МАРЈАН ЈАНКОСКИ: Етно мелосот во филмска музика е комбинација со која силно ќе освоиме!

12.01.2025

Музичката јавност овие денови беше почестена со композиција од која блика голема убавина, насловена “Прошетка” а во изведба на маестро Марјан Јанкоски и “Портал”.

“Прошетка” , како што ни открива авторот, е создадена во неговото родно Вевчани.

– Да, токму така. Песната е создадена во пролетта минатата година, каде јас во ова место кое е сместено под пазувите на планината Јабланица, одам со своето најблиско семејство во својот дом. Таму се моите родители и роднини и таму поминувам дел од своето слободно време. Инспирацијата за песната се создаде во тој период, кога се шетав низ прекрасните сокаци и живописни предели во Вевчани, но и постојаното навраќање низ разговори за местата низ кои сум поминувал по улиците и калдрмите низ Македонија.

Освен ова дело кое опива со својата етно убавина и чистина во секој поглед, “Хит на месецот” во декември беше една тема со која се промовира Вашата нова музика што ја создавате со “Портал”. Станува збор за нешто фантастично, нешто што звучи толку многу богато како да е снимано во големо студио, со голем симфониски оркестар. Ја нарекувате филмска музика, предодредена можеби за филмот како медиум, но во неа се вкомпонирани многу елементи кои сега откриваат едно ново издание на ценетиот професор кој го знаеме како етно создавач.

-Да. Минатата година

снимивме неколку нови работи, но последно објавено од наша страна е најновата музичка композиција која едноставно ја нарековме “Ко на филм”. Филмска е, и само си дојде името. И целта беше токму тоа, да се долови една атмосфера каде што слушателот кога ќе ја слуша сам да си го прави сопствениот филм. Внатре навистина се следат и принципите на она како се создава филмска тема. И за мене за составот ова е ново, еден предизвик кој што како стил можеби малку сме го начнале во претходни композиции, но официјално сега е ново вид на музика од нас. Досега нашата музика ја препознаваа како по-етно, па и црковна и ткн, а сега добиваме една нова слика преку новиот наш тренд,  каде што “Портал” на некој начин го доближувам до светската музичка сцена на еден суптилен начин. Кавалот внатре си добива една сосема друга димензија, тамбура си добива една сосема друга димензија- не звучи гитарски, не звучи флејтџиски, туку едноставно се создава впечаток како “Портал” го гледа светот, како треба да “гази” по она што се нарекува некаков си светски начин на создавање на музика од овој тип.

Интересно, има многу убава атмосфера во неа, а претпоставувам дека атмосферата како чувство ќе го потенцирате и во следните песни кои ќе ги правите, затоа што, ќе речам, иако условно речено нашиот етно мелос има многу можности, меѓутоа сепак се знае во која рамка се движи. А кај филмската музика може една поголема слобода, така што се “игра” повеќе со атмосферата. Дали имате искомпонирано и други такви песни и која е целта што правите еден благ, но интересен- пресврт?

-Да се надоврзам на прашањето, затоа што првиот дел од прашањето има одлично согледување. Внатре во самата композиција можете да забележите асоцијативно филмски содржини, можеби од седумдесетите години, од шеесеттите години, нешто што ќе ви наликува на таа доба. Внатре е измешан и еден танго стил кој што може да го забележите кај звуците на виолините. Вклучени се и ткн лимени дувачки инструменти, тромбонот и саксофонот, што за прв пат ги вклучуваме во мојот состав, а досега беше кларинетот и на овој начин едноставно само се рашири кругот. Авторскиот мојот пристап е она што го кажавте- слободата која што произлезе од самиот момент. Иако, може да се забележи и таму во средишниот дел на композицијата, и мирисот на Македонецот, и како тој го гледа светот. Друго дело кое што го имам направено во овој стил е “На дождот”, и е многу убаво. Има покомерцијални ноти во него, исто така и употреба и на саксофон. Гледате како си се надоврзуваат идеите, но стилски се доста поразлични и можеби да ги прашате некои од моите колеги која им е доминантна, да – ќе речат “филмската е подоминантна, посвоја”, а од друга страна ќе речат “па и оваа е супер”, затоа што има една свежина, една новост која што ја нудиме. Понатаму ја имаме композицијата “Повторна средба”. Од неа почна сѐ, во која што по 24 години јас се навраќам на тромбонот …Односно можеби и по 30 години, кога свирев тромбон во средношколските денови и бев надежен тромбонист. И сѐ почна од таа композиција “Повторна средба” која што ги доби тие филмски слики. Таа композиција е компонирана за едно класично дуо, се создаде по нарачка на клавиристот во мојот состав Ангеле Михајловски и професорката Татјана Џорлева, ми ја нарачаа да ја направам за четирирачно пијано и потоа ја изведоа во Истанбул, Турција, на мое огромно задоволство.

smart

Колку филмски композиции имате засега?

