Интервју со Никола Русављевиќ-ПОЕЗИЈАТА НИКОГАШ НЕ ЗАМРЕЛА, ЛУЃЕТО СЕ ЖЕЛНИ ДА ЈА СЛУШААТ

 Разговорот го водеше: Филип Димкоски

Никола Раусављевиќ е млад српски автор кој живее и твори во Нови Сад. Роден е во 1991 година во Кaрловац, Хрватска, а за време на војната се преселува во Шабац каде завршува основно и средно училиште.

Дипломирал на отсекот за српски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад.  Работи како радио-спикер на Првата програма на Радио телевизија-Војводина. Еден е од основачите и член на рецитаторската дружина „Меѓу нас“ и еден  од организаторите на Новосадскиот книжевен фестивал НОФЕК.

Автор е на една поетска книга и добитник е на наградите „Стражилово“ и „Сремскокарловачки поетски бродови“. Покрај пишувањето поезија, рецитаторството, спикерството и говорништвото, овој млад но креативен и енергичен автор постојано работи на вмрежување на младите од областа на културата не само во неговата околина туку и во регионот…На неодамнешната средба во Нови Сад, проговоривме за поезијата, уметноста, културните текови и културно-уметничката клима на младите…

 Според тебе, што значи денес да се биде млад и да се пишува поезија?

Значи тоа што отсекогаш значело кога се младите луѓе во прашање, а тоа е борба против ветерници. Луѓето секогаш се свртуваат кон трендовите, кон модернизацијата, младите сето тоа уште полесно го прифаќаат, така што паметните телефони ни ги заменија книгите (се разбира, ништо не смееме да генерализираме). Значи, реткост е да се земе книга од некој современ автор. Тоа е лулашката на која живееме: од една страна е технологијата и напредокот (што  de facto  е добра работа, но понекогаш зазема премногу простор), а од друга страна е уметноста која е вечна, но не може баш да се натрепварува со популарниот напредок на технологијата. Нам, младите кои се занимаваме со поезија ни преостанува да правиме баланс на таа лулашка и да понудиме и традицијата во која уметноста е на заслужениот пиедестал, но и напредок во вид  однос  технологија. Така што пишувањето поезија, која инаку има тесна читателска публика  е една многу племенита работа која живее во одредени луѓе и тешко е да се бориш против тоа, а од друга страна вечна борба е како таа поезија да им се приближи на луѓето.

Кои се мотивите што тебе те окупираат при пишувањето поезија? Каде е изворот на твојата инспирација?

Да не звучи како клише, но поезијата е насекаде околу нас. Темите ги пронаоѓам во секојдневниот живот, тоа верувам е и природниот след на нештата. Не може човек да пишува квалитетно за она што не го преживеал или за она за кое не е освестен интелектуално или емоционално. Во една песна напишав:

Минуваат векови низ моите очи

секогаш есента се преточува во слика

и секоја мисла, каде и да скокне

добила израз по мојата лика.

Значи, да прецизирам: темите се животни. Постоењето, автопоетичноста, љубов, политика, односно за сé што размислувам.

Досега имаш објавено една коавторска збирка поезија која е наградена со престижната награда „Стражилово“ која ја доделува угледната поетска институција Бранково коло од Сремски Карловци. Кажи нí нешто повеќе за таа книга но и за влијанието на наградите врз тебе.

Книгата е во коавторско издание со Милан Ќосиќ и носи наслов „Кога ќе ја дофатам тишината“. Идејата за неа настана уште за време на студиите, значи многу пред времето кога книгата ја виде светлоста на денот. Посакувавме да ги собереме мислите меѓу исти корици затоа што во тоа време слично пишувавме, затоа таа книга има и двајца автори.

Кога станува збор за наградите, од една страна мораме да бидеме свесни дека секому му инпонира кога ќе добие некое признание, но од друга страна тоа може да биде и опасно. Лично верувам дека наградите се драгоцени затоа што некој го забележал квалитетот на вашето дело, но не се пресудни за едно творештво. Она што е пресудно е публиката луѓето кои го следат и го проживуваат она што го создавате.

Покрај пишувањето, работиш како радио спикер, но и на разни начини пробуваш да ги вмрежиш младите луѓе од областа на културата и уметноста…Те молам малку од поблиску запознај не со твоите многубројни активности….

Да, работам како спикер на Првата програма на радиото на Радио телевизија  Војводина. Од неодамна, меѓу другото иницирав еден сегмент од програмата кој се вика „Поетски минијатури“ и се емитува секоја сабота од 10.30 часот на спомнатото радиo. Нa тој начин се трудам да ја промовирам поезијата. Исто така, со години со рецитаторската дружина „Меѓу нас“ организирам поетски вечери.  На почетокот на 2019 година ја визуелизиравме поезијата снимајќи спот за песата на Милан Чосиќ „Некогаш чекавме возови“

Сега ја уредувам рубриката посветена на поезијата на порталот poenta.net . A инаку, пробувам младите поети да ги спомнувам во медиумите секаде каде што можам, затоа што сметам дека неопходно е да зборуваме дека младите пишуваат поезија и неопходно е да се поврземе, да разменуваме песни, мисли, коментари, критики…

Како ја доживуваш денешната книжевна сцена во Србија? Имаш ли конкретни идеи што би требало да се менува и како?

