10.09.2024
Градот Куманово на 29 август 2024 година беше домаќин на најновото издание на познатиот фестивал кој расположува со песни со шегобиен карактер. И не би ги нарекле само песни, туку и хитови, и не само хитови туку и мегахитови. Особено оваа година, кога по фестивалот снимките ги преплавија социјалните мрежи. Немаше песна која не беше шерувана и коментирана, во позитивен контекст.
Директорот Драган Јаким, по целосните вложувања и комплетно осмислена и реализирана програма, е презадоволен.
* Еве, на десеттина дена по “Тумба фест 2024” верувам дека може на раат да поразговараме, со веќе средени впечатоци, легнати импресии и возбуда која трае и е неизбежна по еден навистина преуспешен фестивал. Како сте? Како ги поминавте овие фестивалски и постфестивалските денови?
– Впечатоците од овогодинешниот ,,Тумба Фест,, навистина се возбудливи и импресивни. Сметам дека повеќегодишното организирање на фестивалот не само што нас, како совет на фестивалот, туку и самиот фестивал нѐ воздигна на еден би рекол повисок степен како од аспект на организација, така и од аспект на сѐ поквалитетни нумери, автори и сѐ останато што еден фестивал го прави да биде од таков квалитет што провоцира голема медиумска и секаков друг вид на заинтересираност. Уморот е присутен, требаше многу енергија, посветеност, размислување за секој детал кој е важен за организирање на еден ваков фестивал, особено што нашата амбиција е истиот да живее, да ја има нотата на традиционален со сите карактеристични обележја кои ги има ,,Тумба Фест,, како единствен фестивал на светот кој ги негува дијалектите како историско културно наследство на еден народ. Постфестивалските денови, можеби малку нескромно, но ги уживавме во прибирањето на плодовите од сето она што го направивме, да, како што велите уживаме во позитивните критики кои доаѓаат од сите страни- уморот од ангажманот да се направи еден ваков фестивал едноставно го снема, и веќе размислуваме како понатаму, сепак обврската да одиме по нагорна линија во однос на квалитетот на фестивалот не ни дозволува опуштање.
* Убавата и прекрасна вибрација која проструи на фестивалот уште трае и снимките го преплавуваат интернетот. Задоволен сте? Ја постигнавте целта онака како што ја замислувате?
– И повеќе од тоа. Сега по фестивалот едноставно и ние од советот на фестивалот веќе сме свесни што направивме, и ,,Тумба Фест,, како бренд на Куманово беше една од целите кои си ги поставивме уште од 2019 година. Задоволството е присутно, она што го замислувавме го остваруваме, но како што реков, задачата која стои пред нас фестивалот да оди по нагорна линија сметаме дека е обврска која му ја должиме не само на Куманово туку и на сите љубители на шегобијната песна, но не само на шегобијната, туку и на песна која ги опишува адетите, обичаите, ги промовира и зачувува од заборав сите оние аспекти од животот кои во даден временски период биле популарни, секојдневни. Нашата цел и мисија е на еден ваков суптилно шегобиен начин да си го сочуваме нашето културно наследство, кое секако е големо.
* Оваа година “Тумба фест “се извиши… Ако изминатите години, по возобновувањето на фестивалот земавте залет, овој пат навистина направивте голем скок. А работите ги “терате” сам. Колку упорност и работа бараше сево ова?
– Сега се гледа дека ,,залетот,, беше оправдан. Сепак зад фестивалот стои мал но одбран тим, и јас често повторувам, вратите на ,,Тумба Фест,, се отворени за секој оној кој смета дека може да допринесе во развојот на фестивалот, добредојдени се сите, автори, музичари, текстописци, продуценти, сите оние кои сметаат дека на било кој начин можат да допринесат фестивалот да го подигнеме на уште повисоко ниво. Еве овде и би апелирал до сите оние кои ќе ги прочитаат овие редови на ценетиот КУЛ АРТ да се вклучат во организацијата на ,,Тумба Фест,, секој на свој начин за кој смета дека ќе биде од корист. Овде и би се заблагодарил на Вашето медиумско присуство на фестивалот, сепак без подршка од седмата сила ,,Тумба Фест,, нема да биде она што сите го посакуваме.
* Публиката Ве награди со аплаузи, но новинарките и новинарите од другите медиуми се одзваа со најпофални репортажи и текстови. Тоа ретко се случува, обично се бара макар и најмала забелешка. Како да создадовте магија.
