БОБИ ПЕТКОВСКИ: Ние пишувачите сме само “продолжена рака” на Универзумот во служба на подобрување на човештвото

Времето лета минува, но кога ќе се погледнеме наназад сфаќаме што сме сториле со него. Доколку резултатот е убав и корисен навистина нѐ обзема топлина. Горди сме на себе си, на чесноста од својот труд…

*Овие денови беа такви за Вас. Погледнувавте кон своето минато, преку првообјавената книга со неверојатна бројка од 50 шегобијни текстови испеани на “Тумба фест”, насловена “Голем мераклија”, кој инаку е наслов од веќе обнародена песна, промовирана во Куманово на 29 август 2024 година. Па неизбежно е она класично прашање за почеток- како се чувствувате?

– Да! Времето лета и никого не чека. Како низ сон ми минаа последниве триесеттина и кусур години, од студентските амфитетари, па сѐ до улогата на дедо. Кога ќе направам ретроспектива на својот живот, секако дека сум горд. Направив убави нешта и трајни вредности во животот. На прво место би ги ставил наследниците, мое мислење е дека најголемата желба на секоја индивидуа е да остави потомство зад себе, да се продолжи лозата. Му благодарам на Севишниот ми подари два прекрасни сина, од кои постариот пак ми подари преубава внука. Има ли поголема среќа!? Исполнет сум зашто во животот се бавев со убави културни нешта, чиишто плодови ги берам сега. Книжевноста, радиото, музиката, пишувањето на текстови за песни сето тоа ми создава задоволство во душата и едно убаво необјасниво пријатно чувство.

*Официјалната промоција на книгата беше во Домот на занаетчиите во Куманово, на пладне, а неофицијално продолжи во кумановските ресторани и кафулиња, на фестивалот и потоа. Господине Боби Петковски, што мислите, колку се луѓето во денешно време се заинтересирани за едно вакво издание на книга? Сосема необично издание, и згора на тоа што во Која наново е директно врзано за нив, за нивната традиција…

-Што се однесува до промоцијата, во мене се борат две мислења. Само Господ знае кое е исправното. Прво мислам дека го погрешивме терминот на промоцијата на книгата. Сепак 13 часот напладне е време кога поголемиот дел од луѓето се на работа, некои не се осмелија да излезат од дома заради горештините, некои ги совлада вирусот кој деновиве кружи низ Македонија… Второто мислење за кое дај Боже да грешам е тоа дека дојдоа такви времиња една дигитална ера која ги направи луѓето помрзеливи, кога сѐ на дланка им сервира интернетот, мобилните телефони и компјутерите. Сивите мозочни келии остануваат неактивни и помалку развиени, луѓето се оддалечија од класичните вредности, читањето на книги, весници, сѐ она што е во физичка материјална форма. Но, како и да е задоволен сум и искрено благодарен на оние што имаа волја и најдоа време и начин да присуствуваат на промоцијата, можеби на некоја идна втора промоција ќе биде помасовно.

* 50 текста за еден град. Што е многу, многу е, ама штом е од Вас, можно е уште многу други на истата тема. Поточно, зачудувачко е. И сите успешни, шеговити и штосни. Од каде толку инспирација? 

– 50 текста со една иста тематика- хумор, сатира, шегобијност… на локално па и на пообемно ниво е навистина фасцинантна бројка, но дури сега ги апсолвираме како множество. Во годините наназад кога ги пишував тоа беше само “домашна задача” во однос на фестивалот и ништо повеќе. Ниту на крајот на умот немав таква желба, амбиција и идеја дека еден ден ќе се најдат помеѓу две корици со наслов. Инспирацијата е секаде околу нас, можеби ќе звучи малку препотентно, но само ние пишувачите, поетите, Господ нѐ надарил со таа “антена”, “сензор” да ги восприемаме нештата во случајов стиховите и да ги запишеме на хартија (па макар била тоа и на хартија од шеќер, како што е запишана “Голем мераклија”). Сите нешта постојат во вселенската библиотека која се вика Акаша, ние кои сме од Бога обележани да носиме нови работи во секојдневието, научниците, изумителите, иноваторите, писателите сме само “продолжена рака” на Универзумот во служба на подобрување на човештвото.

(Со Вили Ресник од ” Поп дизајн”, победници на Макфест 1991)

* На промоцијата допатувавте од Словенија, од Љубљана, каде што живеете 15 години. Мислам дека заради тоа и се стркала по некоја скриена солза, или погрешно заклучив?