– Официјално можам да кажам три, но музиката на “Портал” постојано се става во заднина на повеќе документарци за црквите и манастирите од Македонија.

Дали сте филмофил, обожавате филмови или само како музика?

-Како музика, да. Не дека не ги обожавам филмовите, далеку од тоа, но во моментов чувствувам еден внатрешен композиторски порив кој што доаѓа во овој даден период и мислам дека треба да се искористи.

Филмовите, на почеток, особено немите филмови од 19 или 20 век, беа базирани на одлична музика, и фактички мелодијата го објаснува дејството, ако е нешто весело и музиката е весела, ако има тажна сцена имаме тажна музика- го следи филмот комплетно. Значи како медиуми биле споени музиката и глумата во филмот.

-Тоа дефинитивно е така. Еден колега од составот вели, на “Портал” не му се знае крајот, јас би сакал тоа така и да биде, затоа што ако гледате во последен период и општо што ни се случува на македонската музичка сцена, ќе видите дека музиката веќе паѓа во втор план. За жал, повеќе гледаме филмови, добри спотови, врз база на тоа…Ух, не знам како да објаснам… Еве вака: има еден момент каде што музиката се прикрива на некој начин, односно можеби само некои креативни недостатоци- дали вокални дали аранжерски, се прикриваат преку добар спот. Јас, напротив, одам на тоа со квалитетна музика да го натераме слушателот по пат на автоматизам да си го создаде филмот. Затоа што музиката мора да биде главниот двигател, главниот носител. Тоа што во последен период се случува и со обработките на народните песни не води кон добар пат … И авторска музика многу малку се пишува во овој период, сѐ е оддадено на обработки, но за жал веќе рекив тоа се прикрива преку добри спотови. А музиката треба да го има главниот збор…

Претпоставувам и понатаму ќе правите повеќе музика која наликува на филмска, се разбира дека ќе се очекува и концерт на таа тема, но мене ме интересира дали можеби намерно правите експеримент на благо вметнување на македонскиот етно мелос во нешто што е светска матрица на правење на “ала” филмска музика, познавајќи ја Вашата добра намера- вашата најголема љубов, етното, да биде внесено во нешто што има поширока димензија и што може да ја слушнат повеќе луѓе на повеќе места во светот.

-Може и двете да бидат. И сигурно се и двете. Прво, има еден момент сега што го откривам, а тоа многу добро го знаат оние што свират народен инструмент и кои што се понапредни. Тие тоа може да го забележат. Значи, во овие неколку композиции што ги свирам во последен период јас правам и новини- еве во врска со кавалот, на пример, свирам тонови кои што ги нема во кавалот и го ширам спектарот на тоновите. Тоа се прави со макотрпна работа, со вежбање.

На истиот инструмент?

-На истиот инструмент. Ние ги нарекуваме таканаречени “мртви тонови”, јас ги свирам како тонови што постојат, а всушност не постојат. Една од причините е таа. Втора причина е што ги користам народните инструменти на таков начин не тргнувам од фактот дека ова мора да биде светски- па сега затоа ајде не ме интересира македонскиот звук. Напротив! Значи, кога ќе ја слушне надворешен слушател, некаде низ светот, кој нема допирни точки со македонската музика и македонската култура, да го заинтригира тој дел. Целта е ова- ако досега мислел дека овој звук се добивал само на дрвена флејта сега гледа дека не е флејта. И се прашува “Што е?”. Познавањето на тој дел мене природно ме донесе да го задржам и мојот печат како личен звук во самите композиции. Но, дали тоа ќе е странскиот слушател што не те познава или домашен, тоа не ме интересира, мене ми е доволно да го заинтригира било кој слушател и да си рече “аха ова нешто е различно”. Да речеме на “Чангулово оро” кое што е како ритмичка подлога, јас му правам сосема друга импровизација.

Ги спомнуваме инструментите. Колку инструменти се користени во новите дела?