– Магијата ја создаваат авторите, продуцентите, изведувачите … Фестивалот е од таков тип што на авторите им дава една широка слобода во изразувањето, во творењето, можеби тука лежи успехот. А можеби и тешките времиња во кое живееме, токму бараат на еден шегобиен начин да се оттргнеме од секојдневието, барем за миг да ја почувствуваме и посветлата страна од животот, којзнае. Како и да е, сепак успехот на фестивалот ги потврдува овие тези. Публиката нѐ награди со аплаузи до болење на дланките, во публиката забележително беше што сите беа насмеани до степен на болки на образите, новинарите- седмата сила не беше можно тоа да го види и да го почувствува, претпоставувам и оттука репортажите и текстовите по порталите беа навистина со најпофални зборови.
* Многу хитови фестивалот продуцираше овој пат, не знам од каде да почнам. Со што ги мотивиравте авторите и интерпретаторите да се вложат себе си максимално, да го дадат најдоброто од себе?
– Уште еднаш би рекол, широкиот спектар на теми на кои може да се твори на ,,Тумба Фест,, неограничената слобода во изразување на авторите, можноста на фестивалот да се твори на најразлични жанрови, сето тоа е една позитивна провокација за да се создаваат вакви квалитетни композиции. И од година во година, вклучувањето на сѐ поголем број на автори го прави фестивалот шаренолик, а верувам дека токму тоа е инстинктот кој ги тера како авторите, така и изведувачите да го дадат својот максимум, но јас се надевам дека сепак има уште и уште енергија кај сите догодина и во годините кои доаѓаат да биде уште поубаво, поквалитетно …
*Како што и новинарите констатираа- најголемата шегобијна ѕвезда Цацко Конопишки со своето “Трио Гранде плус” понуди шоу кое се врежа во сеќавање засекогаш, Ташко Каранфиловски и “Астра бенд” велат пак го украле шоуто и направиле бум со суперхитовската и весела “Неста Преспанска”, Нино Величковски стандардно одличен, но да не набројувам, се испеаја навистина извонредни песни како бисери …
– Цацко мислам дека по прв пат се појавува на еден фестивал, но верувам не и последен. Неговата ,,Дојранска,, испеана на дојрански и кавадаречки дијалект беше навистина големо освежување на фестивалот. Тој беше комплетен автор на песната, и токму тоа како што реков, учеството на се поголем број на автори допринесува и самиот фестивал да избегне од некое ,,клише,, и да се чујат различни и по тематика и по содржина песни. Тоа исто така го прави фестивалот единствен. Ташко Каранфиловски и “Астра Бенд” исто така беа неочекувано изненадување на овогодинешниот ,,Тумба Фест,, како по енергијата која ја прикажаа на сцената (а во неврзан разговор со Ташко ми откри дека енергијата ја црпел од фантастичната публика на плоштадот во Куманово), така и по несекојдневниот текст кој зборува за Иванка – легендарната кукла Ресенска, по која се поистоветуваат сите моми Ресенчанки. Песната беше испеана на Ресенски дијалект што дополнително ѝ дава вредност повеќе, и се надевам на нејзина голема слушаност. Овде би додал дека ќе биде полн погодок доколку песната ,,Неста Ресенска,, доживее свој видео запис – едноставно песната го заслужува тоа.
* “Капак” на сѐ беше мелодијата која никој не ја очекуваше но грмна како химна “Со душа живот украси”. Сосема надвор од контекстот на фестивалот, без нималку шегобијност, но мелодија од која се наеживме сите. Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо! Одамна не бевме слушнале толку убава забавна песна. Како се решивте да ја ставите во репертоарот, не ви беше страв како ќе биде прифатен овој чуден и чудесен “експеримент”?