Ова прашање бара кафе и пиво и најмалку два часа разгово (смеа). Но, ќе пробам да го поедноставам.  Книжевната сцена во Србија е монополизирана. Ќе повторам, ништо не би требало да се генерализра, но факт е дека оној кој има одредена политичка или институционална моќ полесно објавува книги, прв добива награди по системот „јас тебе-ти мене“, полесно доаѓа до медиумите и слично. За влијанието на парите нема ни да зборувам, затоа што „парата врти, каде што сврделот не може“, па така ако имаш доволно материјално богатство, книга можеш да објавиш преку ноќ. Тука квалитетот не е битен. Секако чест на исклучоците.

За да се промени ова, верувам дека прво би требало да се промени економската состојба, не само во Србија, туку и на Балканот. Втора опција е младите кои доаѓаат во еден момент да ја преземат штафетата од возрасните кои се држат во мали и затворени кругови да не подлегнуваат на притисоците и влијанието на славата и парите. Ни требаат уште чесни луѓе, не само на книжевната сцена туку во сите сфери на општеството. Квалитетот мора да биде приоритет кога уметноста е во прашање.

Има ли доволно простор за претставување на книжевното творештво на младите од една страна, а од друга страна дали има доволен број луѓе кои сакаат да читаат и слушаат поезија?

Делумно  на ова прашање дадов мое мислење во претходниот одговор. Младите во многу нешта се ставени на страна кога станува збор за книжевноста, особено ако сборуваме за поезијата. Многу малку институции им даваат поддршка на младите, така што тие се препуштени самите на себе. Заради тоа инсистирам на взаемна поддршка на младите луѓе. Мораме да се поддржуваме меѓусебно, затоа што само така квалитетот ќе дојде до израз, а нашето творештво до саканата публика.

Одговорот на другиот дел од прашањето е потврден. Секогаш постојат луѓе кои се желни за добра поезија. Тоа пред се ни го покажуваат поетските вечери кои ги органзирав со дружината „Меѓу нас“ (Меѓу нама), но и на промоциите на книгите и реакциите на луѓето на социјалните мрежи, па и радиската публика. Иако понекогаш така ни се чини, поезијата никогаш не замрела, таа е сеприсутна и луѓето се желни да ја слушаатм само неопходно е да се тргне во чекор со времето и да се понуди во разни видови и облици. Таа е онаа гореспомената лулашка од одговорот на првото прашање.

Знам дека работиш на твојата втора, овојпат самостојна поетска книга. Кога можеме да ја очекуваме?

Ја подготвувам втората книга која ќе содржи три сонетни венци посветени на тројца наши поети кои одбележале одредени епохи. Но повеќе за тоа ќе ви кажам кога книгата ќе биде објавена, а тоа би требало да се случи наредната година.

Во меѓувреме, плановите се и натаму да ја промовирам поезијата и квалитетните млади поети секогаш кога сум во можност да го сторам тоа, затоа што тоа е она што може да не одржи-меѓусебно почитување и чувство за убавите нешта како што е поезијата.

ПРАГ

Треба да се заборави рѓосаната врата

стариот кров и исушениот праг

да се заборави сронетата црква

под темносиното небо пред зора

Треба да се заборави бунарот, плевната

нивата и сливарникот,

лозницата што плеќите ги свиткала пред куќата

носејќи го товарот на презрелото грозје.

Треба да се заборави огнот,

пламенот и огништетот. Изворот.

Страдањето што дошло

по жегата и пред невремето.

Треба да се заборави постоењето пред заминувањето.

Гробовите треба да се заборават за полесно да се живее.

Треба да се заборават полјаните, пајажината на пченките,

винскиот венец и гнездата на ластовиците.

Треба да се заборави јазикот,

крвта и битието.

Небото треба да се заборави.

Единствено треба да се остави надежта

дека една брава и еден клуч

човекот засекогаш ги носи во себе.

 

СПОМЕНИ

 Светлеше ноќта во подстанарската соба

ма стариот град тука крај реката

светликавоста на кожата, велината на градите

танки контури на вековниот копнеж

го топат полумракот со мирисот на телото.

 

Далечните возови ја довлечкуваат есента

мирисот на дрворедот се влечка кон крајот

улиците мпусти, мемлосани сонат.

 

Од ламбата на аголот, тече светлина

абажуроот и одолева на полутемнината

сликите од ѕидот не гледаат немо

трпетно, или само така ми се чини

додека нурнувам во желбата реална,

дамнешна, скоро овенчана со среќа.

 

Утрото ги носи сите бои на ноќтс

врелината на телото, треперливоста на душата.

И како фотографија во прашлива рамка

спомените на љубовта, единствено прегратката ги чува.

 

Препев од  српски на македонски јазик: Филип Димкоски

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.