Сигурно многу пати сте се запрашале “Каде отиде хуморот кај луѓето?” Забележувате дека сѐ помалку и помалку луѓево се смеат. Времињата и секојдневието ја однеле навиката за смеење, но жарот за искрено и од срце громогласно смеење, тлее во секој од нас.
Најтешка задача е да насмееш некого, велат, особено преку песна, но тоа и тоа како лесно им успева на шегобијните мајстори на познатиот “Тумба фест”, и затоа секогаш се очекува со многу нетрпение.
*На 29 август на плоштадот во Куманово нѐ очекува уште едно издание на единствениот фестивал на шегобијни песни кај нас, “Тумба фест”. Како директор сте посветен со месеци, амбициозно го подготвувате. Што ќе ни понудите на програмата годинава?
-Да токму така, фестивалот го подготвуваме со месеци, впрочем почетоците на организирање на фестивалот започнува утредента по завршување на последниот, значи подготовките траат цела година. Годинава на “Тумба фест” продолжуваме со негување на традицијата фестивалот да понуди квалитетни песни од шегобиен карактер, истите да ги донесат наши еминентни изведувачи, создадени од докажани професионалци текстописци, композитори, продуценти… На програмата ќе има песни со многу интересни тематски содржини од секојдневието, од животот, боемството, ќе има песни кои ќе раскажуваат за интересни историски личности, за карактеристични обележја од разни краеви на нашата земја, и сето тоа искажано на еден суптилен шегобиен начин, секако преточен во исклучително квалитетни композиции. Фестивалот традиционално има меѓународен карактер, оваа година покрај наши изведувачи имаме гости од Србија и Бугарија.
*Генерално, што ќе биде исто, а што различно со претходните фестивали?
-Исто ќе биде местото на одржување на фестивалот- голема сцена на градскиот плоштад во центарот на Куманово, веднаш пред споменикот на кумановската легенда Батко Ѓорѓија. Исто ќе болат дланките од измамените ракоплескања од многубројната публика која ќе биде присутна на местото на настанот, исто најголем дел од песните ќе ги насмеат до солзи присутните и така натаму. Различно од претходните фестивали ќе биде самиот квалитет како на фестивалот во целина, така и на се преубавите рефрени кои ќе се слушнат, благодарение на текстописците кои од година во година ги има сѐ повеќе, а самите текстови се со сѐ поубава и поубава содржина. Оваа година имаме и интересна офф-фест содржина, имено, на денот на одржување на фестивалот, во Занаетчискиот дом со почеток во 13.00 часот ќе ја промовираме збирката на песни “Голем Мераклија” во која се поместени педесетина текстови од самите почетоци на фестивалот па до денес, а создадени од најплодниот текстописец на “Тумба Фест,” Боби Петковски. Збирката на песни го носи насловот “Голем Мераклија” токму заради познатата песна која ја испеа Беки Бекиќ далечната 2000-та година за која многумина не знаат дека е дело на Боби, многумина ја сметаат за народна песна.
* На почеток фестивалот беше затворен само за дијалектот од “куде Тумбу” а сега се отворивте и тоа доста широко и гостопримливо. Од колку места и региони имате песни овој пат, поточно на колку дијалекти ќе се пее?
– Да, веќе неколку години по ред на ,,Тумба Фест,, широко ги отворивме вратите и за другите дијалекти од Македонија, и тоа се покажа како добар потег, песните се сѐ повеќе слушани низ целата земја. Оваа година освен на лумановски ќе се пее и на валандовски, кривопаланечки, дојрански, кавадаречки, врањски и ресенски дијалект.
*Главна атракција во најава, чинам, е Цацко Конопишки, славниот јунак од К- 15. Се насмеав само што го спомнав. За што ќе пее, со своите компањони?
– Хахаха, присуствував на снимањето на песната на Лупчо Бубо Каров и Трио Гранде Плус (Да Лупчо, а не Љупчо), вистинското име му е Лупчо. Песната комплетно е снимена акустично, со комплетно живи инструменти, самото снимање во “Кларион студиото” помина со смеење до солзи. Песната е комплетно авторско дело на Цацко, а ја пее на дојрански и на кавадаречки дијалект. Песната претставува едно многу интересно освежување на нашата естрада, и за очекување е да стане голем хит. Песната е насловена како “Дојранска” ќе пее за дојранските кафеани, за рибите, за езерото, а целото тоа доживување ќе ни го долови со едно интересно патување со воз. Не се сомневам дека песната ќе доживее големи овации на сцената на “Тумба Фест”.
* Што друго ќе е најинтересно за слушање и гледање овој пат?
– Секоја од овогодинешниве песни си носи своја порака. Но сепак интересно е што ја враќаме на сцена примадоната на македонската народна песна Маргица Антевска која ќе ни раскаже што ќе видите кога ќе дојдете во Куманово авторско дело на професор Игор Трајковски, ќе биде несекојдневно доживување да ја чуеме Катерина Брезева и “Соната” со една типична кривопаланечка песна- значи Кате ќе ни пее на кривопаланечки- песна создадена од авторскиот тандем Цане Петров – Фотинула Паскова, ќе бидеме сведоци на еден прекрасен дует финалистката на “Никогаш не е доцна” Јованка Јо и македонскиот Том Џонс – Ѓоко Ѓорчев песна создадена од долгогодишниот тандем Цане Петров- Боби Петковски, Бранимир Стошиќ на автентичен врањски дијалект ќе ни раскаже обидот на еден врањанец да ни ја земе нашата Јовка Кумановка – дело создадено од проверениот тандем Игор Трајковски- Власта Н. Цениќ. Но според мене можеби најинтересното нешто кое ќе се случи на овогодинешното издание на “Тумба Фест” е приказната за локалната хероина куклата Иванка од Ресен, песна создадена од тандемот Цане Петров- Валентина Ѓоргиевска, за оваа песна да звучи апсолутно автентично ќе се погрижат Ташко Каранфиловски и “Астра Бенд” секако на оригинален ресенски дијалект.
