам искуство колку и да се правам професионален водител, и се, мене ми е тоа тешко да го работам. Ме прашувале многу пати ” зошто ти не си презентер на вести?” . Затоа што јас не можам да бидам презентер на вести, затоа што после првата информација што е малку почувствителна јас едноставно ќе станам од столче и ќе заминам. А, да, се, разликуваме од колегите, кои ги слушам во автомобил, дома, во некој трговски центар каде и да е. Се разликуваме по тоа што не сакаме да вресакаме на радио. Сакаме да пренесеме нешто како што кажа самата, ќе влезе во увото малку попријатно поненаметливо.И, би им порачала малку малку во лер да стават.
Самата споменувате дека ви велат да застанете пред камерите . водителка која се уште ја задржала целокупната убавина од младоста,а и публиката ве знае како еден од поомилените ликови кои некогаш кои беа во таа орбита на најпознатите и најпопуларни водителки на МТв. Зошто се одлучивте да се повлечете зад екранот?
– Да Вале, се уште користам привилегии од тоа време, се уште луѓето ме препознаваат искрено. Но не дека јас се повлеков, едноставно дојде време кога јас требаше да заминам во Лондон, се вратив и бев во приватна телевизија МС, потоа седум години работев во Ти мобајл за сервисот на англиски и на македонски јазик. Пишував за театар, и за клуб 360 плус и за веб страната на Ти мобајл. таму потрошив седум години. И имав решение само за една година, последната и тогаш сфатив дека не им требаат многу луѓе, па и таму направија рез, потоа дојдов на аудиција на радиото во 2012, Зоран Мирчевски ме одбра. Почнав во пладневната програма, таму беше првиот тренинг, невидена трема како прв пат во живот да влегувам во медиум,. Мислам дека пред камера можам во секое време да зборувам, меѓутоа ова беше една друга димензија затоа што тука не можеш да шармираш гледач со поглед, со насмевка. Можеш меѓутоа има една друга тежина нешто сосема сосема поинакво,и тука мора да си подготвен. Можеш да дојдеш во тренерки и несреден и опуштено да седиш и да разговараш ама сепак има нешто друго.Во Телевизија би се вратила во некое убаво ток шоу за кое би го пишувала сценариото и нормално со добар соработник.
Меѓутоа мора тука да се стави една голема забелешка за самата куќа, после такво искуство и после некогаш ѕвезден статус сега сте повторно хонорарец. Пречи ли тоа, демотивира?
– Да, многу. Многу премногу, пред се заради тоа што сум веќе семејна жена, имам малечка ќерка а знаеме каков е е статусот на хонорарите денес си, утре не си. Јас имам среќа што седум години тука меѓутоа тоа не значи дека ќе бидам и утре. “Да, до денес ни требаше ти благодариме, од утре веќе немаме потреба од тебе”.Тешко е и најтешко кога колегите секојдневно што ги среќавам особено тие од телевизијата со кои пораснав не можат да поверуваат дека сум хонорарец. Реагираат збунети, исто како што реагираше ти кога ти кажав.” Зарем е можно ова, за некој кој пораснала и се калел тука?, Ми велат.
Беше привилегија и врв да си водител на МТВ некогаш, престиж кој не беше достапен за секого во тој период. Бевте дел од омилената емисија за деца ” Ѕвон-“.
-Јас бев во” Ѕвон” кога ценетиот Лазар Коларовски ја креираше таа емисија, од 1993 година. Почнавме заедно со ДУМ. По професија сум шумарски инженер, не успеав да се запишам на факултетот за драмски уметности, прво не ме прими Милчин, потоа Кирил Ристевски ми предложи да се запишам на драматургија, ама ни тоа не ми го исполнија како желба. Но, ете како да ми направија еден вид на услуга. И тогаш ме газеше времето, две години веќе стагнирав, а веќе и работев во Телевизија и мораше некаде да се запишам.
Сега се многу поголеми можностите, секако ако таа желба и и тој талент бил многу силен, во меѓувреме би можела да направите и своја претстава, има алтернативни театри, алтернативни сцени.
-Да. Може. За ќе се запишев на Есра со Дејан Пројковски и покоен Љубе Цветановски. Годините никогаш не се пречка. Но сега веќе не на сцена, би се обидела сценаристички. Пишував многу сценарија и имам свои идеи.
Токму сте во пресвртен момент кога можете да го споите и искористите своето искуство со нови предизвици. Има уште до максимумот. Како размислувате за во иднина, на што би била фокусирана?
Значи веќе можеби јас толку не, но моето најблиско семејство се преморени од тоа јас да бидам хонорарец, сакам , конечно да добијам статус што го заслужувам. Со години наназад тука каде што оставив дел од најубавите години а не се малку 14 години. Да го добијам тој статус, па би правела некој поинаковт тип на емисии. Ми недостига емисија со гости емисија во која ќе има многу смеа, добра музика, каде што ќе заборавиме на се што е вистина во оваа држава, каде што ќе може е да избегаме на час, два од реалноста. Да зборуваме за едно друго време, кое допрва ќе дојде, меѓутоа не вакво, едно бреме што не притиска. Или пресекување се, заборавање на Македонија и заминување.
Но, не е тоа поентата, целиме од се ова што дошло во една фаза во која е се премногу раскршено, повеќе отколку што сме очекувале, да го подигнеме и да направиме нешто убаво и корисно.Со впрегнување на сите сили. За крај, да се потсетите на некој најубав настан од телевизискиот период, за кои низ воздишка да речете “ех колку беше убаво кога мене ми се случи тоа и тоа со тие и тие луѓе” .
-Тоа се многу емисии. Со Џокси на пример имаме многу емисии “Распеан телефон”, емисии со деца, одење на детски фестивали, водење на детски фестивали, снимање на мојата емисија “Сезаме отвори се” во Крушево. Таа емисија со деца кои се сега возрасни и имаат свои деца. Тогаш имав јас да речеме само 20 години. Таа ми е емисија што мислам дека во секое време можам да ја гледам и да биде и едукативна и забавна, пријатна и за уво и за око. Можеби за втори август ќе се досети некој да ја репризира.
Инаку, ја водев и следев и првата детска Евровизија, со Марија и Викторија. Потоа незаборавни се соработката со режисерот Игор Шокаровски,со уредничката Татјана Гогоска, со Татјана Забазноска Ласкоска. Сега имам желба мојата ќерка трииполгодишна ќерка Мишел да ја убедам да ја однесам да ја доживее атмосферата на “Ѕвон”. Мишел сака да пее, многу сака музиката, сака да танцува. Би сакала да ја однесам и на детска радио драма, да почне да се занимава и со спорт, тоа е се што му треба на едно дете.
Така некако го завршивме разговорот со Рашела, која е полна со неисцрпна креативна енергија и која за жал сеуште после многу години не го решила својот професионален статус, но не е сама во тој дел на професионална судбина, затоа што кај нас вредните и способните се секогаш некако на маргините!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.