– ,,Тумба Фест,, нема да биде тоа што е, доколку, би рекол храбро не прави како што велите експерименти. Во минатото имаше неколку такви експерименти, би го споменал учеството на големата ѕвезда од Босна и Херцеговина ДЈ Крмак кој испеа песна која е многу барана по дискотеките во Австрија, Германија и секаде каде што настапува Горан Жижак алијас ДЈ Крмак, е тогаш бевме критикувани, но популарноста на песната која ја изведе на ,,Тумба Фест,, им ги затвори устите на критизерите. Годинава се одлучивме ултра популарните Ѓоко Ѓорчев- македонскиот Том Џонс и нашата прекрасна финалистка од шоуто ,,Никогаш не е доцна,, Јованка Јо која впрочем подеднакво квалитетно ги пее сите музички жанрови, да испеат еден дует кој сите веќе го препознаваат како безвременски хит (дали ќе биде така, времето ќе покаже). За оваа песна веќе има најава дека Ѓоко и Јованка ќе снимат видео запис, доколку тоа се случи, песната навистина по мое мислење ќе стане вистински евергрин. Песната ги освои сите – без исклучок. Јас им посакувам голем успех на Ѓоко и Јованка, и се надевам дека ,,Тумба Фест,, ќе им остане во убаво сеќавање.
* Пред самиот фестивал промовиравте и книга со текстови на најплодниот текстописец на над 50 текстови на кумановски јазик, испеани на “Тумба фест”, “Голем мераклија” од “кумановскиот љубљанчанин”, господин Боби Петковски. А редно е по фестивалот да издадете и цеде кое ќе е во продажба, овде, па и за нашите во дијаспората. Мислам дека сум во право со предлогот.
– Во однос на носачот на звук сосема сте во право, ќе го сториме тоа. Да, како офф-фест содржина на фестивалот имавме промоција на збирка на педесетина песни на досега најплодниот текстописец на ,,Тумба Фест,, од самите почетоци, како некој што кажа ,,Легендарниот радио водител од Куманово,, Боби Петковски. Едноставно, неговиот ангажман, посветеност, љубов кон фестивалот требаше да се круниса со еден ваков чин.
На Боби му посакувам добро здравје, средени мисли, пенкало и тетратка во раце каде и да оди, и да продолжи со својата мисија како една од нераскинливите алки кои ги има ,,Тумба Фест,”.
* Ја гледавме снимката која се емитуваше на Тв Балкан…
– По повод 08 септември, Ден на државноста на нашата татковина се емитуваше фестивалот на фреквенцијата на ,,Балкан Мјузик,, и ние сме им благодарни за просторот кој го издвоија за ,,Тумба Фест,,. Фестивалот ќе биде понуден на сите наши телевизии, а веќе во моментот на оваа интервју го поставуваме на Ју Тјуб каналот на здружението Етно Ризница кое е организатор на фестивалот. Секој кој има желба да го проследи фестивалот само треба да побара https://www.youtube.com/@etnoriznica, тука се поместени сите досегашни фестивали, како и голем број на други содржини кои се во организација на ,,Етно Ризница”.
*Нашиот народ, кога нешто е успешно знае да рече, “сега што ќе му правиш на парите”. Да прашам и јас или прашањето е одвишно?
– Сепак прашањето е одвишно. Иако фестивалот е од меѓународен карактер (оваа година имавме гости од Бугарија и Србија), иако фестивалот е единствен на светот кој ги негува дијалектите како историско културно наследство, сепак не сме препознаени од нашето Министерство за Култура, фестивалот го правиме со скромни средства кои ги имаме благодарение на Советот на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски, на кои би сакал јавно да им се заблагодарам, едноставно да ја немаме нивната подршка, ќе биде невозможна мисија воопшто да го организираме фестивалот.
* Пари нема но задоволство има. Какво е чувството на гордост да се биде директор на успешен фестивал, затоа што на една фестивалска сцена се испишува антологија и историја, кога песните се од оние кои ќе останат да се пеат за вечно, како овој пат на “Тумбафест 2024”.
-Неописливо. Да се биде директор на фестивал каде се испеани ,,Голем Мераклија,,, ,,Цел ноќ ти се к`лну Гинче,, Еј Розике бре комшике,, и многу други кои веќе се обнародени, за кои голем број на луѓе ги сметаат за народни песни, чувството е возвишено, но и одговорноста да се оди по нагорна линија како во однос на организацијата, така и во однос на квалитетот на песните – кога велам песните тука мислам на комплетен продукт, музика, текст, аранжман, сценска изведба, квалитетни пеачи и се останато кое еден краен продукт наречен песна треба да допре до нашите сетила и да бидеме задоволни од понуденото и да го слушаме и слушаме …
Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт
Фото: Далибор Стефановски
***
Фотогалерија од промоцијата на книгата “Голем Мераклија” од Боби Петковски
Фото: Марјан Јаневски Шалајко