-Во “Портал”, во овој последен материјал што го снимам, воопшто гледам да ја вадам секоја жичка од секого од моите соработници, и доколку познаваат некој дополнителен инструмент и него да го вклучиме. Така со Иле Колев, членот на “Портал” кој што е дувач, и кој што досега свиреше кларинет му дадовме мотивација која што го поттикна толку добро да го совлада саксофонот, што звучи така како што звучи во снимените делови. Значи врвно! Така што, ги користам тие нивни скриени таленти. Понатаму, Елена, нели, покрај што свири виолина таа и прекрасно пее и ја користам максимално. Неа досега ја користев во црковната музика, дури допрва следува оној скриен глас за филмска музика што го има, но тоа ќе го оставиме како изненадување…

Тука би сакала да ве прашам, рековте во Турција едната песна е веќе отсвирена, знам дека и во Њујорк беа отсвирени Ваши теми. Дали станува збор за истите?

-Не, сосема се различни. Буквално музичкиот пристап кои што го имам со мојот музички состав заинтригира многу камерни музички состави во нашата Македонија. Во Њујорк како што спомнавте, моја композиција отсвири Камерен оркестар кој што е составен од изведувачи вработени во Македонската филхармонија- Елена Дојчиновска, Маја Чанаќевиќ, Калина Мрмевска која што моментално живее во Њујорк во Америка, и ја изведоа мојата композиција која што се нарекува “Крилјата на гулабицата” во 11/8 ритам, и добив информација поминала прекрасно.

Таа е класично дело?

– Да, класично дело е, а има доста баш тие современи отстапувања. Всушност, тоа сакам да кажам дека стилот по кој што јас ги правам не се движи по тој класичен тип на создавање на музика, а и со текот на моето растење и креативно како композитор … поточно јас избегнувам да го користам терминот композитор затоа што за мене композитор е човек кој што има завршено Музичка академија- оддел композиција. Автор сум јас. А народот како ќе те нарекува него не можеш да му кажеш…. Ако смета дека го заслужувам тој термин, ќе ми биде чест. Но јас лично за себе го нарекувам терминот- автор на музика.

Друг состав кое што постојано изведува Ваши композиции е “Трио Академико”.

-Тоа е трио составено од сегашниот декан на Музичката Академија во Штип Златка Митева- флејта, Наташа Трбојевиќ- пијано и Бранко Павловски- реномираниот кларинетист кој што минатата година славеше триесет години од неговата  репродуктивна дејност. Јас им ја посветив композицијата за нив која што се нарекува “На пат за дома”, така што во последен период имам доста соработка. Во моментов работам исто и на нарачка на дело кое што е за кларинет и гудачки квартет, исто за Бранко Павловски и изведувачи од Македонска Филхармонија. И ми е особено задоволство.

До овој момент наброивме три различни вида на авторски жанрови кои ги негувате кои ги знае и јавноста, а тоа е создавање на новосоздадена авторска музика со етно елементи, класична музика- музика со класични форми и следно е филмскава музика. Дали се само овие трите или можеби има и уште?

-Нема крај, нема крај, верувајте ми, затоа што насочен сум и на православната музика, а тоа ми е фах. Создавам дела, композиции, кои слава му на Бога се прифатени меѓу народот и се пеат на служби во голем дел во манастирите во Македонија. На пример песната за Свети Гаврил Велички се пее во Лесново и е дел од службата на Лесновскиот манастир. Комплетен автор, Слава на Бога, сум јас.

Како Ви доаѓа таа музика?

– Епа тоа треба да те повика за да го напишеш. Еве во моментов завршив еден многу битен предизвик за мене во поглед на православната музика, создадов дело за Свети Јован Кукузел, човек кој што оставил неизбришливи траги, човек кој што е заслужен за многу работи што ние денес ги нарекуваме музика на нашиве простори, а ние го избегнуваме тоа, го ставаме во втор, во трет план. Тој не творел само црковна музика, тој творел секаква музика кога живеел. Така што тоа е една работа. Второ, доста работам на детската музика, детските жанрови и тоа го имам како стил на “Портал”. Следно е што го креирам новиот селективен концепт на работа- она што некогаш го имаше Македонската радио телевизија кога се правеше селекција кој пејач може да влезе, кој свирач може да влезе… Се знае дека во оркестарот не може секој да пее, дека не може секој да помине да настапува на фестивали и да сними песни, сега тоа јас го имам во план во иднина односно јас да бидам креаторот заедно со членовите на “Портал”. Кој сака мора да помине низ критериумите на мојата екипа, односно на согледувањата, затоа што веќе мора да се стави крај на таквите изместени критериуми. Се создаваат песни каде што не се внимава ниту на акцент, ниту на македонски збор, ниту на водење на мелодија. Но кога зборуваме за селекција, тогаш да кажам и дека “Портал” понатаму ќе има отворена врата и за други членови кои сакаат да работаат со нас.