– На оваа прашање ќе ви одговорам кратко и малку филозофски, но се надевам дека ќе бидам разбран. Пред 15-тина години едвај чекав да го земам куферот во раце и да “избегам” надвор во “бел свет”. Како стареам- едвај чекам да го земам куферот в раце и да се вратам дома. Помудри луѓе од мене рекле: “Каменот си тежи на своето место!”.

*Што се промени во Вашиот живот од мигот кога го напуштивте Куманово, сѐ до денес?

– Многу работи и нешта се променија. Најпрво се промени физиономијата на мојот роден град. Го нема тоа мое Куманово од моето детство и младост, но иако тоа ме прави како странец во сопствениот град сепак го прифаќам нормално, зашто градот е “жива материја” која мора да расте и да се менува тоа е неодминливо и неизбежно. Се променив и јас, на некој начин созреав, а маката ќе те натера да созрееш, сам во туѓа земја, без роднини, пријатели. Друга средина, друг менталитет, други навики и традиција. За моја среќа па се најдов во една стабилна, уредена и културна околина од којашто впивав, чувствувам дека сум подобар и поквалитетен човек. Во Словенија научив да го подигнам нивото на мојата култура на повисок “левел” и во однос кон луѓето, животната средина, животните и воопшто во сите сфери на живеење и благодарен сум за тоа.

(Со овогодинешната евровизиска претставничка Раивен)

* Да се вратиме во деведесеттите. Од таму почна сѐ. А таму се роди и Вашата кариера. Најпрво, како радио водител, за сега да ве наречат легендарен, самите Кумановци. Како изгледаа тие?

– Искрено на личен план 90-тите беа за мене убави години во однос на градењето на кариера како радиоводител, како музичар, гитарист, тогаш и сосема случајно започнав да пишувам текстови за песни. Градот и сограѓаните од тој период ги имам во меморијата како збунети и заталкани во вселената. По мирниот социјалистички живот, оддеднаш како со секира некој го пресече тој начин на живот и ни воведе демократија. Излезе Госпоѓата Емилија Гелевска колешката од МРТВ на вестите една вечер во 19.30 и рече: “Добра вечер Дами и Господа ” и сѐ се промени… Да не зборувам за мирисот на барутот кој доаѓаше кај нас од соседните земји. За наша голема среќа тогаш имавме авторитативен и мудар претседател на државата и поминавме онака безгрижно и лежерно…

* Во тоа време сите бевме едно, ние децата од таа генерација и ден денес се чувствуваме припадници на држава од Вардар па до Триглав, но во тоа време со гордост создаваме и нешто што се вели своја држава. Или барем бевме сведоци како другите ја создаваа. Во рамките на тоа е создаден и фестивалот на кои царувате како текстописец. “Тумба фест”. Роден во Дојран…

– Во право сте идејата за “Тумба фест” се роди во времето на државата “од Вардара па до Триглава”, поточно во Нов Дојран, на терасата на еден хотел каде што јас како млад новинар репортер од фестивалот Валандово за радио Куманово, бев само нем сведок без право на глас зашто бев “чирак” и морав да ги почитувам поголемите пера од мене и големите музички ѕверки. Тоа беше таа хиерархија, но можеби така требало да биде, само да си молчам и да впивам за да денеска говорам за тоа. Среќен сум што бев во такво друштво и што од прва рака ги имам информациите и анегдотите од тоа време сето тоа под заеднички именител се нарекува- искуство.

(Со поп пејачката Алиа)

*Оваа година бевте застапен со два- три текста, и една навистина маестрална поп песна но без нималку шегобиен призвук “Со душа живот украси”.

-Бројот на моите текстови кои ќе бидат облечени во ноти од година в година варира, зависно од тоа колку и на кој начин ке ги инспирираат композиторите да создадат музика. Никогаш не сум ” пател” за тоа колку текстови ќе имам. Бројката стигнувала и до 8, 9 но тоа не е мерило за квалитет и слушаност, сепак последниот збор го кажуваат слушателите и гледачите. Годинава имав пет текста: “Срам ќе нѐ изеде” исполнета од дуото Ирена и Цане, “После свадба тапани”- Лени Партикова, “Удри бригу на бесеље”- група “Династија”, “Ама памет не дојде”- Нино Величковски и песната која што не само по моето мислење туку и по мислење на публиката, а и според коментарите на социјалните мрежи се вивна како огномет во небото и направи фасцинантен впечаток, а тоа е “Со душа живот украси” која маестрално ја донесоа на сцена моќните гласови на големиот и респектиран наш пејач Ѓоко Ѓорчев и секако впечатливиот и прекрасен глас на Јованка Јо. Неизмерно сум им благодарен кога ја гледам и нивната среќа и благодарност кон мене за прекрасниот текст со голема животна порака, секако сето тоа маестрално спакувано од мајсторот на својот занает композиторот и аранжерот Цане Петров, со кого соработуваме 30 години.