* Меѓу големите имиња на македонската фолк музика кои редовно настапуваат, “Тумба фест” откри и едно друго, валандовката Лилјана Прнаркова, позната од учество во валандовско групи, а кај вас како соло интерпретаторка. Годинава ќе ја имаме во две улоги- и како пејачка и како текстописец.
-Да оваа година повторно ни доаѓа второнаградената од Валандовскиот фестивал Лилјана Прнаркова, со проверен авторски тим Јовица Кочковски Џони- Горан Милошески, но, овој пат во тимот се придодава и Лиле како текстописец, и нормално- песна на валандовски дијалект.
*Не секој е роден за хумористична песна, но кога некој се потврдил за добар, местото му е на таа сцена. Да потсетам дека прва шегобијна песна испеана на фестивал кај нас (на Валандово н.з.) е “Чаки Панкерот”, напишана од Јанко Узунов, па може ли да се случи ги слушнеме и видиме “Чаки” и Ѓокица Лукаревски и на “Тумба фест” во некое наредно издание, како и штипскиот актер Раде Рогожаров?
-И “Чаки Панкерот” е песна за која многумина мислат дека е народна песна, што секако претставува огромно задоволство за еден автор, а Јанко Узунов ни остави голем опус и неговите дела ќе живеат уште долго. Се сеќаваме на извонредната сценска изведба на оваа песна на птиците на сцената на “Тумба Фест”. Раде Рогожаров е голем пријател на “Тумба Фест” и оваа година професионалните обврски не му дозволија да се појави на сцената на “Тумба Фест”, но, еве, чувствувам убав предлог, зошто да не, идната година може и да се случи една убав состав Раде Рогожаров – Чаки Панкерот – Ѓокица Лукаревски.
* Кој ќе ја добие наградата за животно дело годинава?
-Советот на фестивалот донесе одлука, оваа година да доделиме две награди за животно дело. Едната оди во рацете на нашата Маргица Антевска, а втората во рацете на големиот пријател и долгогодишен учесник на “Тумба фест”, композитор, продуцент, изведувач, човек кој остави големи хитови, а дел од нив се обнародија господинот Ристо Краповски. Ќе биде вистинско доживување на сцената на “Тумба фест” уште еднаш да ја чуеме култната ,,Цел ноќ ти се к`лну Гинче,, песна изведена токму на Тумба Фест од годинешниве добитници на наградата за животно дело.
*Зошто нема да се купи ЦД со Тумба фест низ годиниве? Годинава ќе го имаме ли тоа задоволство?
-Секоја година издаваме носач на звук со песните од “Тумба фест”, добра Ви е забелешката, годинава ќе се потрудиме да обезбедиме носачи на звук кои ќе бидат достапни до секој оној кој ќе посака да си има ЦД од фестивалот.
*Како Кумановци го доживуваат овој фестивал, некогаш и сега?
-На почетоците Кумановци беа среќни што започна да се организира ,,Тумба фест,, и што Куманово се најде на мапата на фестивалски градови, но тоа траеше шест години, и се прекина одржувањето на фестивалот. Чинам дека сега, со возобновувањето на фестивалот и со неговото одржување секоја година веќе по шести пат, и со чувството дека Фестивалот е сѐ попопуларен, и има сѐ поубави песни кои се изведуваат во секакви пригоди, како и перцепцијата дека Фестивалот е веќе традиционален, Кумановци си го чувствуваат како бренд на градот, и веќе никој и не помислува дека “Тумба фест” ќе престане да живее.
* Воопшто не е истата категорија, но во некој контекст да, навистина се натпреваруваат шегобијните песни со тамбурашите во Куманово. И, како изгледа таа замислена “трка”.
– Куманово е град на шегата, на мајтапчиите, на боемите, на тамбурата, на суџукот и мезал`кот, град кој широко ги отвора вратите на секој добронамерник. Користам прилика на организаторите на Тамбурашкиот фестивал да им посакам убав традиционален 20-ти по ред Фестивал. Куманово дефинитивно е град во кој има место за сите, а ние од “Тумба фест” сме задоволни што нашиот фестивал Кумановци си го чувствуваат како свој.
*Батко Ѓоргија бил мераклија, сѐ што видел убаво, сакал да е негово. А вие како кумановец, имате сличности со него?
-Хахаха. Исто како што Ресенчанките се поистоветуваат со Иванка, ние Кумановци немаме со кој друг туку со Батко Ѓорѓија.
“Изволте, четвртак, 29 август, у 20.00, на плоштад, пред Батка Ѓорѓију, 12-ти Фестивал ,,Тумба Фест,,”
Валентина Ѓоргиевска Парго
***
Дел од учесничките и учесниците на
“Тумба фест 2024”
Лени Партикова
Јованка Јо
Кате и “Соната”
Лупчо Бубо Каров и екипата
Ѓоко Ѓорчев
Ташко и “Астра бенд”
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.