Кога ги спомнавме децата сакам да поставам едно прашање за Вашите деца, тие во неколку наврати ја одушевија интернет публиката кога пееја неколку песни по повод некои празници. Сите тројца освен што го имаат тој блескав талент и изведувачки шарм, исто така почнаа да го изучуваат и инструментите.

-Да. Сега засега покажуваат огромен интерес за музика и доста напреден. Најголемата веќе е деветто одделение и следната година планира да се запише во средното музичко училиште. Морам да нагласам дека јас не им стојам на патот, самите сакам да одлучат, но желбата и волјата е толку силна што ако го одберат тоа , јас ќе им помогнам сто отсто колку што можам. Поголемата, покрај тоа што свири клавир во нижото училиште и добро пее, свири и тамбура. Помалата исто свири пијано исто така го негува пеењето. И двете покрај што го сакаат хорското пеење и песнички кои што за нивната возраст што се актуелни, тие го изучуваат и оној стар начин на црковно пеење преку невми, не преку нотно писмо и доста се напредни во тоа. Пеат во црквата Свети Ѓорги во Криви дол. А најмалиот кој што е веќе пет години е исто така хиперактивен за музика. Така што, нема бегање. Нека се здрави и живи.

Да. Може да се зборува многу, меѓутоа во периодот што доаѓа, а сега само ги најавивме овие Ваши нови остварувања. Само би прашала давате песни кои се изведуваат на разни меридијани меѓутоа вие тука не правите концерти, а би требало. Каде е тука можноста да се претставите со “Портал” пред светот со вашето концертно присуство.

-Не дека не даваме, ние сме многу благодарни на голем дел од градовите на Македонија кои што нѐ вклучуваат во годишните програми. Јас лично не конкурирам во Министерство за култура, затоа што…едноставно (се мисли на.з.) ете така- немам ни зошто, ни да, ни не. Не знам да го кажам тој заеднички содржател, но едноставно сметам дека сега засега не треба. Но благодарност до сите кои што нѐ вклучуваат. Летоска имавме целовечерен концерт во Вевчани. Пред два месеци имавме целовечерен концерт во Свети Николе на чествување на Крсте Петков Мисирков. Имаме такви настапи, но она прашање кое вие го начнувате претпоставувам дека алудираме и на пошироката јавност. Нашите сили се толку. Мојот состав и јас како автор на овој состав, постоиме од 2002 година, така што доста години сме на сцена, сме се нуделе, сме покажувале интерес за соработки, зошто и како се случуваат така работите – тоа што е. Јас никогаш не се откажувам, верувам во добри времиња. Оптимист сум и верувам веќе дека на “Портал” му е местото надвор и мислам дека сите ќе се сложат, ако отворат на нашата страна на Јутјуб каналот Марјан Јанковски и “Портал”, дека веќе нашата музика ги разбива и границите и стереотипите што се тука. Ние ќе бидеме среќни тоа да се случи. Имавме најави но за жал короната ги спречи.

Портал” постои од 2002 година и е директно поврзан со големата поетеса Светлана Христова Јоциќ која што го именуваше уште при самото негово создавање. Но би го спомнала и уште еден ден музички великан, Вашиот голем пријател Тоше Проески. Дали во чест на овие двајца блиски пријатели подготвувате, ќе подготвувате, можеби со неговиот инструмент некој концерт, можеби некоја изведба со посвета?