* Запеавте на постфестивалската журка, не и на сцена, можеби дека Ваш роден град, а на домашен терен малку се сепнува човек, дали тоа ќе му помине или не. А дека пеете паметиме од времето кога во Србија имавте соло обид…

– Мојата немирна музичка душа никогаш не останува рамнодушна на песни и веселби, па на афтер забавата зедов микрофон онака од мерак, не сум професионален пејач и немам такви амбиции иако имам снимено албум (прв и последен) на српски јазик далечната 2005 во Србија. Се трудам да бидам мулти- култи да ги спојам сите таленти што ги поседувам и редењето стихови и пеењето и играњето со ноти имено свирам неколку жичени инструменти од кои примарна ми е гитарата, единствено “женско” кое досега никогаш не ме изневерило и која никогаш не ја боли главата кога ќе ја земам во рацете.

*Сепак подобро е да се држите во пишување на текстови таму е Вашиот максимум и магија. Ветивте дека догодина ќе напишете и книга со анегдоти како се тие создавани- песните. Дотогаш би сакала да ги слушнеме анегдотите за “Голем мераклија” и за “Богородице”…

– Да се согладувам од сите наброени таленти некако најлесно, најубаво па и велат дека тука сум на свој терен ми оди пишувањето на текстови. Секогаш ми навираат стиховите и секогаш морам да имам парче хартија со мене и пенкало барем досега беше така. Пред извесно време се почестив самиот себеси со најновиот телефон Самсунг Галакси таб А23 кој има извонредни можности и кој сега ми помага да пишувам текстови дури и во автобус и насекаде каде што ќе се роди идејата. Анегдоти се премногу, јас љубоморно ги чувам за некоја книга, само ќе напоменам дека 50 текста кои се вметнати во книгата се напишани само во служба на фестивалот “Тумба фест ” ионака севкупното мое творештво заедно со фестивалските и соло проектите достигнува бројка до 300 и нешто повеќе снимени песни. Секако тука не е крајот.

(Со најубавиот женски вокал Серена Гјурин)

*Книгата кога ќе следува претпоставувам ќе ги има и моментите со Цеца, Весна Змијанац, Кнез, словенечките ѕвезди и можеби уште нешто во најава. Вие добро соработувате и со словенечките ѕвезди.

– Што се однесува до словенечките ѕвезди- ме запознаа, ме прифатија и соработувам со нив, на пример со најпопуларната поп пејачка Аља ѝ напишав еден летен хит во кој се најдов и во спотот како гитарист, се имам запознаено со целата словенечка естрада и имам остварено доста соработки последното запознавање ми беше со словенечката претставничка на Евровизијата Раивен. И не само со пејачите паралелно се дружам и со глумците, актерите зашто открив дека имам талент и за глума така што во моето актерско портфолио се околу пет словенечки серии во кои што глумам епизодни улоги. Победив и на неколку ТВ квизови, накратко се трудам своето слободно време да го исполнам креативно и корисно.

(Со евровизиската пејачка Ребека Дремељ)

*Заминувате за Словенија овој пат со полно срце по сѐ што се случи сиве денови, кога е заокружен еден дел од Вашата кариера. Кога ќе ни дојдете пак?

– За жал во сабота на 7 септември заминувам назад во Словенија каде што сум работно ангажиран и верувајте од година в година се потешко ми паѓа разделбата со семејството, пријателите, градот и државава… Броените денови бргу минат, но ги исполнив со многу настани, дружења убави и пријатни моменти кои ги наполнија батериите на мојата душа до наредното доаѓање, тоа секако е поврзано со “Тумба фест” 2025. Дотогаш останете ми во добро здравје и со добра мисла.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

(со актерот Себастиан Каваца)

(со евровизиската пејачка Тинкара Ковач)

(со пејачката Неиша)

(Со Ребека Дремељ, евровизиска претставничка)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.