– Одлично прашање. Значи јас би ставил уште еден човек тука, тоа е пред сѐ професорот Драган Даутовски и ќе објаснам и зошто го ставам прв. Затоа што кога дипломирав на факултетот за Музичка уметност во Скопје, јас бев првиот студент од одделот на теорија и музичка педагогија што ми се дозволи како дипломски испит да го направам завршниот концерт што беше на класата за народен инструмент. И професорот Драган Даутовски ми дозволи вториот дел од тој концерт да ми биде авторски. И тоа толку го допре професорот, што потоа ме повика и ми даде насока да оформат состав од трио, сегашниот директор на филхармонија Александар Котевски беше првиот член кој што свиреше виолончело, јас свирев народни инструменти и пијано, и Александар Јовевски кој е во ансамблот “Танец” кој што го оформи “Монистра”, беше член на “Портал” во првата постава. Имено, тогаш беше и обоистката Надица Ристиќ Симовиќ. Првата постава беше благодарение на професорот Даутовски, тој ја даде идејата да оформам состав и благодарение на него ние го оформивме трио. А во тој период јас многу соработував со Друштвото на писатели на Македонија, создавав музика, свирев на нивни манифестации и бев исклучително близок со Светлата Христова Јоциќ и едно утро кога се возевме со нејзината “буба” и ѝ кажав дека сакам име да му ставам на составот, всушност од сите имиња  што ѝ ги дадов како предлози таа рече ќе се слеат во името “Портал”. И од тогаш натаму од 2002 година составот се нарекува “Портал”. Како трето, исклучителен човек кој што во мојот живот остави голема трага и по кој мене по сѐ уште ме препознаваат е Тоше Проески, кој што меѓудругото покрај тоа што ми беше соработник ми беше и другар и колега и така натаму. Ние бевме како браќа уште од Битола, кога бевме ученици, јас бев две години постар од него и од Марјан Стојановски, во тој период ние бевме заедно и благодарение на таа наша релација и довербата која што тој ја имаше кон мене како изведувач на народни инструменти,  јас останав со него да соработувам и понатаму, а се надевам и дека го оправдав неговото име и презиме, вложив многу во народниот инструмент кавал за да звучат делата како што звучат.
Инструментот што Ви го подари Тоше останува Ваше трајно богатство.
– На една свирка на која што свиревме во МАНУ, јас, Борис Трајанов како баритон, Тоше Проески како тенор и Симон Трпчевски на пијано, во чест на тогаш упокоениот Борис Трајковски ја изедовме “Си заљубив едно моме”. Тоа е прекрасно отсвирена композиција и по тој настап Тоше ми вели: “Од тука одиме дома кај мене, сакам нешто да ти дадам”. И тогаш отидовме кај него, прво што направивме влеговме во студио, една италијанска песна имаа направено со Симон Трпчевски, претходно снимил пијано за подлога, а мене ми даде што треба да свирам. Јас го зедов кавалот и снимив, не знам дали таа снимка постои, и во тој момент ми вели: “Сакам нешто да ти дадам што сметам дека ти треба да го имаш”. Тогаш ми го даде инструментот диџириду, тоа е австралиски инструмент на домородците во Австралија на Абориџините… И тој инструмент е во мојот нов дом во Скопје, имам еден посебен дел во едно ќоше кој што е посветен на Тоше и тука ми стои инструменти . Тој човек додека сум жив јас, ќе биде покрај мене. Затоа што, не само за мене тој и за цела македонска и балканска јавност направи многу, жал ми е што можевме да создаваме и да правиме уште, но … За јавноста да кажам дека Тоше многу сакаше да свири кавал и се договаравме да изучува кавал. Ама за жал ете се случи тоа што се случи. Еве затоа сме сега ние тука да одиме по тој пат затоа што Тоше и многу такви луѓе со својот пример кажуваат дека сѐ што правиш прави го квалитетно затоа што тоа останува. И лошиот глас и тој останува и мораш да бираш. Никогаш не одат светлината и темнината заедно. Сакаш добро? Ќе си трпиш последици и ќе одиш по потешкиот пат. Можеби и тоа некако со мојот состав нѐ влечи само квалитетот, а за тоа треба време.
Како шлагворт уште малку да се осврнеме на “Портал”.
-Споро се движиме и квалитетно, затоа што сите се вработени луѓе- Ангеле Михајловски е професор по пијано на МА при УГД Штип, Сашко Петрев– професор по народни инструменти во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, Иле Колев– професор по кларинет на средното музичко училиште од Штип, Елена Ѓоргиевска–професор по виолина во нижото музичко училиште во Велес (таа е исто така и нашиот вокален изведувач), Стојанче Наумовски–професор по виолончело во средното музичко училиште во Штип, Златко Панов – професор по виола  во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Како наш постојан соработник на ударни инструменти е  Ратко Даутовски, вработен во “Танец”. Сите тие земаат плата и затоа ние повеќе работиме на квалитетот на музиката отколку на комерцијала и брза заработувачка и сметаме дека тоа е засега еден убав пат по кој што одиме. Но, имаме и доста комерцијални работи кои ги создаваме во последно време. Од комбинацијата меѓу тие две нешта може да се направи да излезе еден убав концерт. Официјално објавена музика на “Портал” снимена во студио се случи во 2004, а тоа беа композициите “Параходот” и “Непребол”. Понатаму сниманите дела си растеа, но ЦД сѐ уште немав издадено. Како прв запис на носач на звук е првото ЦД насловено “Песни на вевчанската душа”, (издадено во 2014 година од страна на DDQ Production, а печатено во SONY Австрија. А по него 2017 година го издадовме албумот „Рожба“…Сега сме уште поактивни. Нас, прво и прво ни треба еден добар тим да ни организира еден убав концерт тука во Македонија да не видат колку тежиме, за да можеме ова што го зборуваме да се потврди дали е така или не.
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник во порталот КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.